Нееднаквоста не е услов за раст

30.06.2014 09:38
Нееднаквоста не е услов за раст

Вашето истражување покажа дека нееднаквоста расте и дека без државна интервенција оваа тенденција најверојатно ќе продолжи. Меѓутоа, дали може да се каже дека нееднаквоста е суштински негативна појава во смисла на последиците за општеството?

Проблемот не е во нееднаквоста како таква. Всушност, до одредена мера нееднаквоста е во ред и можеби дури е корисна во поглед на иновациите и развојот. Проблемот се создава кога нееднаквоста ќе стане толку екстремна што веќе не го подобрува растот. Кога нееднаквоста ќе достигне одредена точка, често доведува до продолжување на нееднаквоста низ времето и генерациите, како и до недоволна подвижност во рамки на општеството. И покрај тоа, екстремната нееднаквост може да биде проблематична за демократските институции затоа што потенцијално доведува до екстремно нееднаков пристап до политичката моќ, така што граѓаните не се застапени.

Не постои математичка формула која ја покажува точката каде нееднаквоста станува претерана. Го имаме само историското искуство и во ова истражување се обидов да ја поврзам масата историски искуства од над дваесет земји во период од два века. Од овој труд можеме да извлечеме само нецелосни поуки, но немаме ништо подобро. На пример, една поука е дека толкавата екстремна концентрација на богатство, каква што имавме во повеќе европски земји по Првата светска војна, е претерана, во смисла дека не го поттикнуваше растот, туку веројатно ги попречуваше растот и подвижноста воопшто.

Оваа ситуација ја прекинаа Првата светска војна, Големата депресија и Втората светска војна, како и социјалната држава и прогресивното оданочување које следеше по овие потреси. Како резултат на тоа, концентрацијата на богатството беше значително помала во педесеттите и шеесеттите отколку во 1910 година, но тоа не го спречуваше растот. И покрај тоа, веројатно придонесувало за раст преку вклучување на нови општествени групи во економскиот процес. Значи, важната историска поука од 20 век гласи дека не ни е потребна нееднаквоста од 19 век за да оствариме раст во 21 век, па затоа не треба да посакуваме враќање на тоа ниво на нееднаквост во Европа.

Како би им одговорите на оние кои велат дека нема доволно докази за да се изведе таков заклучок?

Ова секогаш ќе биде несовршена претпоставка, затоа што зборуваме за општествени науки и не треба да има илузии за тоа што е возможно. Не можеме да спроведеме контролиран експеримент низ целиот 20 век или да го репризираме тој век како Првата светска војна и прогресивното оданочување никогаш да не се случиле. Го имаме само заедничкото историско искуство, но сметам дека тоа е доволно за да се извлечат некои цврсти заклучоци.

Поуката што веќе ја споменавме – дека за економски раст не ни е потребна екстремната нееднаквост од 19 век – е само нецелосна лекција, но постојат и други важни лекции. На пример, погледнете го порастот на нееднаквоста во Соединетите држави во последните 30 години. Да речеме, дали има смисла на менаџерите да им се дадат десет милиони долари, наместо само еден милион? Тоа не може да се види во податоците: колкав е општиот учинок и колку нови работни места се отворени во компаниите кои на менаџерите им плаќаат десет милиони долари, наместо еден милион. Во Соединетите држави во последите 30 години, речиси 75 проценти од вкупниот раст одат во врвот. Имајќи ја предвид скромната продуктивност и стапката на раст на БДП по глава на жител од 1,5 проценти годишно, фактот дека речиси три четвртини одат во самиот врв не е баш поволен за остатокот од населението.

Ова секогаш ќе биде комплицирана и вжештена дебата. Општествено-научните истражувања никогаш нема да го решат политичкиот конфликт околу нееднаквоста со маметатичка прецизност, но барем можеме да водиме втемелена расправа со помош на овие докази од мноштво земји. Тоа е главната цел на моето истражување.

Кои конкретни мерки можат да се применат за спречување на враќањето кон нееднаквоста за која зборувате?

Постојат бројни мерки кои можат да се комбинираат за регулирање на нееднаквоста. Низ историјата, главен механизам за намалување на еднаквоста беа ширењето знаења, квалификациите и образованието. Тоа е најмоќната сила за намалување на нееднаквоста помеѓу државите: и тоа е она што го имаме денес, каде земјите во развој, во смисла на продуктивноста, им се приближуваат на побогатите држави. Понекогаш тоа може да се направи и во една земја со инклузивни образовни и општествени институции, кои овозможуваат големи сегменти од населението да добијат пристап до соодветни квалификации и соодветни работни места.

Но, иако образованието е исклучително важно, понекогаш тоа не е доволно самото по себе. За да се оневозможи отцепување на врвот и најбогатите групи од остатокот на распределбата, односно тие да растат многу брзо од остатокот од општеството, потребно е и прогресивно оданочување на приходите и прогресивно оданочување на богатството – како наследеното така и годишното. Во спротивно, не постои природен механизам за спречување на толку големи екстремни концентрации на приход и богатство какви што имавме во минатото.

Пред сè потребна е финансиска транспарентност. Мораме ефикасно да ја следиме динамиката на сите приходи и групи, за да ги приспособиме мерките и даночните стапки кон она што го гледаме. Недоволната транспарентност е всушност најголема закана – може да се случи да завршиме во многу понееднакво општество отколку што ни изгледа дека е.

Извор: http://www.social-europe.eu

 

ОкоБоли главаВицФото