Threshold - Изложба на Иван Ивановски

27.06.2014 00:42
Threshold - Изложба на Иван Ивановски

Од 26 јуни до 10 јули во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје ќе биде отворена изложбата на слики и цртежи „Treshold“ на младиот македонски уметник Иван Ивановски.

Во продолжение, ги пренесуваме коментарите на Ивана Васева и Горјан Ѓорѓиев за творештвото на Ивановски.

Threshold... или сенката на нештата кои не ги гледаме

1. Гледам:

Еден драматичен митологизиран свет кој воскрикнува и воскликнува, вртлози од бесконечни случувања чиј одек е на граница на безгласна штама. Иконографијата која Иван ја користи наликува на јапонската, словенската, античко – грчката митологија, понекогаш со знаковност превземена од христијанскиот светоглед но само во мирисот и во визуелниот начин на кој симболично се предадени одредени ситуации. Во основа, тоа е засебен реалм, со лично добиени креации, со ситуации кои се случуваат тука и сега, во овој век и атмосфера, во ова време на застраснет конзумеризам, атрофирани вредности, искривени значења....

Овој свет постојано се движи, дури и кога се чини дека е стопиран, како еден исечок од долг кадар.

2. Знам:

Делата кои се претставени на оваа изложба се дел од еден след кој има големи преклопувања: Иван ја започна својата кариера со безбројни серии на црно – бели цртежи во (без)временски простор каде креациите живееа во сопствените сенки, мракови и мали виделини. Подоцна и физички ги раздвижи кога ги претстави во серија на анимирани филмови за сега да ги предаде во боја, која блешти со посебен сјај - како да има сопствена светост и восок и како да и парира на бојата на иконите, но овој пат одразувајќи една материјална реалност.

3. Чувствувам:

Еден своевиден личен пркос. Ангажиран однос во рамките на сопствените уметнички моќи каде може секој, ако сака, да ги провери своите ставови. Како во фреските на „Страшниот суд“, постојано прашува до каде сме и што точно работиме.

Сепак она што е најспецифично, ми се чини, е неволноста на уметникот да замавне со прст. Тој само го претставува она што го гледа постојано, додека се движи низ улица или додека е затворен во сопственото атеље.

(...)

Иван Ивановски работи со еден искрен, сосема личен пристап кој се коси со брзината на секојдневните случувања, но живее паралелно со нив. Тој луцидно и пркосно зема сегменти и ги преработува на сопствен начин...неговиот начин не е уметничарење или уметникарски, тој сосема свесно живее со сопствената креативна агонија и постојано ги преиспитува и става на тест медиумите (цртеж, видео, анимација, слика, графика, скулптура), понекогаш комбинирајќи ги, а понекогаш давајќи им сопствено место на доминација и експресија.

Ивана Васева

_____________________________

Иван Ивановски ја слика и доживува нашата трошна физичка телесност, бојата на матрицата, раѓањето и виртуелното постоење. Делата се во форма на исповед, тие се интуитивно чувство на состојбите во околината, светот и меѓучовечките релации, поточно кревкоста на нашите односи.

Работата на Иван е афирмација на личен гест со одлучувачки манир. Таа се состои од крв и месо, го опишува човекот во детали, неговата осаменост, неговата меланхолија, неговата носталгија и некомпатибилност во матрицата. Но човекот само се стреми кон светлината и мирен свет.

Иван го слика изразот на подсвеста на луѓето и мистиката во околните предели , ова има врска со контрадикторните струи во неговата раскошна енергија, во служба на една супериорна реалност. Околу самите дела битно е да се споменат разнебитините и креативно преобликувани биолошки или човекоподобни состави, се наѕираат хаотични и еруптивно изведени наслојки на бои колажи и потези. Расфрлани платна од кои се ослободува суптилната енергија на боите.

Уметноста на Иван Ивановски би ја заокружил во здружување на надреалистички искуства, принципи на интуитивно апстрахирање и натуралистичка обработка на клучни детали во делата.

Горјан Ѓорѓиев