Додека гледаме Светско

01.07.2014 07:52
Додека гледаме Светско

Додека гледаме Светско првенство во фудбал, почитувани, во болниците на нашата вечна Македонија луѓе умираат по ходници, паѓаат лифтови, нема лекови, завои, инјекции...

Додека уживате во фудбалските мајстории и велите дека ништо друго (а особено политиката) не ве интересира, Светска банка објави извештај, во кој Македонија е светски лидер. Не во фудбал, ами во воздушно загадување, од кое годишно кај нас умираат 1350 лица. Повеќе отколку што загинаа во земјотресот во 1963, и неколкупати повеќе од загинатите жртви во конфликтот во 2001.

Додека им се воодушевувате на фудбалските мајстории на Меси, Шаќири и другите фудбалски виртуози, оние што нѐ дриблаат повеќе од 8 години објавија дека панорамското тркало во Скопје кое ќе го краси фекалниот Вардар ќе чини не 10 или 11, туку над 15 милиони евра.

Додека со ливчињата од обложувалниците пред вас со нетрпение го очекувате крајот на натпреварот кој може да ви донесе 500 или 5000 денари, градските власти на Скопје објавија дека за да ја завршат барокната зграда на скопски Водовод, ќе подигнат дополнителни 7 и пол милиони евра кредит. Мал заем, кој ќе го земат политичарите, а ќе го враќаме ние, граѓаните. Исто како и оние над 700 милиони евра рати на кредити, кои веќе стасуваат и ќе треба да ги враќаме идната година.

Додека им фаќате сеир на Панчев и Калински, обвинителот Зврлевски соопшти дека нема да покрене истрага за случајот со 1 и пол милион евра кеш провизија за продажбата на Македонска банка. Дали поради тоа што случајот бил застарен, дали поради тоа што снимката не е добиена преку овластено снимање и следење од државните органи, нам и онака не ни е важно. Па побогу, кој ќе се занимава со тоа, додека има Светско на телевизија!
Додека се тепате да фатите убаво место пред големите екрани поставени во вашето омилено кафуле, бифе, ќебапчилница, меана или пицерија, Владата донела одлука за покренување постапка за измена на Уставот. Дали со тоа ќе ви се ограничат уште некои права, дали државата и политичарите ќе одземат уште еден дел од суверенитетот на граѓаните, дали воопшто имаше најава и расправа за потребата од овие апансас – измени, не е важно, сѐ додека топката во Бразил е во лет. И онака, сега засега де, во најавените измени нема ни збор за промена на уставното име, нели?

Додека се расправате за тоа кој испаднал праведно или неправедно од Бразил, додека се нервирате за неправдите на ФИФА и фудбалските судии, во македонските судови се крчка праведна пресуда за случајот „Монструм“. Секако, за потпалувачките изјави дадени од обвинителката Гешковска во завршната реч на судењето, или пак за флагрантното кршење на пресумпцијата на невиност од страна на полицијата уште на самиот почеток на целата ѓурултија, нема никаква одговорност. Па кога не одговараат фудбалските судии за нивните глупости, зошто би одговарале нашите судии, обвинители, министри и портпароли? На крајот на краиштата, има ли некаква разлика помеѓу стадион и судница?

А да, на крајот, да не заборавам: додека седите опиени пред екранот и чекате вашиот омилен тим да постигне гол, додека се расправате со пријателите за забите на Суарез или фризурата на Роналдо, од утре веќе ве чека повисока цена на струјата.

Ама ич да не ми се секирате за тоа. Баталете „политика“, гледајте фудбал. Фрлете котва во вашиот кауч, фотелја или сепаре, и уживајте. Малку поскромно дома, или малку побогато на некоја тераса, со десетденарски попуст на пиво, сок, и со бесплатни кикирики.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото