Уништување на минатото

21.06.2014 17:11
Уништување на минатото

Деновиве се навршуваат 100 години од настанот што го промени светот и ја оформи коскената срцевина на модерниот поредок. На 27 јуни 1914 година во Сараево беа испукани судбоносните куршуми од пиштолот на Гаврило Принцип во срцето на австро-унгарскиот надвојвода Франц Фердинанд. Во еден катастрофален геополитички домино-ефект, за само еден месец подоцна, почна да се распаѓа стариот буржоаско-империјалистички свет доминиран од либерална и капиталистичка Европа.

Распадот го запомнивме по една европска кланица која ја започна мрачната тридецениска доба на глобални војни и револуции, познати и како Прва и Втора светска војна, одбележанa со дотогаш невидена деструкција и масовно индустријализирано уништување луѓе. Во оваа доба на „прочистување“ на човечкиот род, така беше величено од новото реакционерно движење со тоталитарен поглед на светот наречено фашизам (инспирација за уметничкото движење футуризам), како удвоена реакција на војната беа предизвикани и револуциите: национални, социјални, работнички, и во 60-тите години на минатиот век и човекови.

Несомнено, предводник на сите социјалистички револуции, кои во еден момент во средината на векот покорија една третина од глобусот, беше руската револуција. Интерпретирана различно, револуцијата, чиј зенит го означи заземањето на Зимскиот дворец на 7 ноември 1917 во Петроград (според новиот, Грегоријански календар, тоа се случило во октомври), им понуди на работниците од сериските линии за производство на текстил во Англија, на синдикалните манифактури на автомобили во Америка, до рударите во Франција и Германија, како и на сѐ уште закрепостените селани од руската провинција, една светла алтернатива на буржоаското класно општество - комунизaм.

Употребуван како придавка на подоцна прифатените термини како партија, младина или сојуз, комунизмот, идеологија во која државните уредувања на многу земји во втората половина од 20 век полагаа огромни ставки, за разочарувањето од неговиот колапс при крајот на векот да биде уште поголемо, обликуваше добар дел од нашиот живот, за оние родени во мојата или генерација подоцна. Иако, за поколенијата родени по 1990-та, Франц Фердинанд или Ленинград, ќе останат запаметени по извесната музичка група од лондонската инди-сцена и по познатата петербуршка панк-рок атракција.

Но, да се навратиме на судбоносните јуни-јули 1914, кога Велика Британија и Германија влегоа во војна и кога започнаа „да се гаснат светилките во цела Европа“, како што кажа Едвард Греј, тогашниот британски министер за надворешни работи. Првата светска војна беше резултат на падот на моралните, а подоцна и економски вредности на капиталистичка Европа, и историчарите се едногласни дека од своја страна тоа ја предизвика и одржа во живот руската болшевичка револуција која го создаде најголемиот државен ентитет и најстрашниот идеолошки проект во историјата. Советскиот Сојуз територијално беше поголем и од Римската империја, иако неговиот век на траење многу пократок - околу седум децении. Сепак, овие седумдесет години советска власт (комунистичка империја) наметната врз четвртина од земната суша оставија многу посилен печат врз структурата на модерниот свет отколку која било друга империјална власт во историјата на светот.

Британскиот историчар Ерик Хобсбаум напиша: „Уништувањето на минатото, или попрво, на општествените механизми кои современото искуство на луѓето го поврзуваат со искуството на минатите генерации, е еден од карактеристичните и најстрашните феномени на последните години од дваесеттиот век“. Кратка(та) историја на 20 век, поднаслов на делото на Хобсбаум „Доба на крајности“, се покажа дека не била толку кратка. Таа одмината епоха на војни и огромни човечки страдања, за жал, упорно не завршува, иако номинално сме влезени во 21 век. Руската трагична драма - советската реалност, граѓанските војни и револуции од времето на и по „црвениот“ Октомври, придружено со окупации на територии, анексии, егзодуси на популации - нѐ прогонува како во кошмарен сон и во втората деценија од новиот милениум. Болшевиците овојпат станаа „ополченци“, а белогардејците „бандеровци“, „воена хунта“ или, според мерилата на неосоветската пропаганда „фашисти“.

Во Москва, една авантуристичка КГБ клика, извлечена од бранот на еуфорија во хаосот на постсоветска Русија што донесе економски и социјален крах на земјата, ги разниша темелите на Потсдамска Европа заради свој сопствен опстанок, долговечност (речиси 15 години на власт без најава да замине) и унапредување на личната благосостојба на нејзините носители.

Денес, како и во 1914/17 милитаристите се наоѓаат во фокусот на светското внимание додека економски истоштениот народ и јавноста се на штрек на фонот на секојдневните престрелки во источна Украина каде што од почетокот на конфликтот во март досега загинаа околу 200 луѓе. Завчера од минофрлачки оган на украинската армија покрај десетмина ополченци, беа покосени и двајца руски новинари на државниот новински сервис ВГТРК, настан што би можел да биде клучен за ангажирање на руската армија.

Ѕвоната на нова студена или воопшто нова регионална војна бијат сѐ посилно. Кликата на Владимир Путин, преродбеник на бившиот Советскиот Сојуз, во моментов работи по познатите болшевички стандарди на универзална субверзија, односно газење на сите поствоени и постсоветски вредности и меѓународни договори.
Прикриено со познатата флоскула за „Евроазијанизам“, Путин, исто како и владетелите на империјалистичка Германија во 1914 водени од амбицијата за посебен глобален статус (како што велела една тогашна фраза „Германскиот дух ќе го препороди светот“), турка налудничава идеја за некаква славјано-казачка екумена во една фантастична „Евроазиска унија“ што треба да ја разводени и уништи постојната Европска унија.

Разрушени се официјалните советско-постсоветски митови. „Руските власти отпочнаа војна против Украина. Поточно против украинската антикорупциска револуција за национално достоинство. Ова е нов тип војна, без објавување и без линии на фронт, се користи воена техника и гинат стотици, граѓани на Русија и на Украина... Властите го урнисаа митот за Татковинската војна (1941/45) и погазија врз светоста на нејзиното сеќавање. Основниот заклучок од ова трагично искуство на нашиот народ е дека војната е недопустлива, а тој што ја отпочнува, прави злосторство против човечката природа. Залудно паднаа 27 милиони“, вели рускиот автор и култулорог Игор Чубаис.

Алармот е вклучен и претстојните денови ќе се покаже дали „уништувањето на минатото“, или краткото паметење, ја води номенклатурата во Кремљ да постапува така како што постапува. Невоздржувањето на Вашингтон и на Брисел на можна воена офанзива на Москва во источна Украина на стогодишнината од почетокот на Големата војна би било бизарно повторување на историјата и на катастрофалните грешки од 1914.

Додека го пишувам ова, гледам во западниот брег на Ситонија каде што Егејското море го пени карпестиот брег на полуостровот. Монденското крајбрежје на Порто Карас ги открива белите покриви на вилите на грчко-еврејските предводници на уште една локална номенклатура која постапува слично како нивните московски колеги спрема Украина. Нејзиното кратко паметење полека го уништува минатото на македонскиот народ.

Извор: Слободен печат
Слики: Валдемар Казак