Издишан проблем

28.06.2014 09:23
Издишан проблем

Податоците на Светската банка, според кои воздухот во Македонија е најзагаден во Европа, ги дочекавме со невидена рамнодушност, мртви ладни, што се вели. Дури ни власта не се пофали.

Во извештајот на Банката е наведено дека земјава е на петто место според годишните смртни случаи предизвикани од загаден воздух, односно од ПМ10 честичките - повеќе од 1.350 годишно, илјадниците изгубени работни денови ја чинат државата трошок од 253 милиони евра годишно (3,2% од БДП), дека во 2011 година биле регистрирани 485 нови случаи на хроничен бронхитис, 770 болнички приеми и 15.200 итни посети. Ако ПМ10 честичките се намалат на ниво на европските вредности ќе се избегнат повеќе од 800 смртни случаи, многу изгубени работни денови и во здравствените трошоци ќе се заштедат 150 милиони евра годишно.

Кога вака ќе се стават на куп стотици болни, илјадници мртви и изгубени милиони евра, изгледа дека ситуацијата навистина е застрашувачка. Среќа што тоа никого сериозно не го загрижува. Иако изгледа дека живееме од воздух, нам воздухот ни е последното од сите нешта поради кои целиот живот ни е з(а)гаден. А, да беше Светската банка заинтересирана нешто вистински да расчисти ќе го објавеше списокот на тие што го трујат народот, и што се најодговорни за оваа катастрофа. Ќе им дишеше во врат и на големите загадувачи и на властодржците и немаше со стотици милиони да ја одржува бизнис-климата за која тврди дека е отровна.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња