Како Викиликс ни ги отвори очите за илузијата на слобода

20.06.2014 11:26
Како Викиликс ни ги отвори очите за илузијата на слобода

Ги памтиме годишнините од значајните настани во нашата ера: 11 септември (не само оној во 2001 година кога е извршен нападот на кулите близначки, туку и оној од 1973 година кога е извршен воениот преврат против Аљенде во Чиле), Денот Д итн. Можеби уште еден датум треба да се додаде на овој список: 19 јуни.

Повеќето од нас сакаат во текот на денот да се прошетаат и да вдишат чист воздух. Мора да постои добра причина за оние кои не можат да го направат тоа - можеби во тоа ги спречува природата на работата (рудари, екипаж на подморница), или чудна болест поради која излегувањето на сонце е опасно по животот. Дури и затворениците добиваат своја дневна прошетна на свеж воздух.

Денес, на 19 јуни, точно две години откако на Џулијан Асанж му е одземено ова право: тој трајно е ограничен во станот во кој се наоѓа амбасадата на Еквадор во Лондон. Ако излезе од станот, веднаш ќе биде уапсен. Што направи Асанж за да го заслужи тоа? На некој начин, можеме да ги разбереме властите: Асанж и неговите колеги свиркачи често се обвинуваат дека се предавници, но тие се нешто многу полошо (во очите на власта).

Асанж си додели на себе улога на „шпион за народот“. „Шпионирањето за народот“ не е само обично предавство (како што би било ако тој е двоен шпион, кој ги продава нашите тајни на непријателот); тоа е нешто далеку порадикално. Тоа го подрива самиот принцип на шпионирањето, принципот на тајност, бидејќи неговата цел е да ги направи тајните јавни. Луѓето кои го помагаат Викиликс повеќе не се свиркачи кои ги разоткриваат илегалните работи на приватните компании (банки, тутунски и нафтени компании) на властите, тие ја разоткриваат пред пошироката јавност токму таа јавна власт.

Всушност, од Викиликс не дознавме ништо за кое веќе не претпоставувавме дека е вистина - но едно е да се знае нешто воопштено, а друго е да се добијат конкретни податоци. Тоа е малку како кога знаете дека вашиот сексуален партнер „мрда со опашката“ наоколу. Можете да го прифатите апстрактното сознание за тоа, но болката се јавува кога ги дознавате сочните детали, кога добивате слики од она што го правел.

Кога се соочува со такви детали, зарем секој пристоен американски граѓанин не би се почувствувал длабоко посрамен? До сега ставот на просечниот граѓанин беше лицемерно порекнување: порадо ги игнориравме валканите работи кои ги извршуваат тајните служби. Од сега не можеме да се преправаме дека не знаеме.

Не е доволно да се гледа на Викиликс како антиамерикански феномен. Државите како што се Кина и Русија се многу порепресивни од Америка. Само замислете што би се случило со некој како што е Челзи Менинг во кинеска судница. Најверојатно не би имало јавно судење, таа едноставно би исчезнала.

Америка не постапува кон затворениците еднакво брутално - поради својата технолошка приоритетност, едноставно не ѝ е потребен отворено брутален пристап (кој е повеќе од спремна да го примени по потреба). Но затоа Америка е уште поопасна закана за нашата слобода од Кина: нејзините мерки за контрола не се доживуваат како такви, додека кинеската бруталност отворено се покажува. Во земјите како што е Кина, границите на слободата на сите им се јасни, без илузија за слободата.

Меѓутоа, во Америка формалните слободи се загарантирани, така што повеќето поединци ги доживуваат своите животи како слободни и дури не се ни свесни во која мера ги контролираат државните механизми. Свиркачите прават нешто поважно од констатирањето на она што е очигледно, како што е разоткривањето на отворено репресивните режими: тиа ја покажуваат пред јавноста неслободата која лежи во позадина на ситуацијата во која ние се доживуваме себеси како слободни.

Во Мај 2002 година, јавено е дека научници од универзитетот во Њујорк му вградиле на глушец компјутерски чип кој може да пренесува елементарни сигнали директно во мозокот на глушецот - овозможувајќи им на научниците да ги контролираат движењата на глушецот со помош на механизам за управување, како оној кој се користи за автомобилите-играчки на далечинско управување. Првпат машина му ја одзела слободната волја на едно живо суштество.

Како несреќниот глушец ги доживувал своите движења, кои некој успешно ги одредува однадвор? Дали бил сосема несвесен дека некој управува со неговите движења? Можеби во тоа лежи разликата помеѓу кинеските граѓани и нас, слободните граѓани од западните, либерални земји: кинеските човечки глувци барем се свесни дека ги контролираат, додека ние сме глупави глувци кои се шеткаат наоколу несвесни дека нашето движење се надгледува.

Дали Викиликс копнее да оствари невозможен сон? Дефинитивно не, а доказ е тоа што светот веќе се промени од нивните откритија.

Не само што дознавме многу за илегалните активности на Америка и другите големи сили. Не само што откритијата на Викиликс ги ставија тајните служби во дефанзива и покренаа донесување на заони кои треба подобро да ги контрлираат. Викиликс постигна многу повеќе од тоа: милиони обични луѓе станаа свесни за општеството во кое живеат. Нештото што досега само премолчено го толериравме како непроблематично стана проблематично.

Затоа Асанж е обвинет дека нанесол толкава штета. Па сепак, нема насилство во тоа што го прави Викиликс. Сите ја знаеме класичната сцена од цртаните филмови: ликот стигнува до крајот на подлогата, но продолжува да трча, игнорирајќи го фактот дека нема тло под нозете; но почнува да паѓа дури кога ќе погледне долу и ќе ја забележи бездната. Она што го прави Викиликс е потсетување на оние на власт да погледнат долу.

Реакцијата на преголем број луѓе на кои медиумите им го испраа мозокот на откритијата на Викиликс може најдобро да се сумира со впечатливите стихови од последната песна во филмот „Нешвил“ на Алтман: „Може да кажеш дека не сум слободен, но тоа не ме засега“. Викиликс н' загрижи. А за жал, на многу луѓе тоа не им се допаѓа.

Извор: The Guardian, 19.06.2014

ОкоБоли главаВицФото