Не е мит: Трауматското детство произведува насилници

21.06.2014 10:22
Не е мит: Трауматското детство произведува насилници

Клиничките психолози и психијатри одамна знаат дека животната историја на возрасниот насилник безмалку задолжително содржи поглавје за трауматско детство. Благодарение на современите техники за невропресликување, најпрвин функционалната магнетна резонанца (fMRI), истражувачите добија можност буквално да нурнат во мозокот на насилникот. Откриено е дека мозокот на абнормално агресивниот човек се разликува од мозокот на „нормалните“ луѓе, на два значајни начини: (1) хиперактивна амигдала – структура на лимбичкиот систем задолжена за генерирање емоционални реакции и „запишување“ емоционални компоненти на сеќавањето; (2) хипоактивен орбитофронтален кортекс – дел од предфронталниот кортекс, меѓу другото задолжен за нашите одлуки и однесување да се приспособат на социјалниот контекст.

Од аспект на мозокот, мошне јасно е зошто насилникот е насилен. Неговата хиперактивна амигдала го прави премногу чувствителен на предизвик и стрес, генерирајќи предимензионирана реакција. Истовремено, неговиот хипоактивен орбитофронтален кортекс не е во состојба да интегрира инпут, кој го добива од амигдалата, со информации за поширокиот контекст, што во типични услови би резултирало со инхибиција на агресивните импулси. Пластично кажано, насилниот поединец не го слуша внатрешниот глас: „Изброј до десет, смири се, тоа е само дете“.

Додека од аспект на мозокот нештата се можеби сосема јасни, барем врз основа на сето тоа што го знаеме за функциите на амгидалата и предфронталниот кортекс, врската помеѓу трауматското детство и невралните абнормалности карактеристични за мозокот на возрасниот насилник бара посебно објаснување: Дали трауматските настани во детството можат да доведат до трајни, физички промени на мозокот?

Енигмата е покомплицирана дотолку што е невозможно да се дизајнира експеримент кој би понудил недвосмислен одговор на поставеното прашање. Имено, незамислива е студија за чии потреби децата намерно се изложуваат, на пример, на физичко или ментално злоупотребување, за неколку години подоцна, со невропресликување да се провери дали мозокот на сега пораснатите субјекти покажува карактеристики на насилен мозок.

Психолошката траума го менува мозокот

Тоа што не можете да го направите со луѓе, можете да го направите со лабораториски глодари (за жал, не е можно поинаку). Кармен Санди, професор по бихејвиорална генетика на Политехничката академија во Лозана, предводи мултидисциплинарен тим истражувачи кои веќе со години се занимаваат со проблемот на насилничкото однесување. Неодамна, во списанието Transnational Psychiatry, објавија резултати од експерименти, изведени со глувци, кои покажуваат дека траумите од детството доведуваат до трајни промени на мозокот и произведуваат агресивно однесување.

Санди и нејзиниот тим изложиле група машки глувци, стари помеѓу 28 и 42 денови, што е период кој кај луѓето одговара на предпубертетската возраст, на два видови стрес: (1) ненадејно изместување од нормалното окружување на кое се навикнати; (2) мирисање на просторот во кој престојуваат со мирис на лисица, нивниот природен предатор.

Откако пораснале, експерименталните глувци се однесувале далеку поагресивно во секојдневната и меѓусебна интеракција, како и во интеракцијата и со другите глувци од двата пола, во споредба со контролната група глувци на иста возраст, кои не биле вклучени во процедурата за изложување на стрес.

Санди и нејзиниот тим првенствено ги интересирало дали на мозокот на експерименталните глувци можат да се утврдат промени/разлики во однос на мозокот на контролните субјекти. Ги нашле: (1) зголемена, хиперактивна амигдала; (2) хипоактивност на невроните во орбитофронталниот кортекс. Накратко, промените на мозокот кај глувците кои во детството биле изложени на трауми, во целост се совпаѓаат со промените карактеристични за возрасните луѓе, наклонети кон агресивно и насилничко однесување, чие детство било трауматско.

Психолошката траума ја „менува“ ДНК

Не ја менува буквално. Структурата на генетскиот код останува недопрена. Меѓутоа, психолошки, трауматските искуства во раната возраст оставаат епигенетски белези – анотации на генетскиот код кои влијаат на начинот и степенот на експресија на одредени гени.

Откако утврдиле дека промените на мозокот на трауматизираните глувци одговараат на промените на мозокот на возрасните насилници со историја на злоупотреби во детството, Санди и соработниците ја скенирале ДНК на глувците од својот примерок, настојувајќи да откријат дали во нивниот ген може да се утврдат епигенетски промени кои кај луѓето се доведуваат во врска со агресивното и насилничко однесување.

Студиите за човечкиот ген покажуваат дека одредени варијанти MAO-A, на генот одговорен за производство на ензимот моноамин оксидаза, кој ги разложува моноаминските невротрансмитери (допамин, серотонин, епинефрин и норепринефрин), човекот го прават подложен на агресивно однесување. Меѓутоа, генетската предиспозиција за насилно, агресивно реагирање, се манифестира единствено кај луѓе чие детство е одбележано со трауми.

Санди и група генетичари и психолози со кои работи, детектирале хиперекспресија на МАО-А во предфронталниот кортекс на глувците трауматизирани во раниот животен период, но не и кај контролните лабораториски животни, носители на соодветната (иста) варијанта на овој ген. Со други зборови, психолошките трауми, доживеани во детството, оставаат епигенетски белег на генот МАО-А, доведувајќи до негова пренагласеност. Таа, пак, резултира со хиперпроизводство на ензимот моноамин оксидаза, што го забрзува разложувањето на моноаминските невротрансмитери, резултирајќи со нивен хроничен недостаток во мозокот на единката.

Недостатокот трансмитери на синапсите во предфронталниот кортекс како последица има намалена активност на невроните во овој дел од мозкот. Оттука, помалиот степен контрола над негативните импулси – инпут добиен од амигдалата. Со други зборови, тоа е изворот на агресивното однесување.

За да ја утврдат врската помеѓу хиперекспресијата на МАО-а, односно зголеменото производство на моноамин оксидаза и наклонетоста кон насилство, Санди и соработниците ги администрирале агресивните глувци со антидепресиви – соединенија кои ја блокираат синтезата на моноамин оксидазата, одложувајќи го отстранувањето на моноаминските невротрансмитери од синапсата. Ја потврдија хипотезата: Кај агресивните глувци третирани со антидепресиви, дошло до опаѓање на насилничкото однесување.

Семејното насилство и агресивноста

Опишаната студија со глувците е најнова во низата експерименти кои научниците од Лозана во изминативе години ги посветија на расветлување на бихејвиоралната агресивност. Најновите наоди потврдуваат некои од заклучоците до кои дошле со претходните истражувања – пред сè, сугестијата дека епигенетските промени, предизвикани од психолошки трауми, судејќи според сè, се пренесуваат во наредната генерација, односно од родителот на детето.

Кармен Санди и нејзиниот тим пред неколку години започнаа потрага за корените на агресивното однесување во контекст на семејното насилство. Ги интересирало објаснувањето за емпириски поткрепената забелешка дека децата кои израснале во насилно семејно окружување подоцна и самите тежнеат да бидат насилни партнери и/или татковци. Традиционално, се сметало дека повторувањето на бихејвиоралната матрица е производ на социјално учење – имитација на пример. Санди и соработниците го поставиле следното прашање: Дали машките потомци на насилните татковци ќе бидат агресивни кога ќе пораснат, дури и во случај да не растат во агресивно окружување?

Од разбирливи причини – неможност детето да се одвои од семејното окружување за експериментални цели – повторно биле користени глувци.

Група машки глувци на предпубертетска возраст, биле изложени на исти стресогени фактори како и во претходно опишаниот експеримент. Откако созреале полово, им била овозможена интеракција со женки. Очекувано, покажале далеку поагресивно однесување кон нив, отколку што тоа било случај со нетрауматизираните мажјаци на иста возраст. Но, најинтересното допрва следи.

Непосредно пред донесувањето на младите, женките кои биле оплодени од трауматизираните, агресивни мажјаци, биле изолирани од партнерите, биолошките татковци на нивните потомци. Значи, потомците на агресивните татковци растеле во неагресивно окружување. Наспроти тоа, машките потомци на насилните глувци, откако созраеале полово, кон женките се однесувале подеднакво агресивно како и нивните татковци.

Интерпретацијата на резултатите бара внимателност. Во светло на последните експерименти на групата од Лозана, можно е толкување кое вели дека агресивните татковци на своите синови им пренеле епигенетски промени од сопствениот ген, предизвикани од личните трауми во детството. Од друга страна, живтотот со насилникот не остава последици само на децата, туку и на партнерките. Имено, истражувачите утврдиле дека женките кои се пареле со насилници и самите изразувале бихејвиорални, хормонални и невролошки отстапувања од „нормалното“. Исти карактеристики изразувале и женките кои стапувале во репродукција со другата генерација насилни глувци – машки потомци на експериментално трауматизирани глувци. Значи, постои можност агресивноста на насилните потомци, барем делумно, да е резултат на интраутеринско окружување, односно на стресови кои, додека престојувале до насилниците, женките биле изложени за време на бременоста.

Пренаталниот стрес и менталното здравје

Феталното програмирање на менталните нарушувања – идеја дека психолошките пречки во возрасниот период, првенствено нарушувања на расположението и анксиозни нарушувања, можат да се јават како последица на пренатална изложеност на стрес – веќе не е толку нов концепт. Изложеноста на депресија, биполарно нарушување, фобии и панично нарушување е значително поголема доколку мајката за време на бременоста била изложена на континуиран стрес или повремени епизоди екстремен стрес. Новост е дека научниците почнуваат да го разбираат механизмот преку кој интраутеринското окружување дејствува на фетусот и, специфично, го зголемува ризикот од развивање ментално нарушување подоцна во животот.

Меган Холмс, професорка по невроендокринологија на Универзитетот во Единбург, неодамна претстави наоди до кои дошла со својот тим, кои научниците ги приближуваат до одговорот на прашањето како пренаталниот стрес влијае на менталните проблеми во возрасниот период.

Изложеноста на трудницата на стрес го зголемува нивото глукокортикоид – хормон за стрес, вклучувајќи го и кортизолот. Холмс и соработниците го идентификувале ензимот 11ß-HSD2 (11бета-хидроксистероид дехидрогеназа тип 2) кој го разложува кортизолот пред да изрази деградирачки ефекти на ткивото од фетусот во развој. Ензимот е присутен во плацентата и мозокот на фетусот, каде го штити невралното ткиво од влијанието на хормонот за стрес.

За да утврдат дали пренаталната изложеност на стрес навистина влијае на подоцнежното ментално здравје, британските истражувачи произвеле глувци со деактивиран ген кој го кодира ензимот 11ß-HSD2. Женките кои биле генетски модифицирани на овој начин, за време на бременоста се изложени на стрес, а тоа го изложува нивниот плод на зголемено ниво кортизол. Откако се родиле и пораснале, во споредба со потомците од типичните женки, почесто изразувале однесување карактеристично за нарушувањата на расположението.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com

 

Слични содржини

Психологија / Наука / Живот
Психологија / Наука

ОкоБоли главаВицФото