За децата и за оние што се чувствителни

19.06.2014 01:36
За децата и за оние што се чувствителни

Кон Париз без здив
на коњ што е сив
Кон Невер на прелет
на коњ што е зелен
Кон Исоар и да врне
на коњ што целиот црн е
Ох, колку ни е убаво, колку ни е убаво!
Ох, колку ни е убаво, колку ни е убаво!
Диии!

Зошто ѕвоната ѕвонат
праша ќерка ми Ивона.
Кој е мртов во Перпињан?
Жена на еден капетан!
А во Ла Рошел зошто чука?
За полковниковата внука!
Во Епинал смртта кого зела?
На десетарот жената, велат!
Диии!

Кон Париз сега сврти го патот!
Во Париз што ќе ми купиш, тато?

За роденденската веселба твоја
ќе ти купам шапка лешник-боја
и чантичка од сатен мала
рацете твои да ја галат
и сонцобран од свила бела
да има рачка со украс-желад
и наметка со шари златни и алови
кожни чевлички портокалови
само в недела што се носат
ѓердан и панделки за коса.
Диии!

Ѕвоната сега ѕвонат
за да ги слушне Ивона!
Ѕвоното во Париз отчукува девет
време е да се оди в кревет.
Ѕвоното во Ножан сега бие
и на татко ти му се спие.
А ѕвоното од Живе знак ни дава
глава на перница да се става.
Нее! Уште малкуцка сакам!

Купи ми кочија од железо и бакар
да тропа и да прави врева
напред и назад прав да крева.
Вардете се чуварки на пруга во сино палтенце
еве иде Ивона со нејзиното татенце!
Диии!

Препев: Влада Урошевиќ
Слика: Jeff Troldahl

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото