Потсетник на окупацијата

25.06.2014 11:57
Потсетник на окупацијата

Киднапирањето на тројца ученици од верското училиште на Западниот брег минатиот четврток го нарача Израел. Во сабота, за време на пишувањето на овој текст, судбината на учениците и понатаму е непозната, а грижата за нивната безбедност ги потиссна сите други прашања за нивното исчезнување. Меѓутоа, без оглед на исходот - дали децата безбедно ќе се вратат дома или, не дај боже, не; дали ќе се испостави дека за киднапирањето е одговорен глобалниот џихад или некоја локална банда - контекстот на овој настан не може да се ингорира.

Можеби софистицираните израелски шпионски агенции се затекнати неспремни, но киднапирањето не можеше никого навистина да изненади.

Не можат да бидат изненадени или шокирани од киднапирањата оние кои тврдоглаво одбиваат да ги ослободат палестинските затвореници од кои некои се затворени со децении, уште од времето пред потпишувањето на Договорот од Осло во 1993, а на кои Израел им вети слобода; оние кои со години држат луѓе во притвор без судење; оние кои го игнорираат штрајкот со глад на 125 „административни“ притвореници, од кои некои умираат во болниците; оние кои сакаат да ги хранат со сила, и набрзина спремаат закони со кои ќе се оневозможи нивното ослободување. Тие луѓе однапред ги подготвија киднапирањата.

Израел кој толку се грижи за доброто на секој свој граѓанин, со години арогантно ја игнорира грижата на Палестинците за своите затворени сонародници.

Само Ираел има право на грижа за својот народ, како и на почитување на хероите на националната борба. Меир Хар-Зион (еден од основачите на специјалната воена Единица 101, кој во 1953 ја предводел одмазничката рација во бедиунските населби поради убиството на неговата сестра при илегално патување) е национален Херој; Ахмад Са’адат, генералниот секретар на Народниот фронт за ослободување на Палестина, е ѕверски убиец.

Гилад Шалит, кого Хамас го држеше во заробеништво пет години, беше наша грижа додека никого не го интересира судбината на Валид Дака кој - без ниту еден ден отсуство или брачна посета – седи во затвор во Израел повеќе од 30 години поради членство во милитантна група која убила еден израелски војник.

Никој овде не се интересира за илјадниците палестински затвореници. Минатата недела, Израелците повеќе ги интересираше куќната помошничка на пратеникот Меир Шетрит отколку 125-те штрајкувачи со глад кои веќе 53 дена полека умираат од глад.

Меѓу илјадниците палестински затвореници има и сурови убијци, но и многу политички затвореници - а сите нив Палестинците ги сметаат за херои на својата национална борба. Истото важи и за секоја национална борба. Зад нив стои целото палестинско општество, загрижено за нивната судбина ништо помалку од Израелците загрижени за судбината на своите најблиски.

Со прекинувањето на мировниот процес Израел ја тресна вратата од своите затвори и на Палестинците им испрати кристално јасна порака: вашите синови ќе излезат на слобода само со сила. Во четврток навечер стигна потврдата. Контекстот на киднапирањето во многу нешта го надминува прашањето на ослободување на затворениците.

Колку и да е јалов мировниот процес, сега е готов, а со него и последната палестинска надеж дека националното ослободување е можно преку преговори. Животот во Израел и во населбите на Западниот брег се враќа во колосек на rеality програма, сосема недопрен од окупацијата.

Тоа не важи за Палестинците. Тие немаат ништо од тоа; секое одложување на решението на судирите само го продолжува нивното страдање и понижување.

Кој и да мислел дека Палестинците мирно ќе седат и ќе чекаат Израел да ги удостои со промена на односот бил во заблуда. Кој и да мислел дека доселениците на териториите и понатаму ќе живеат безбедно, тешко се разочарал: киднапирањето во четврток е само предупредување, најава за она што може да се случи.

Единствен начин на кој Палестинците сè уште можат да ги потсетат Израелците на своето постоење и својата мака е преку насилна борба. Сите други правци се блокирани. Ако Појасот Газа не испука ракети на Израел, Појасот Газа не постои. Ако младите богослови на Западниот брег не бидат киднапирани, Западниот брег ќе исчезне од свеста на Израел.

Киднапирањата или убиствата се наменети за пробивање на неиздржливото израелско самозадоволство, и како такви не треба да изненадат никого. Во последните неколку месеци, ова самозадоволство достигна нова, незамислива висина.

Само погледнете ја бесмислата која го привлече вниманието на Израел. Ужасниот потсетник кој ни се сруши врз глава е само најава на она што можеме да го очекуваме ако продолжиме да живееме помеѓу аферите на политичарите и бакнувањето во израелската верзија на „Големиот брат“.

Тоа е таа иритантна страна на окупацијата. Ќе нè прогонува дури и ако ја пикнеме подлабоко главата во песок.

Извор: Haaretz

ОкоБоли главаВицФото