Стадион

23.06.2014 11:56
Стадион

Кога пред неколку години Градскиот стадион во Скопје го прекрстија во Спортска арена „Филип Втори“, многумина се прашуваа која е и дали има суштинска разлика меѓу стадион и арена. Деновиве, во екот на Светското фудбалско првенство во Бразил, оваа разлика може да се види прилично јасно. Стадион е, значи, оној зелен простор, опкружен со трибини (гледачи), каде што се игра фудбал, а арена е просторот каде што пее Жељко Јоксимовиќ и слични ѕвезди на шлагерската и турбо-културата.

Разликата е, значи, цивилизациска. Секогаш таква и била. Стадионите се измислица на античка Грција, а најстариот познат е оној од Олимпија, каде што се одржувале тогашните Олимписки игри. Со други зборови, стадионите се попришта за витешко натпреварување, каде што крвта и убивањето му го отстапуваат местото на она што денес се нарекува спорт. Арените, пак, се производ на декаденцијата на стариот Рим. Тие служат за гладијаторски борби, за битка до конечната цел – целосно уништување на непријателот. Овие борби, јасно, не се за некоја праведна цел, не се за освојување на територии, не се ни конфесионални или меѓуетнички. Toa се борби за задоволување на најниските страсти на гледачите, кои, ете, и тогаш и денес се најсреќни кога гледаат нечија мака (конечно и песните на Јоксимовиќ се токму такви – патетични и полни со јадови). Со современ речник кажано, арената е мултидисциплинарен простор кој, меѓу другото, може да користи и за практикување спорт, што е навистина голема реткост, барем што се однесува до Арената „Филип Втори“, каде што, да, понекогаш излегуваат некои луѓе во дресови и копачки, ама фудбал навистина тешко може да се види.

Втората битна разлика меѓу арената и стадионот, барем што се однесува на оние почетни времиња, е – изгледот. Додека за стадионот е важна функцијата, за арената е важна грандиозноста. За разлика од стадионот, кој им служи на учесниците, арената е своевиден амфитеатар наменет исклучиво за гледачите. Арената, слично, на пример, со триумфалните капии, служи за покажување на моќта на владетелот. Најпознатата арена во светот е римскиот Колосеум. Интересен податок е дека Колосеум не го добил своето име според неговите колосални димензии, туку поради колосалниот споменик на лудиот император Нерон (оној што наводно го запалил тој ист Рим) што самиот си го поставил пред него. За информација, станува збор за огромен 30-метарски споменик во бронза. За споредба, Воинот на коњ, централниот споменик на централниот плоштад, заедно со постаментот е висок околу 25 метри, а за волја на вистината, споменикот Воин, односно Филип Втори, со постаментот е висок 29 метри.

Ваквата перспектива дава јасна слика зошто Градскиот стадион во Градскиот парк во Скопје мораше да се преименува во Арена и зошто требаше да го добие токму името „Филип Втори“, иако арената, по правило, е во кружна форма (амфитеатарска), а стадионот (како што е и случајот со Спортската арена „Филип Втори“) има јасно одредени четири страни, според страните на светот: исток-запад, север-југ.

Ова нè доведува до уште еден куриозум врзан за скопскиот стадион. Имено, фудбалските стадиони секаде во светот се поставени по должинска оска север-југ, а исток-запад се страни наменети за главните трибини. Освен скопскиот стадион. Ваквата поставеност, која е одамна е влезена во архитектонските канони за градење стадиони, првенствено произлегува од тешкотиите на голманите при пладневните натпревари, кога би морале да го бранат голот на источната страна, на пример. Со други зборови, сонцето би им удирало директно во очи. Скопскиот стадион е изграден пред Втората светска војна и е плод на ентузијазмот на тогашните спортски работници. Значи, ајде да кажеме дека во третата деценија од минатиот век, овдешните проектанти можеби и не ги знаеле правилата на изградба на стадиони, па ја направиле оваа грешка, ништо не може да го оправда бетонирањето на Јужната трибина во 80-тите години, со што оваа грешка дефинитивно се – бетонира. А вториот голем потфат врз стадионот, неговата целосна реконструкција, кога се претвора во арена, оваа грешка ја монументализира!

Она што на некој начин би можело да го поврзе современиот стадион и современата арена е токму поврзувањето на спортот со гладијаторството (тоа повторно може да се види на актуелното Светско фудбалско првенство). Разликата е во тоа што гладијаторството во современата варијанта не е за да ги задоволи ниските страсти на гледачите, туку за да се постигне резултат, па така добивате амалгам на технологизирани спортисти и рудименти на витешките особини. Одамна веќе не е важно да се учествува, туку важен е резултатот.

Стадионите, се разбира, според својата конфигурација, служат и за многу други работи. На повозрасните во памтење им се стадионските слетови, на пример, правени во чест на големиот водач. Тие, поради својот габарит, во случај на граѓански судири, воени удари или војни, служат и како практични затвори. Во оваа смисла, најпознат е Националниот стадион во Сантјаго де Чиле, кој за време на воената хунта на Аугусто Пиноче, служеше како затвор, но и како стратиште за политичките неистомисленици. На големо се зборува дека еден од стадионите изградени за Светското првенство во Бразил, по неговото завршување, ќе биде претворен во затвор. Еден од најпознатите стадиони е Олимпискиот стадион во Берлин, изграден на почетокот на минатиот век, реновиран од 1934 до 1936, кога се одржува Олимпијадата во Берлин и кога црномурестиот атлетичар Џеси Овенс буквално ја понижува нацистичката политика со своите резултати. И покрај сите историски турбуленции, бомбардирања и воени разурнувања, стадионот е сè уште на истото место и на него сè уште се игра фудбал.

Стадионот е чест мотив во уметноста. Во македонската филмска уметност најсвеж пример е филмот „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, а и филмот „Истрел“ почнува со сцена од легендарниот натпревар меѓу ФК „Македонија“ и ФК „Левски“ од Софија, одигран на истиот Градски стадион во Скопје. Интересно е дека со ист наслов „Трето полувреме“ постои и советски филм, снимен 1962 година, кој исто така се однесува на фудбалски случувања во Втората светска војна. Од југословенските филмови, ќе го споменеме „Акција стадион“ од 1977 година, за „стадионскиот бунт“ на загрепската младина против усташката власт во 1941 година. Стадионот е важен, на пример, и во култниот роман на Селинџер „Ловец во ’ржта“, при што терминот „ловец“ (catcher), всушност се однесува на „фаќач“, играчка позиција во безболот.

Но, тоа и онака не е битно. Во Скопје, и така и така, повеќе не постои стадион, туку арена за концертите на Жељко Јоксимовиќ.

ОкоБоли главаВицФото