Војна против кого?

23.06.2014 14:05
Војна против кого?

Благодарение на Нобеловата награда за мир пред четири и пол години, додека САД сѐ уште ја водеа битката на Џорџ Буш помладиот против Ал Каеда, Барак Обама не зборуваше толку за мир колку за нужноста понекогаш да се оди во војна. „Злото навистина постои“, забележа Обама, „Ненасилно движење не би можело да ги запре трупите на Хитлер. Преговорите не можат да ги убедат лидерите на Ал Каеда да го положат оружјето.“

Навидум од никаде, таа прагматична визија на светот сега се врати во Ирак. На оружје се крена добро организирана, крвожедна група бунтовници: Исламската држава на Ирак и Левант (Исис). Наскоро би можеле да тргнат на Багдад. Ирачките власти и официјално побараа од САД да започнат со воздушни напади и да ја спречат офанзивата, а американската војска веќе разгледува дали има доволно разузнувачки податоци за ефикасни напади со дронови и други воздушни операции.

Во меѓувреме, изгледа дека Пентагон забрзано собира податоци потребни за да се „разјасни“ она што Белата куќа го нарече „следните денови“ - додека државниот секретар Џон Кери зборува дека „ништо не е невозможно“, а шефот на мнозинството во Сенатот Хари Рејд тврди дека „постојат доволно овластувања“ за воздушна кампања. По средбата со челниците на Конгресот во среда попладне, шефот на малцинството во Сенатот Мич Меконел рече дека „претседателот не мисли дека му е потребно нашето овластување“.

Но ако претседателот Обама започне нова војна, ќе му биде потребно одобрување од Конгресот за борба против новиот непријател - и ќе мора да ја донесе својата одлука отворено. Конгресот не даде дозвола за Ирак 3.0, а оправдувањето за новата војна врз основа на лажните врски со Ал Каеда би било токму тоа - уште една верзија на катастрофалната Глобална војна против тероризмот на администрацијата на Буш. Тоа воедно значи превидување на односот на сили кој во меѓувреме е драстично променет, вклучувајќи ја и поддршката која Исис ја има меѓу локалните племиња во Ирак, што оваа нова војна може да ја направи уште полоша.

Нова војна, прашувате? Зарем САД веќе не одлучија да ја користат воената сила во борбата против Ал Каеда и зарем заканата која ја претставува Исис не е само нова фаза од битката за која Конгресот претходно веќе ги овласти Буш и Обама? Одговорот - и покрај разните тврдења - е многу јасно негативен.

Испраќањето дронови против Исис не е само отворање на уште еден фронт. Конгресот даде овластување, непосредно пред Војната против тероризмот и пред дроновите да влезат во употреба, само за воени акции против Ал Каеда и евентуално групите кои се директно поврзани со неа. Исис сосема очигледно не е една од нив.

Одредени новински извештаи наведуваат на помисла дека Исис и Ал Каеда во суштина се исто. The Wall Street Journal ги извести своите читатели дека „вооружени групи поврзани со Ал Каеда“ ја презеле контролата над вториот по големина град во Ирак. The Washington Post пишуваше дека „одметници од Ал Каеда“ минатиот викенд освоиле уште еден голем град. CNN на својата публика ѝ објасни дека членовите на панелот во Сенатот на состанокот минатата среда ги загрижила можноста дека „исламистите поврзани со Ал Каеда“ во Ирак ќе воспостават свое десантно упориште.

Овие погрешни асоцијации, се чини, стигнуваат главно од самата администрација на Обама: американскиот Стејт Департмент кон крајот на минатата година го означи Исис како „огранок на Ал Каеда“ и „заеднички непријател на САД и Ирак“, додека медиумите како што е New York Times и понатаму без прашање ги повторуваат тие рамки. Администрацијата имаше можност да ги исправи работите кон почетокот на 2014, кога висок функционер сведочеше на јавно сослушување во Конгресот. Насловот на неговото подготвено сведочење беше „Востание на Ал Каеда во Ирак: закана за американските интереси“ - за потоа да зборува за групата Исис која стои под „црното знаме на Ал Каеда“.

Ако ги прашате правниците и независните експерти за тероризам, ќе ви покажат сосема поинаква стварност - онаа поради која Обама би застанал пред да преземе какви било воздушни удари, па дури и ако време за испраќање дронови има сѐ помалку. Паузата е нужна поради минимализирање на цивилните жртви пред Исис да стигне до Багдад, а тука е и проблемот на влегување во војна додека одредени медиуми и самите власти погрешно ја информираат јавноста.

На различни правнички блогови, професорите како што се Дебора Перлстајн и Џенифер Даскал вложуваат значителни напори да објаснат дека Исис не е поврзан со Ал Каеда, напротив. Од минатата година јазот помеѓу двете групи се продлабочува, бидејќи Исис „повеќе пати“ ги одбила упатствата и советите на водачот на Ал Каеда, Ајман ал-Завахири, и директно се спротивставила на неговите директиви и цели. Оваа година, Завахири и официјално се откажа, соопштувајќи дека Ал-Каеда повеќе нема ништо со Исис. Раководството на Ал Каеда изјави дека нема „никаква врска“ со Исис, дека оваа група „не е поврзана со Ал Каеда и нема организизациона врска со неа“.

Што е со црното знаме? Ништо, или со зборовите на професорката Перлстајн: „Стручњаците за тероризам често укажуваа на популарноста на црното знаме со бели букви меѓу многуте исламистички групи во регионот.“

Нормално, повеќето Американци не ги читаат правничките блогови ни истражувања. Тие им веруваат на кабелските вести. На американската јавност ѝ е потребно претседателот Обама да ѝ го разјасни изборот пред кој се наоѓа - и непријателот со кој очигледно се подготвуваме за борба. А претседателот за тоа не треба да го праша само Конгресот. Потребно му е и нашето овластување.

Извор: The Guardian, 19.06.2014.