Една мачка само се смеела

27.06.2014 14:14
Една мачка само се смеела

Една мачка само се смеела

Една мачка само се смеела
и само глупости велела,
само се кезела,
само се зезала,
само врискала
и стомак стискала.

Од смеата само пукала,
само со шеги се клукала,
од смеата вриела како чајник
комплет - од опаш до крајник.

Толку успешна била
што и плочи снимила
за мрачните ноќни барови,
за тажните брачни парови.

Тие плочи биле хит
оти се смеела како кит;
толку ги развлекувала виличките
што ѝ набрекнувале жиличките.

Таа мачка се тресела од смеење,
смеењето ѝ било сето умеење.
Еден ден смеејќи се спрепнала
- така малиот глушец го сретнала.

Глушецот во тага се лелеел,
по цел ден солзи леел
(велел: „Оф мори мајко, леле!“),

само шмрцкал,
само цмиздрел,
само солзи цедел
и сè повеќе бледнеел.

Не дека пречел - но само лелекал,
по патот одел како да гази по кал,
се клацкал, застанувал, стоел,
страданијата си ги броел,
само солзи сркал,
само солзи кркал
- од тага целиот бил збркан.

И носел црн дрес
и читал „Bonjour tristesse“
и за ништо немал интерес;

само тажни сништа сонел,
во солзите само си тонел.

Кога мачката го сретнала некаде
посакала, се разбира, да го јаде;
но толку се смеела
што да скокне не умеела,
па на грб паднала,
на патосот ко квака треснала,
толку од смеата била стресната.

А глушецот ќе скокнел,
глушецот ќе бришнел,
но веќе не бил смел;
од тагата цел се згрчил,
цел се скврчил,
и само така си стоел,
од сè на светот се боел;

и така не било ништо.

Мачката видела дека добро не е
што толку многу се смее,
па
одлучила веќе да не вриска
и стомакот да си го стиска,
да не се кези ко будалај лама
туку да биде смерна и сама.

И го облекла црниот дрес
и ја купила „Bonjour tristesse“.

Од смеа веќе не рикала,
од смеа веќе не икала.

Оттогаш само шмрцкала,
оттогаш само цмиздрела,
оттогаш само плачкала,
оттогаш само врачкала,
опашот во јазол го врзала
- и никаде веќе не брзала;
толку била тажна,
толку си била неважна.

И глушецот видел дека добро не е,
дека без престан цмиздри и солзи лее,
па почнал да чита стрипови
и да збира несериозни типови
и да бара само ведра дружина;
наутро јадел ужинка
и веќе не клецкал ко во кал
и веќе не кукал и лелекал.

И читал мини-топ хумор
и не знаел што е умор,
само се кезел,
само вицови везел,
само врискал,
само пискал;
толку бил бодар и ведар
што се осеќал ко медар!

Мачката пак тој глушец некаде
го сретнала и пак сакала да го јаде,
но вака цмиздрава,
но вака шмрцкава
далеку била од некаков апаш,
пред око не гледала ни опаш
и - буп!

Паднала како труп!
И само така седела
и само така гледела
и само солзи цедела
и само солзи точела

- глушецот го дрочела!

Кога глушецот видел колку е бујна,
кога глушецот видел колку е рујна,
целиот се стврднал
како од умот да се мрднал!

Од смеата сè му се нишало,
сè околу него како да летало,
сè го штрецкало,
сè го пецкало,
сè го штипкало,
сè го пипкало,
сè го скокоткало,
сè го боцкало,
сè го голицкало,
сè го грицкало,

сè нешто му било вицкасто,
сè нешто му било мицкасто;

и така не било ништо.

*Bonjour tristesse (читај: Бонжур тристес) - Добар ден, таго (наслов на познат роман на Франсоаз Саган, француска писателка)



Мачката кај психијатар

Една мачка живеела сама
во својот стан, како дама,
таму ѝ било многу фино
до доцна си спиела мирно,
имала пижама со тегет цвет
и голем мек кревет за лезет,
и многу книги на сите страни,
песни, романи, стрипови избрани,
и разни пијалаци за да се опијани;
си правела и икебани
и спремала кинески храни,
со стапчињата јадела вешто;
целата била бела и мала,
по паркетот меко се лизгала,
но сепак ја мачело нешто,
мислела дека сè е бадијала
и дека можеби самата е будала.

Еден ден, за сосем да не откачела
на првиот психијатар му се закачила;
а тој психијатар да ми ти бил глушец.
Таа му рекла сè по ред,
ги раскажала своите проблеми;
кога тенот ѝ го видел блед
глушецот останал ладен ко лед;
само ѝ рекол: „Немајте гајле,
драга моја, ова ви е најбитно -
глушец еден ви треба под итно!“

Тогаш ѝ напишал рецепт оригинал
и потоа кроце низ вратата клиснал.
Мачката била мошне лута,
мачката била мошне крута;
на рецептот буква по буква слеано
јасно пишувало како да е испеано:
Опасна болест - ГЛУШИТИС ХРОНИК!
Затоа испијте шише тоник,
барем во мигов да не патите;
а ако сакате вистински лек,

ќе морате да ме фатите.

Извор: Miševi i mačke naglavačke (1973)
Препев: Пандалф Вулкански
Слики: Ruth Hurlimann

Сроден прилог:
Една мачка многу пиела

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото