АЕК гради „кафеана“ на Водно вредна 17,6 милиони евра

25.06.2014 09:36
АЕК гради „кафеана“ на Водно вредна 17,6 милиони евра

Агенција за електронски комуникации на Македонија започна од парите на граѓаните на Водно да гради телекомуникациска кула која ќе чини 17,6 милиони евра. Според образложението на премиерот Никола Груевски, за потребите за изградба на ваков вид објект, изгледа дека би било многу пологично инвеститорот на овој објект да биде Туристичкиот сојуз на град Скопје, или некој приватен кафанџија. Бидејќи, според највата на Груевски и она што го кажа на денот на поставувањето на камен темелникот, Кулата ќе биде двапати повисока од Милениумскиот Крст, но и од висококатниците во Аеродром, што значи дека ќе биде највисок објект во Македонија и атракција која ќе привлекува многу туристи. Во кулата ќе има ротирачки ресторан од кој ќе се гледа панорама на Скопје.

„Ваквите кули се симбол и атракција на многу познати градови ширум светот, и претставуваат магнет за туристите и посетителите. Со изградба на телекомуникациската кула на Водно и Скопје ќе добие плус на својата туристичка претпознатливост“, рече Грувески на поставуавњето на камен темелникот за овој објект.

Кулата ќе биде висока 155 метри со централно армиран бетонски столб на кој ќе бидат сместени четири конзолни платформи со површина од 180 до 200 квадратни метри. „Ова е футуристички објект по кој веруваме дека во иднина ќе биде препознатлив и Градот Скопје“, изјави директорот на АЕК Ордановски.

Анахронизам

Изградбата на ваквите кули, денес, во време на модерни и нови комуникации претставува чист анахронизам. Премиерот како примери ги посочи градовите Виена, Токио, Канбера, ние ќе ги додаеме и Берлин и Авала, кај Белград во нашето соседство...

Сензационален почетокот на изградбата на ваквата кула би бил атрактивен пред најмалку половина век, кога всушност се изградени првите телекомуникациски кули за експериментални ТВ програми, во Токио 1958, во Виена, 1964 година, Берлин и Авала кај Белград 1965 година, и претставувале маниризам во тогашната современа архитектура. Тие денес претставуваат главно архитектонски споменици од втората половина на минатиот век и панорамски видиковци, туристичко-угостителски објекти и симболи на овие градови.

Последната ваква кула е обновена на Авала во близина на Белград, 2010 година, како симбол на сплотеноста на граѓаните на Србија да го обноват споменикот на првиот предавател на РТБ срушен за време на НАТО бомбардирањето на Србија. На иницијатива на голем број граѓани на Србија и со нивните доброволни прилози, со примена на новите технологии, изградена е идентична кула како онаа од 1964 година повисока за неколку метри. Од неа се простира величенствен поглед на цела Шумадија.

„Работно време за посетителите е од 9 до 17 часот, а цена на влезница е 150 динари, за групни посети 70, а децата и лицата со инвалидитет можат бесплатно да го посетат“, вели за „Глобус“ Јелена Димитијевиќ Гајиќ од РТБ. На 119 метри на оваа кула се наоѓа кафе-барот „Панорама бар“ .

„Ова е највисокиот угостителски објект во Белград“, вели Саша Митиќ директор на „Панорама бар“, работното време е до 20 часот. Посетителите за 400 динари добиваат влезница за обиколка на кулата, пијалак и колачиња. Белградската кула се изнајмува и за свадби. Според Митиќ, оваа година имало шест свадби на височина од 119 метри, а белградските момци многу често го „затвораат“ барот за приватни журки на кои ги запросуваат своите девојки.

Во Виена ваквата кула е изградена во 1964 година и во туристичките проспекти е позната како Донаутурн, иако многумина мислат дека станува збор за
ТВ кула, таа не е тоа. Влезницата за панорамско набљудување на Виена од кулата се продава заедно со билетот за виенскиот Пратер и чини 11,5 евра, а се купува во Донаутурн заедно со проспектот на Виена.

Во Токио за потребите на локалната телевизија кулата е изграден во 1958 година. Бидејќи и тогаш претставувал атракција, во 2012 година Јапонците го обновиле и му ја зголемиле височината со цел да ја демонстрираат најновата јапонска технологија во градежништвото. Така направиле „Светско чудо“ - кула кој е туристичка атракција. Висока е 634 метри и ја нарекуваат Небеско дрво. Има две платформи за панорамско гледање на метрополата, кафеани, барови и ултрабрзи лифтови.

Значи, кај сите овие прескапи објекти преовладува акцентот на туристичко-угостителска функција, а не на некаква нова телекомуникациска функционалност. Јапонците тоа можат да си го дозволат бидејќи се работи за една од економски најразвиените земји во светот. Споредбата на Скопје со Токио која ја направи премиерот навистина е несериозна.

Симбол на фрлени пари

Директорот на АЕК Роберт Ордановски смета дека кулата ќе биде симбол за АЕК и од тие причини Агенцијата веќе го редизајнирала своето лого во кое е ставен новиот објект по кој, како што и самиот рече, во иднина Скопје ќе биде препознатливо. Веројатно како Токио - само малку повалкано.

И Груевски и Ордановски многу невешто се обидоа да ги убедат граѓаните од потреба да се изгради ваков скап објект за некаква телекомуникациска функција. Тоа особено не помина во очите на експертите кои цел работен век го поминале во секторите за врски во МРТВ или МВР, а од оправдани причини не сакаат да се експонираат.

Според нив, во денешното време на модерни телекомуникациски технологии кои ги заменија класичните фреквенции за пренос на звук, слика и информации, функцијата на ваквите кули е надмината.

Ваквите кули биле во функција до осумдесеттите години на минатиот век, кога радиодифузерите сè уште користеле средни бранови, а телекомуникацијата се одвивала на кратка бранова должина.

Што ќе се контролира денес од ваквата кула кога телевизискиот и радио сигнал се пренесува дигитално, со користење оптички и други кабли, интернет и мобилна телефонија, а локалните радија користат ФМ сигнал што се простира само до хоризонтот, па оваа кула не може да го контролира она што е надвор од нејзиниот видокруг. Нелогично е авијацијата, која ја спомнува Ордановски, да се контролира од оваа кула, бидејќи работи на строго дефинирани фреквенции одредени според меѓународните прописи кон кои производители на опрема строго се придржуваат и не дозволуваат промена на фреквентните подрачја. Нелогично е и технички невозможно од истата кула да се контролираат и приемни и предајни фреквенции како што тоа е пренесено во информацијата од АЕК.

Доколку се работи за следење на регионалните краткобранови комуникации од соседните земји, нивна контрола веќе се врши преку неколку слични телекомуникациски кули и системи од кои едната веќе постои на Водно, а другата се наоѓа на Солунска Глава. За иста намена можат со пософистицирана опрема да се користат постоечките објекти, како и репетиторските кули на МРТ на Црн Врв, Стогово, Пелистер и да не ги споменуваме другите помалку познати локации каде се веќе инсталирани одредени комуникациски системи.

Очигледно се работи за изградба на „Вавилонски кули“ и ширење на епидемијата „Скопје 2014“ и на пошироко подрачје од градот, дури на Водно - за да се гледа и од далеку.

Извор: aleksandarpisarev.blogspot.com

Слични содржини

Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото