Токсичниот патриотизам на Јорданов

24.06.2014 12:01
Токсичниот патриотизам на Јорданов

Додека главниот град на Македонија секојдневно се гуши, еден од главните виновници за тоа, сопственикот на фабриката Макстил која го снабдува Скопје со дневна доза смрт, во интервју на долго и на широко расправа за значењето на спортот и за неговата патриотска улога како главен спонзор на ракометниот клуб Металург.

Разбираме дека интервјуто го прави портал кој е спортски и спортот, разбирливо, е во фокусот на разговорот. Но, кога некој се расфрла со трогателни фрази за патриотизам и корист за заедницата, зарем не е редно да се најде на тапет за другата страна на неговото родољубие? А новинарот, спокоен, не ни помислува да го закачне големиот моќник-трујач.

Настрана новинарот, господинот Минчо Јорданов едноставно ќе ве расплаче кога ќе ви открие како против секоја економска логика го финансира спортот во Македонија, сѐ за доброто на земјата и граѓаните:

„Економска логика нема апсолутно никаква, сатисфакцијата е единствено општествена, патриотска.“

А подолу ќе додаде:

„Не случајно го спомнав претходно општествениот карактер на спортот, чија цел мора да биде и создавање на граѓани со карактер, со силна воља, со здраво тело и ум, итн…

(...)

За нас спортот треба да ја исполни таа полна функција, да биде општествено, социјално и духовно корисен за народот, за државата.“

Баш забавно: граѓаните ќе уживаат во духовната корист од спортските колективи што ги финансира Јорданов, додека се гушат со воздух стопати позагаден од дозволеното. И секако, ќе градат здраво тело и ум, под облаците на Макстил!

Нескромно се сметам за граѓанин со колку-толку здрав разум, па имам еден предлог: вградете ги филтрите во фабриката што нѐ труе и ќе бидете корисен на повеќе нивоа. Зарем нема да почувствувате патриотска сатисфакција кога ќе знаете дека вашите граѓани дишат нормално? Или тоа што финансирањето на спортот нема економска логика треба да се надомести со работењето на малата Хирошима, кое има единствено економска логика, но не и здраворазумска?!

Предлог и до моите сограѓани скопјани: дишете длабоко. Сум слушнал дека тоа го избиструва умот и духот. А потоа, ако можете, радувајте се на успесите на спортската империја на Минчо.

Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото