Една мачка многу пиела

24.06.2014 13:15
Една мачка многу пиела

Една мачка многу пиела

Една мачка многу пиела,
трезна не била ни кога спиела,
само цугала,
само џокала,
само шљокала,
само локала,
и еден ден од покрив се скљокала
- баш дожд паѓал тој ден -
врз главата на глушец еден.

Тој глушец бил тотално трезен
и љубезен ко да е везен,
не пиел ни ракија ни џин ни рум,
пиел само тоникум,
пиел само некакви кокти
и малку грицкал нокти.

Кога од покривот паднала мачката
сосем се изгубила (а не била смачкана),
онака цврцната,
онака швркната,
во главата заматкана
по патот се запаткала
пијана ко затка!

Ни глушецот не бил смачкан,
само бил на работ на плачка,
онака шизнат,
онака ѕвизнат.

И така не било ништо.

Мачката сфатила дека се бламира,
дека друштвото ѝ се шокира,
па одлучила помалку да пие,
реномето да си го измие,
да биде вредна,
да биде чедна.
Оттогаш пиела само вода,
оттогаш пиела само сода,
и веќе не пиела рум,
пиела само тоникум,
пиела само некакви кокти
и малку грицкала нокти.

Глушецот па во страв се завил
голем зорт му се јавил,
мислел дека некој сака да го убие
и затоа почнал многу да пие.
Оттогаш само дремел,
ништо да прави не смеел,
„не можам да стојам на ноги“
- тој глушец стварно бил гроги.

Мачката пак тој глушец некаде
го сретнала и пак сакала да го јаде;
но кога видела како е цврцнат,
кога видела како е ѕврцнат,
веднаш паднала во несвест
бидејќи за глушецот немала вест,
онака тапирана,
онака фрапирана.

Глушецот видел дека треба да клисне,
видел дека треба да збришне,
но не можел да мрдне онака скиснат,
од пиењето онака свиснат.

Во главата му се вртеле баеги:
крукчиња, точкици, линии, риги,
секакви џиги-миги;

му се вртеле потоа и муцки и фрцки
и мачки и страчки и гачки и скачки
и играчки-плачки;

и така не било ништо.


Една мачка многу јадела

Една мачка многу јадела
(сè: мортадела, сардела, карамела...)
и станала страшно дебела,
ужасно спора и тромава
оти не знаела на храната да внимава.
Згора на сè, мачката еден ден
сретнала глушец страден и беден!

Тој глушец бил посебна случка:
толку не јадел што се сторил сучка;
не јадел ни од рака ни од штичка,
ни од конзерва ни од чинија -
тој глушец просто си чувал линија;

само зрна и ронки глочкал
и бил тенок како плочка.

Кога го сретнала мачката немала каде
- посакала глушецот да го јаде;
но да трча не можела,
да скока исто не можела;
не можела ни мустаќ да мрдне!
Се нашла на работ на нервен слом
оти скелетот ѝ станал сосем тром.

И глушецот, јасно, се дал во бег,
но да биде уште поголем јад,
и тој не можел да трча од глад,
онака јаден,
онака гладен;
и така не било ништо.

Мачката видела дека проблемот
е во дебелината (т.е. обемот),
а тоа не ѝ било мило,
па заклучила,
па одлучила
да симне некое кило.
Сланина веќе не земала,
пршута веќе немала,
салама не ни смеела;
само зрна и ронки глочкала
и станала тенка ко плочка:
толку била слабушава,
толку била мршава.

Околностите се стекнале,
на глушецот идеи му текнале:
почнал да јаде многу,
само трупал, само множел,
јадел страшно
сè што можел:
грашок и брашно,
сарми и чварки,
полнети пиперки,
говедски супи,
кокта и јупи,
од брокула стебленца,
суви ребренца,
и треви и мевца
и урда и кашкавал,
секакви јадења аман,
можел да изеде амбар цел!
Така станал глушец дембел,
во својот род најдебел.

Мачката пак тој глушец некаде
го сретнала и пак сакала да го јаде,
но вака јадна,
но вака гладна
не можела да трча,
не можела да скока,
толку била слабушава,
толку била мршава...

И глушецот пак сакал да избега,
но тоа било невозможно
оти телото му било снеможено
и неподвижно сега;

и така не било ништо.

Препев: Пандалф Вулкански
Слики (озгора надолу): Olivier Daumas, Eszter Schall, Catherien Rayner, Julia Anongrata, Art Seiden, Ayano Imai
Извор: Luko Paljetak, Miševi i mačke naglavačke (1973)

Луко Паљетак (Дубровник, 1943) е автор на бројни поетски збирки, книги за деца, научни студии, статии, есеи и антологии.
Врвен преведувач е од англиски, француски и словенечки јазик. Помеѓу другото, ги преведувал делата на Чосер, Шекспир, Бајрон, Вајлд, Џојс и Прешерн. Заедно со Златко Томичиќ превел и една поетска збирка на Константин Миладинов.
Неговата книга од 1973 година, Miševi i mačke naglavačke, е една од култните југословенски книги за деца, со многу изданија.
Други негови книги за деца се: Slastičar orangutan (1982), Ledomat tata, (1985), Roda u drugom stanju (1988), Priče iz male sobe (1989), Lavice na kavici (1990), Duhovi sa Strahurna (1995), Izabrane pjesme za djecu (1996)...

Сроден прилог:

Една мачка само се смеела

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото