1032 hPa
61 %
7 °C
Скопје - Пет, 13.12.2024 12:59
Професорот Љубомир Фрчкоски, освен што е познавач на меѓународно право, е човек што има преговарачко искуство. Беше дел од тимот што ги водеше преговорите за Охридскиот договор, а беше присутен и во преговорите за настаните од 24 декември. За „Слободен печат“ Фрчкоски вели дека за политичка партија е многу тешко начелно да одбие преговори и додава:
- Проблемот на СДСМ е што тој не покажа добро во претходните преговори со ВМРО-ДПМНЕ и има трауматични искуства. Особено е лошо кога ВМРО-ДПМНЕ го завлекува СДСМ со преговори за некакви „големи“ и „реформски“ зафати, кои треба да бидат одобрени од парламентот, со што целосно се топи поентата на потегот на опозицијата да го напушти Собранието. Затоа, прашањето не е дали, туку за што и како да се преговара.
- За што би преговарале вие да сте на местото на Заев?
- Она за што не треба да се преговара е некаква долга листа на „реформски потези“, та дури и под претпоставка сите тие да се на место и да се потребни. Тоа би бил еден лажен процес на преговори, со кој СДСМ де факто нема да добие ништо, а власта ќе добие сè. Враќањето на СДСМ во парламентот и процесот на разговори за „реформи“ кој би можел да оди бесконечно, ќе добијат поддршка од Брисел, а тоа значи дека Груевски нема да има негативни последици и ќе ја сочува препораката. Во такви, според моето мислење лажни преговори, премиерот би можел да се покаже како џентлмен и да ги прифати сите барања на опозицијата. За него тоа не е проблем, бидејќи ќе ги стави во некаков „процес“, во некаква временска рамка, а на почетокот ќе добие позитивен импакт, што му е најважно.
- Како да се избегне тој трик?
- СДСМ агендата на преговорите треба да ја сведе на суштествениот минимум, на она најважното. Да се потсетиме на преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои резултираа со Мајскиот договор. Преговарачката позицијата на ДУИ беше практично сведена на едно прашање, да се биде во власта и – точка! Овој пат СДСМ мора да се води од фактот дека се судира со режим што целосно ги еродира демократските институции и демократијата воопшто. Не смее да има илузии дека некакви институционални реформи од техничка природа ќе дадат резултат.
- Што би требало да биде првото и клучно барање на СДСМ?
- Мора да се направи договор за техничка влада. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ треба да се договорат кои партии ќе учествуваат во таа нова влада и како ќе се распределат ресорите. Притоа, според моето мислење, а тоа се гледа и од извештајот на ОБСЕ/ОДИХР, има неколку министерства кои апсолутно мора да ѝ припаднат на опозицијата, за да се елиминира можноста за вршење притисок врз изборниот процес. Тоа се, пред сѐ, ресорите внатрешни работи и финансии.
- Ставете се во кожата на Груевски. Зошто тој би прифатил ваков предлог?
- Секако, тешко е тоа да се прифати. Но, има мотив да прифати, зашто една таква влада би имала мандат да организира нови избори за шест месеци, на пример, а Груевски би се надевал дека ќе победи и на тие избори, иако можеби не со олкаво мнозинство, но во секој случај со еден друг легитимитет. Тоа би било едно катарзично миење од корупцијата и од кражбата на досегашните избори. Од друга страна, тој би добил бавност во процесирањето на криминалот на сегашната власт, бидејќи техничката власт не би имала капацитет за такво нешто. Би била амортизирана расправата за крупните корупциски скандали. Накусо, целата слика и кон внатре и кон надвор би била подобра и порелаксирана.
Има уште едно прашање што јас би го поставил на агендата на таа нова влада. Таа може да го постави преговарачкиот процес за решавање на спорот на Македонија со Грција на вистински нозе.
- Што значи тоа конкретно?
- Тоа значи дека таа влада може посериозно да ги структурира преговорите. ВМРО-ДПМНЕ е внатрешно блокирана и таа тоа не може да го направи. Тоа битно ќе ја подобри нашата позиција на меѓународен план, а индиректно ќе го зајакне и политичкиот легитимитет на ВМРО-ДПМНЕ. Значи, тоа се трите клучни точки на кои треба да се фокусираат преговорите: нова влада, нови избори и структурирање на преговорите со Грција. Ако падне договор за овие прашања, тоа би можело да предизвика еден нов, да не речам херојски моментум и за опозицијата и за Македонија.
- Дали е опозицијата спремна за такво нешто?
- Ова е голем предизвик и голема шанса за опозицијата. Таа можеби може да го преживее лошиот изборен резултат, но лошо преговарање и лош исход од преговорите, таа сигурно нема да може да преживее.
Извор: Слободен печат