Санкционирање на женскоста

28.06.2014 14:05
Санкционирање на женскоста

„Не, јас не сум феминистка, јас сакам мажи.“[1]

„Феминистка?! Бљак! Тоа се оние буч-лезбејки што не се нималку женствени, нели?“[2]

Претпоставувам дека неретко сте слушнале различни верзии и интерпретации на горниве цитати/парафрази, кои, освен што го илустрираат односот на општеството кон сѐ што е потенцијално субверзивно кон патријархалните и хетеронормативните структури, сведочат и за нераскинливата врска во перцепцијата на феминизмот како борба за еднаквост меѓу половите и борбата против дискриминација врз основа на сексуална ориентација. И додека низ вековите феминизмот еволуирал во многу различни правци, а постојат и различни пристапи и правци во ЛГБТ движењето, она што ги поврзува сите се заложбите за подигнување на свеста за разните форми на дискриминација и борбата за остварување на човекови права.

Разликите и исфорсираните однесувања зададени за половите, кои токсично и често насилно ни се наметнати пред да имаме каква било свест за себе, долго време беа оправдувани како логични последици на биолошките разлики меѓу половите. Традиционално, на момчињата им прилега борба, успех, натпревар, победа; на девојчиња убавина, солзи, скромност, пожртвуваност. Мажите стануваат хирурзи, космонаути, крадци или премиери[3], жените стануваат домаќинки, учителки, курви или медицински сестри. Уште од најрана возраст општеството нѐ индоктринира со супериорноста на машкоста, и второстепеноста на женскоста. Секое девојче што се осмелува да оди против традиционалните родови улоги и избере изглед и професија што се традиционално „машки“, и особено секое момче што ќе се осмели да биде „женствено“ и на тој начин ја „девалвира“ својата машкост, веднаш станува предмет на исмевање и стигматизација од страна на будното око на општеството затоа што „не си го знае местото“.

Во сите големи религии жената е првата „другост“, објектот преку кој се остварува „машката желба“, нејзиното тело - порочно искушение, нејзината невиност - честа на семејството, нејзината вредност педесет златници или две камили, а паметот нестабилен и потенцијално коруптивен. Навидум наивниот култ кон „убавината“ на женската форма и тело станува опасна алатка за експлоатација и креирање профит во рацете на капитализмот, наметнувајќи нереални стандарди за убавина врз жените, кои и покрај сите напори да ги задоволат на крајот завршуваат посрамени за својот изглед - или затоа што не го достигнале идеалот па се „ружни“, или затоа што премногу ги нагласиле физичките атрибути, па се „курви“. На тој начин се развива и храни култура која е амбивалентна и критички настроена кон „женственоста“ кај жените, будно го следи нивниот изглед, и по потреба го санкционира. Концептот на „машкоста“ во голема мера се конструира врз основа на презир, инфериорност на ваквата „женскост“. Патријархалната нетрпеливост кон жената и обидите да се контролира и ограничи нејзиниот изглед, движење, дејствување и размислување, се пренесува и кон сите останати групи, особено хомосексуални мажи и транс-жени кои ја одбрале „инфериорната женственост“ па изгледаат и се однесуваат како жени, на тој начин предавајќи ја „светата машкост“. И додека лезбејството често се третира како каприц кој може да биде „излечен“ со помош на вистинскиот пенис, феминизираноста и хомосексуалноста кај мажите најчесто се „лечи со ќотек“.

По добивањето на правото на глас положбата на жените постепено се подобрува и им се отвораат сѐ повеќе можности за дејствување во различни полиња. Сепак, живееме во време кога нивната дискриминацијата е толку суптилна од една страна, и до тој степен интернализирана од друга страна, што секој обид да се разобличи наидува на силен отпор. Просечен човек на збор ќе се крсти против семејно и сексуално насилство врз жените, но во ситуација кога има конкретен случај, веднаш се изнајдуваат милиони тривијални оправдувања за насилникот, а вината се лоцира во жртвата - „многу му викала, го провоцирала, ѝ мрдал опашот“. Никој нема да рече дека би силувал жена, но социјалните мрежи вријат од вербални онанирарања на мажи од секоја возраст под слики на жени и (особено!) малолетни девојчиња. Поп-културата неповратно ги труе умовите на младите со суптилни наративи во кои жените се немислечеки, неспособни битија; служат за украс, за статус; тие се жртви, суштества на кои им е потребно скротување и заштита и кои најчесто служат како награда и сексуално задоволство на главниот машки протагонист.

Слично и со не-хетеросексуалноста. Отворената хомофобија не е веќе толку честа, па ретко ќе чуете некој/а да каже дека е против хомосексуалците/ките, ама повеќето сметаат дека нехетеросексуалните двојки треба да си молчат и да си прават што си сакаат само по дома. Па и некој да им подзачука две-три воспитни одвреме-навреме не е лошо, за да „не аздисуваат“. Тоа впрочем и не е „дискриминација“. Се знае дека Господ ги создал Адам и Ева - е сега, не се овие криви што се „обратни“, ама не треба нам, на „нормалните“ да ни влегуваат во видното поле и да ни прават куршлус во закоравената свест. И „не дај боже да побараат да посвојуваат деца, па и нив да ги изопачат“. Потребна е само една мала провокација на стандардната перцепција за хетеронормативноста (последен беше случајот со Кончита), за страстите во општеството да зовријат и да се почне со апокалитични предвидувања дека следен чекор е „нормализирање“ на педофилијата.

Ако навистина се стремиме кон слободен свет, во кој секој/а ќе има можност за избор и самореализација, неопходно е активно разобличување и борба против „културата на силување“, секојдневно потхранувана од мас-медиумите и од неосвестени поединци/поединки, која расте и метастазира во сите пори на општеството. Оваа недела е „Неделата на гордоста“, обид за демаргинализиција на ЛГБТ групите и чекор против дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација, кој сепак, од многумина ќе биде карактеризиран како „непотребна провокација“. Затоа, дојдете, посетете ги изложбите, погледнете ги проекциите, учествувајте во дискусиите, обидете се да излезете од зададените рамки и да видите каква е перспективата на оние обележани од општеството како „различни“.

___________________________________________________

[1] Парафраза на изјава на Кејт Буш извадена од контекст. Изворното интервју може да се прочита тука: http://gaffa.org/reaching/i85_hp.html

[2] Скорешна изјава на младата холивудска ѕвезда Шајлин Вудли

[3] Две од овие именки не се ни појавуваат во женски род

Слики: Yung Cheng Lin

ОкоБоли главаВицФото