Белешки за непознатото минато

24.06.2014 08:50
Белешки за непознатото минато

Борбата за повторно освојување на изгубената иднина Македонците ќе мораат да ја водат паралелно со борбата за враќање на нивната открадната и испоганета историја.

Времето е димензија во која се простира нашата вселена. Тоа е неповратно минлив аспект на нашето постоење, отсекогаш недофатен на човековиот ум. Сепак, во таа недофатна бесконечност која непрекинато се оддалечува од нас, е запретано сето она што човештвото успеало да го сознае за себеси, за нашиот свет и за неговото место во универзумот. Од исчитувањето на остатоците од минатото се составуваат сите референцијални системи во кои ги фундираме нашето самоспознавање, идентификација, вкупните знаења и вредносните системи. Затоа сите цивилизации, религии и филозофии својата онтологија ја темелат врз сопствената интерпретација на минатото. И додека историјата – како што ја нарекуваме таа интерпретација - за малобројната научна заедница претставува мисловен предизвик за воспоставување рационално објаснување на податоците за минатото, за популистичките политичари историјата е основна алатка за манипулација со луѓето. Тие непогрешиво знаат дека манипулацијата со лажни истории е најефикасно средство за масовно заведување и тоа е така заради фактот што токму луѓето кои не знаат ништо за своето минато се фанатично убедени во спротивното. Токму проширеното предубедување дека историјата како природно и наследно право е достапна секому, во голема мера ја блокира можноста за нејзиното учење и разбирање.

Но, што воопшто луѓето знаат за минатото, особено за далечното минато? Неверојатно малку, а тоа малку што се „знае“ не е од областа на егзактните научни факти, експериментално проверливи, туку е од областа на експланаторните реконструкции. Ова особено се однесува за настаните од „човековата историја“, каде што теоретската неможност рационално да се спознае далечното минато се должи на неповратната загуба на информациите за него, кои безмилосно ги „јаде“ нараснувачката ентропија. Од милијарда артефакти создадени во минатото можеби еден ќе заврши во рацете на археологот; од билион случки произведени во само еден миг во минатото можеби една ќе биде запишана, па нивното дешифрирање и толкување, како и создавањето слика за нивниот контекст, е секогаш само научна хипотеза. Хипотеза која – доколку биде потпрена со доволно други научни факти и прифатена од научната заедница – може да стане прифатлива научна „вистина“.

Значи, најголемиот дел од она што луѓето рекле за минатото е главно во жанрот на фикцијата, а не на фактите. „Цврстите факти“ се најмалиот и најскапоцениот дел од реконструираната историја; тие сјаат како далечни ѕвезди во бескрајната темница на неповратно исчезнатите информации за минатото. Историските факти служат да ја обезбедат веродостојноста на приказната и да ни помогнат да спознаеме нешто за минатото, но никогаш не смееме да заборавиме дека секоја верзија на минатото е сепак само интерпретација. Токму поради премалиот број факти за минатото и огромните тешкотии тие да се протолкуваат и разберат, безбедната употреба на историјата е можна само од страна на високообразовани историчари и научници кои со фактите за минатото и нејзините реконструирани фрагменти ќе ракуваат со најголема претпазливост.

Како за инает, постои обратна пропорција помеѓу знаењето и фанатичното верување: колку луѓето имаат помалку знаења за одредена област толку се повеќе склони слепо да им веруваат на манипулациите во таа сфера. Минатото, за кое најголемиот број луѓе не знае ништо, е затоа омилена материја на политичките манипулатори и популистичките вожди, кои измислената херојска историја секогаш ја веат на своите знамиња. И тоа, колку што е подалечно минатото, толку незнаењето и манипулацијата се зголемуваат по стрмна, експоненцијална крива (иако тоа не им е пречка на шарлатаните, па успешно го заблудуваат населението со лажни верзии и за непосредното минато, кое мнозинството луѓе лично го памети). Таму, најдлабоко во непознатото минато, лежат митолошките херои на ултранационалистичките и фашистичките идеологии; таму, во темницата на потполното незнаење, секогаш тлее жарот на фанатичките преродбеници. А нашите преродбеници се луѓе „ослободени“ од секакво знаење и од сите морални норми, и токму врз таа „апсолутна слобода“ се темели нивната „ефикасност“ и „убедливост“.

Ултранационалистичката контрареволуција на Груевски е изведена со масивна историска манипулација, со изворно фашистичка измама, во којашто денешната „преродба“ го анулира херојското доба од Втората светска војна – кога е создадена современата македонска држава – и се поврзува директно со митолошкото доба од античката историја и со кралската лоза на Агреадите. Со бришењето на македонската колективна меморија за антифашистичката суштина на современата македонската држава и култура; со озлогласувањето на нејзината комунистичка генетика; со маргинализацијата на фактот дека авнојска Југославија е колепката на првата социјалистичка македонска држава во историјата во која се востановени институционалните основи за заживување на македонскиот државотворен и културен проект; и, конечно, со релативизирање на фактот дека таа социјалистичка држава ја обезбеди официјалната еманципација на македонската етничка посебност, и дека во неа прв пат од создавањето на вселената се слушна бебешкиот плач на кодифицираниот македонски јазик; значи, со сите тие системски пропагандни лаги и историски измами на режимот на Груевски, тој во целост ги негира фактите за раѓањето и процутот на македонскиот културен ентитет, со што им ја истргна од свеста на Македонците нивната сопствена историја, и им ја замени со куп инфантилни и малоумни лаги. Како резултат на оваа злосторничка декултурација на населението, Македонците се однесуваат како вчера да ги отвориле млечно матните бебешки очи, во некое ирационално предполитичко општество од минатото, во кое вековната ропска судбина, политичката неписменост и индиферентноста се клучните фактори што на луѓето им ја одредуваат мизерната судбина.

Џорџ Орвел, еден од највиспрените нуркачи во бездните на тоталитаризмот напишал: „Оној којшто го контролира минатото, ја контролира иднината. А оној кој ја контролира сегашноста, го контролира минатото.“ Затоа борбата за повторно освојување на изгубената иднина Македонците ќе мораат да ја водат паралелно со борбата за враќање на нивната открадната и испоганета историја.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото