1012 hPa
100 %
16 °C
Скопје - Саб, 05.10.2024 07:59
Бразилските навивачи кои се опседнати со фудбалот ќе бидат восхитени доколку нивниот национален тим, познат како „ Pentacampeões“, или петкратни шампиони, го освои светскиот куп на домашен терен. Но, оваа година, иако светското првенство се одржува во земја која е синоним за спорт, многу Бразилци и Бразилки не се возбудени заради натпреварувањето.
Тие го бојкотираат најголемото фудбалско случување во светот и го користат како можност да посочат некои од долготрајните општествени болки на оваа земја. Судејќи според истражувањето што го објави Истражувачкиот центар Пју, 72% од жителите на Бразил не се задоволни од својата земја.
Големата цена на турнирот од 11 милијарди долари ги разгневи Бразилците и Бразилките кои сметаат дека тие државни средства требаше да се наменат за финансирање училишта, здравствена заштита, домување, превоз и други социјални проекти за урбан развој, наместо да се потрошат за нови стадиони и екстравагантни спортски случувања.
Неволјите на оваа земја, особено оние кои се однесуваат на тешкиот криминалитет, синџирите со дрога и насилството, имаа лош одек во медиумите, но можеби повеќе заради грижата за странците кои ќе дојдат на натпреварите, а не заради неволјите на Бразилците и Бразилките. Во секој случај, лошата медиумска слика сигурно е непријатна за владата која се надева дека ќе го изведе Бразил на светската сцена. И во овој момент, дури ни националната фудбалска гордост не може да ја стабилизира хаотичната состојба во која се наоѓа земјата пред свеченото отворање.
Додека Бразил се напрега да пикне под тепих некои од своите грижи пред претстојното натпреварување, еве некои од проблемите кои би можеле потенцијално да го нарушат меѓународниот фестивал на фудбалот:
1. Демонстрации против светското првенство
Минатата година на 12 јуни најмалку еден милион демонстранти излегоа на улиците во барем 80 градови ширум земјата и тоа незадоволство сè уште врие.
Преводот на еден од популарните протестни слогани: „Светско првенство за кого?“, погодува во нерв многу жители од Рио де Жанеиро кои мислат дека тоа случување е повеќе за туристите отколку за самите Бразилци, судејќи според новинарот од Рио, Тарик Панџа.
Меѓу оние кои протестираат против турнирот има државни работници, домородни групи(ЛИНК), жители од предградијата, бездомници и најрадикалниот елемент, групите од црниот блок(ЛИНК), кои се составени од млади луѓе од пониската средна класа кои настојуваат да употребат понасилни тактики за протестирање за време на светското првенство.
Исто така, протестите укажуваат на неспокојството кое е предизвикано од неолибералните мерки на владата, заради кои јавните фондови се трошат за приватни иницијативи, како светското првенство. Благодарение на негрижата на јавните служби, како и заради раширената корупција, јазот помеѓу богатите и сиромашните во Бразил е дополнително проширен.
2. Недовршен фудбалски стадион
Не може да има свечено отворање на светското првенство без довршен стадион. Речиси осум дена пред величественото отворање, на фудбалскиот стадион во Сао Паоло сè уште му се потребни дополнителни завршни активности. Трибините и покривот не се функционални и потребно е уште да се гради и да се монтира за да се дотера голата фасада. Владата потроши милијарди за развојни проекти на светското првенство и резултатите се далеку од совршени.
3. Неволји со транспортот
Една од главните причини за протестите во јуни 2013 беше поскапувањето на билетите за јавен превоз. По повеќемесечни демонстрации, властите во Сао Паоло и Рио одлучија да го укинат поскапувањето на билетите за превоз. Судејќи според анкетата на Истражувачкиот центар Пју, 76% од населението сè уште не се задоволни од службата за јавен превоз во Бразил и повеќето проекти за подобрување на транспортот кои се ветени пред светското првенство, сè уште не се завршени.
И немирите продолжуваат: возачите на автобуси кои бараат поголеми плати неодамна штрајкуваа во Сао Паоло, затворајќи половина од автобуските терминали во градот. Тоа доведе до невидени метежи во подземната железница, со 300.000 луѓе кои се обидуваат да се превезат до нивните домови, и доведе до конфликти помеѓу гневните граѓани и надлежните за транспорт. Возачите на камиони, исто така, протестираа против поскапувањето на државните казни за паркирање на местата кои не се предвидени за тоа, па огромните возила го блокираа сообраќајот во јужното бразилско пристаниште Парангва.
Се очекуваат приближно 3,7 милиони посетители за време на светското првенство. Порастот на бројот посетители, заедно со проблемите во транспортот, веројатно ќе значат неволји.
4. Штрајкови на полицијата
Додека возачите на автобуси сè уште ги чекаат резултатите, протестите на федералната полиција во Бразил се покажаа како поуспешни. 250.000 полицајци кои бараа поголеми плати добија зголемување од 15,8% почнувајќи од јуни, за да се спречат понатамошните протести. Немањето оперативна полиција пред самиот почеток на светското првенство би довело до сериозни безбедносни закани. Би Би Си известува дека полицискиот синдикат Фенапеф се согласил да го прекине штрајкот за време на светското првенство. Но, возачите на автобуси, наставниците и другите државни работници би можеле повторно да штрајкуваат.
5. Насилството на бандите
„Сламовите“, или фавелите, обично се места на кои доаѓа до конфликти на бандите и друго насилство. Од 2008 година, бразилската влада ја институционализираше програмата за „пацификација“ за да ги обезбеди Рио и другите области пред одржувањето на светското првенство како и летните олимписки игри во 2016 година. Новите полициски станици во фавелите вклучуваат 9.000 полицајци, а некои жители жестоко реагираа на порастот на присуството на полицијата.
6. Војни за дрога
Неодамна, полицијата се обиде да воведе ред во нарко-картелите во фавелата Маре, која се наоѓа веднаш покрај меѓународниот аеродром. Полицијата и бразилските маринци ги избркаа лидерите на картелот (drug lords) и бандите од сиромашниот дел од градот, во кој живеат 130.000 луѓе.
Северно од стадионот Маракана во главниот град на Бразил, Рио, зависниците од крек живеат во фавелата Jacarezinho, која кај народот е позната како „креколандија“, или земја на крекот. Бразил е на прво место според потрошувачката на крек во светот и полицијата се бореше против бразилскиот проблем со дрогата со рации и со присилно иселување пред светското првенство.
7. Присилни иселувања
Владата исели околу 250.000 семејства од нивните домови во градовите ширум Бразил за да направи повеќе место за случувањата на светското првенство. Главно, тоа се случува во областите каде се населени оние со ниски примања и во фавелите близу до спортските стадиони. Оние кои се иселени обично се борат да пронајдат нови домови, а ги преместуваат во непожелни станбени алтернативи, не се во состојба да преговараат со владата и не добиваат соодветна компензација од државата.
8. Бруталноста на полицијата
Неодамнешниот пораст на присуството на полицијата во фавелите доведе до насилни рации против криминалците и конфликти во кои на ризик се изложени невини луѓе. Бразилските полицајци ги бие глас дека користат екстремна сила, особено против оние кои се бунтуваат. Се проценува дека бразилските сили за безбедност убиваат 2.000 граѓани секоја година, судејќи според Amnesty International.
Минатата година, силите за безбедност на Бразил им се нафрлија на мирните демонстранти со солзавец и гумени куршуми за време на Купот на конфедерации на ФИФА.
9. Затворање на најголемите пазари во Бразил
Пазарот Фиера де Сао Жоаким во Салвадор де Бахиа, кој често го посетуваа сиромашните, е затворен заради реновирање. Исто така, владата имаше намера да го спречи криминалот на пазарот пред светското првенство со полициски рации против дилерите на дрога и другите криминалци. Продавачите и жителите на фавелите се потпираа на пазарот и сега се без работа и мораат да се борат за да купат намирници по пристапни цени. Засега, изградбата на стадионот за светското првенство го запира и го остава настрана проектот за обнова на пазарот.
10. Епидемијата на грозницата Денга
Вирусната инфекција која ја предизвикува женка комарец веќе е присутна одредено време во Бразил, со проценети 1 милион случаи во просек секоја година – што е најмногу на светот. За време на летните месеци има уште повеќе комарци и избивањето на грозницата Денга го погоди најголемиот град во Бразил, Сао Паоло и Кампинас на југоисток. Градските работници се обидуваат да исчистат делови од градот од aedes aegypti комарците кои ја пренесуваат болеста со прскање на заразените подрачја со пестициди. Грозницата Денга би можела да се прошири на туристите кои патуваат во и надвор од Бразил.
11. Секс туризам
Малолетничката проституција стана голем проблем во Бразил, каде се проценува дека 250.000 деца сексуално се злоупотребуваат секоја година. Организациите за заштита на човековите права утврдија пораст на детската проституција за време на светското првенство во другите земји како Јужна Африка или Германија. Тие организации се загрижени дека сиромашните малолетници ќе бидат принудени на секс од страна на туристите. Се проценува дека 600.000 странци ќе дојдат во Бразил заради светското првенство.
Извор: www.policymic.com, 6.06.2014.