Поскапувањето на струјата - мерка на Владата за зголемување на наталитетот

01.07.2014 13:13
Поскапувањето на струјата - мерка на Владата за зголемување на наталитетот

Скопје, 1 јули 2014

Најавеното поскапување на електричната енергија повеќето граѓани во Македонија го дочекаа со негодување и критики. Меѓутоа, од Владата објаснија дека оваа одлука донесена во соработка со ЕВН е само една од низата мерки во државната стратегија за зголемување на наталитетот.

„Долго размислувавме што да направиме за да го спречиме негативниот природен прираст во Македонија. Првичната идеја беше драстично да ја зголемиме акцизата на кондомите, но набрзо сфативме дека има повеќе луѓе што користат електрична енергија отколку кондоми. Увидовме образец кој се повторува: секогаш кога во минатото имало рестрикции на струја, тоа се совпаѓало со зголемениот број новороденчиња. Тогаш сфативме дека во мрак луѓето веројатно немаат што да прават, па прават деца“, вели премиерот Никола Груевски.

Во Владата се надеваат дека оваа мерка ќе биде успешна и дека граѓаните, со желба да заштедат на стуја, почесто ќе го гасат светлото и ќе го повторуваат образецот од старите добри, темни и плодни времиња. Авторите на оваа стратегија со популарно име „Ние и Кинезите милијарда и кусур“ ни открија дека ова не е единствената мерка која ќе се спроведува.

„Покрај акцијата 'Изгаси го светлото, разгори го огнот', планираме и други активности. Голем придонес за целата работа ќе дадат и медиумите, кои во следниот период ќе форсираат текстови за тоа дека воопшто не е голем трошок да се одгледува дете, потоа дека за жените не постои опасност од отказ ако забременат, како и дека во Македонија нема гужви околу запишувањето на децата во градинка и многу други“, вели висок претставник од Владата.

Освен поскапувањето на струјата, Владата планира и други програми со кои ќе се подигне квалитетот на животот на граѓаните. Како што е најавено, една од нив ќе биде и драстичното поскапување на храната, благодарение на кое македонските граѓани никогаш нема да имаат проблем со прекумерната телесна тежина.

Извор: www.njuz.net