Факти, митови и легенди за Сараевскиот атентат

02.07.2014 09:37
Факти, митови и легенди за Сараевскиот атентат

Крвавиот 20 век почна и заврши во Сараево. Не може да се каже дека нешто радикално се променило во главите на луѓето од Балканот, вклучувајќи ја и стотина години долгата надеж дека ќе биде подобро.

Со членот 25 од Одлуката на „Берлинскиот конгрес“, Босна, изземајќи го Новопазарскиот санџак, е одвоена од Османлиското царство и е доделена на управата на Австро-Унгарија.

Идејата за паѓање под власт на Австро-Унгарската монархија во Босна е дочекана со незадоволство. Освен протестирањето против таквата одлука испратен е и допис во Истанбул во кој од султанот се барало да се воспостави автономија, а со земјата да управува нејзин собор.

Босанците, без оглед на верата, биле подготвени да ја бранат својата земја. Било именувано и Народно собрание. Духовен лидер на ова движење бил Мухамед еф. Хаџијамаковиќ. Состојбата во Босна била мошне хаотична. Окупаторите се соочиле со неочекуван и жесток отпор кој траел речиси цели три месеци.

На крајот, бранителите на Босна потклекнале пред една од најсовремените армии во тогашна Европа. Ќе настапи окупација долга 40 години која ќе донесе значителни промени. Самиот статус на Босна како дел од Австро-Унгарската монахрија е утврден со анексијата на Босна и Херцеговина од 1908 година.Анексијата предизвикала жестоко незадоволство меѓу босанските муслимани, но и православното население кое веќе било под силно националистичко влијание од соседна Србија. Во српските националистички привиденија Босна била доживувана како „српска земја“.

Во текстот „Анексијата на Босна и Херцеговина и српското прашање“ објавен 1908 година, Јован Цвијиќ пишува: „Српскиот проблем мора да се реши со сила. Двете српски државички мораат најенергично да се подготват воено и просветно, да ја одржуваат националната енергија во завојуваните делови на српскиот народ и во првата, евентуално поволна, можност да ја употребат за да расправаат за српското прашање со Австро-Унгарија“.

Тајната српска терористичка организација Обединување или Смрт, попозната под името „Црна рака“, официјално е основана на 10 јуни 1910 година во Белград. Создадена е врз темелите на српската националистичка организација Народна одбрана. „Црна рака“ покрај антиавстриската пропаганда во рамките на Србија се залагала за саботажа, шпиунажа и политички убиства на територијата на соседните земји под австриска окупација.

Групата била составена од многумина владини службеници и воени офицери. Кога се појавила информацијата за посета на престолонаследникот Фердинанд на Сараево, организацијата го препознала моментот за акција. Со цел да се изврши атентатот, биле регрутирани три членови на организацијата „Млада Босна“: Гаврило Принцип, Недељко Чабриновиќ и Трифко Грабеж.

„Добредојде“

Без дилема, токму оваа организација имала клучна улога во сето тоа што се случило на 28 јуни 1914 година во Сараево. „Црна рака“, односно нејзините членови, веќе претходно биле вклучени во терористички операции и политички убиства, а главниот заповедник бил воедно и главен заповедник на Српската воена разузнавачка служба – полковникот Драгутин Димитријевиќ Апис.

Тој е најодговорен за мобилизирањето и обуката на група младинци од Босна кои, во разновидни разговори, времето го поминувале во една кафеана на Зелен венец во Белград. Еден од нив, Недељко Чабриновиќ, на адреса на кафеаната „Златна моруна“, од анонимен испраќач добил информација за посетата на Франц Фердинанд на Сараево!?

Во истрагата по атентатот, Чабриновиќ изјавил дека, откако прочитал дека престолонаследникот доаѓа во Сараево на најголемиот српски празник Видовден, разговарал со Гаврило Принцип и дека тоа влијаело на одлуката за извршување на атентатот.

Обуката во тајност ја организирале националистичките реакционери од „Црна рака“. Приближно три месеци пред атентатот се вратиле во Сараево. Им се придружил Данило Илиќ кој за потребите на акцијата регрутирал уште тројца: Васа Чубриловиќ, Цветко Поповиќ и Мухамед Мехмедбашиќ.

За потребите на атентатот Српската војска обезбедила четири пиштоли и шест бомби, како и цијанид со кој требале да извршат самоубиство во случај да бидат фатени.

Престолонаследникот со својата сопруга стигнал во Сараево во четврток на 25 јуни. „Сараевски лист“ објавил насловна на која пишува „Добредојде“. Фердинанд и Софија спиеле во хотелот Босна на Илиџа. Следниот ден Фердинанд извршил смотра на 15 и 16 армиски корпус, кои биле јадро на шестата армија во која имало Босанци, Далматинци и Лиќани.

Вечерта на 27 јуни, во хотелот била организирана гала вечера каде биле сервирани и домашни специјалитети како пастрмка од реката Босна, шербет и Жилавка од фирмата „Јелачиќ“ од Мостар. Наводно, за време на вечерата Фердинанд рекол: „Овде е како во гроб“.

Во неделата на 28 јуни, откако присуствувале на миса, се упатиле со воз кон железничката станица, односно кон касарната во непосредна близина. Таму седнале во автомобил и во колона тргнале кон сараевското Собрание. Утрото било сончево и топло. Кратко застанале покрај новоизградената пошта, а потоа колоната го продолжила патот по денешната улица “Брегот бан Кулин”.

Во првиот автомобил седеле градоначалникот на Сараево Фехим еф. Ќурчиќ и шефот на полицијата Герде. Зад нив, во автомобилот на грофот Харач, седеле Франц и Софија, како и генералот Потиорек. Следела колона автомобили во кои луѓето наредени по улицата ги гледале насмеаните лица на дамите на Софија, офицерите и босанските официјални лица. Последниот автомобил во колоната бил празен и требало да послужи во случај ако се случи нешто. Не на луѓето, туку ако се расипе некој од автомобилите.

Околните куќи биле украсени со знамиња и цвеќе. По патот по кој поминувала колоната автомобили стоеле многу луѓе. Имало љубители на Монархијата, но и љубопитни луѓе. Меѓу нив, во тој метеж се наоѓале и нималку насмеаните лица на седуммината млади кои очигледно никој не ги забележувал. Автомобилот поминал покрај првиот од нив.

Тоа бил Мехмедбашиќ. Од непознати причини тој не направил ништо. Под него стоел Чабриновиќ. Внимателно го набљудувал возилото во кое се приближувал престолонаследникот. Наводно, во рацете држел букет цвеќиња во кој се наоѓала бомба. Кога се приближил автомобилот, Чабриновиќ ја активирал бомбата и броел во себе пред да ја фрли.

Изгледа дека повторно поранил. Забележувајќи го, возачот ја притиснал педалата за гас додека Франц Фердинанд ја заштитил сопругата од бомбата која летала кон неа. Бомбата се одбила од покривот на автомобилот и се истркалала низ улицата каде експлодирала, посериозно ранувајќи неколкумина сараевчани. Како што е вообичаено, за колатералните жртви никогаш не можело да се зборува.

Главно, меѓу потешко и полесно ранетите биле членовите на свитата и граѓаните: Артур и Ида Пфоб, Јаков Рајх, Мара Скоруп, Мишко Јакшиќ, Урош Шпириќ, Бернард Шварц, Смаил Спаховиќ, Ерих Мерици, Александар Бас-Валдак, Ана Бложун, Ибрахим Џуселберг, Џозефина Рупник, Марија Келер, Мици Мохи, Џозеф Ашер Данон и Лоренцо ди Терлици. Од експлозијата било оштетено и третото возило. Колоната накратко била запрена.

Атентаторот Чабриновиќ веднаш по извршениот напад го проголтал цијанидот и скокнал во Миљацка. На негово изненадување цијанидот што му го набавиле членовите од „Црна рака“ не дејствувал.

Наместо брза смрт, го обземало чувство на мачнина. По него скокнале берберот Карло Мароши и детективот Зејниловиќ, кои го фатиле. Принцип бил релативно блиску, па наводно размислувал со својот пиштол да го убие Чабриновиќ за на тој начин да ја оневозможи истрагата да ги открие останатите атентатори. Не го направил тоа.

Ден на лоши одлуки

Не сонувајќи дека првиот обид за атентат е само почеток на приказната, Франц Фердинанд и свитата го продолжиле својот пат кон Собранието. Според пишувањето на „Сараевски лист“, Чабриновиќ, кој бил донесен во полицијата, студено и цинично признал дека бомбата ја фрлил со намера да го убие Фердинанд и сите присутни.

Очигледно, тоа бил ден на лоши одлуки, лоши проценки, кога сè оди наопаку. Од една страна, помалку невешта група млади, меѓу кои неколку лудо храбри и одлучни, а од друга, уште поневешти домаќини на посетата, сили за обезбедување и тврдоглавиот Фердинанд кој ни по првиот обид за атентат не се откажал од својата намера да ги посети Собранието и Народниот музеј.

Очигледно, ќе се случи тоа што не мора да се случи. Доколку сето тоа случајно било снимено, ми изгледа дека би личело на некоја црна комедија.

Единствените филмски сними од овој ден го прикажуваат влегувањето на Франц Фердинанд во Собранието. Ги снимил сараевчанецот Антон Велиќ, страствен филмски аматер и син на Паулина, сопственичка на сараевското кино Аполо. Снимките ја прикажуваат средбата на Фердинанд со Фехим еф. Ќурчиќ, сараевскиот градоначалник.

Според пишувањето на „Сараевски лист“, престолонаследникот рекол дека пријателска посета не се дочекува со бомби. На градоначалникот му било особено непријатно кога го прочитал својот однапред подготвен говор и, се разбира, не се ни сомневал дека може да се случи сето тоа што се случило на патот кон Собранието.

На снимката на Антон Велиќ нема ништо особено драматично и ништо не упатува на она што се случило само десетина минути претходно. Меѓутоа, откако гостите ќе влезат во Собранието, се гледа возачот кој излегува од автомобилот и го гледа оштетувањето на десната каросерија. Во Собранието, за промена, сè се одвивало според планот до моментот кога почнува уште една фатална расправа за евентуална промена на планот.

Тука до израз доаѓа тврдоглавоста на Фердинанд. Навистина, кој можел да се надева дека најлошото не поминало. Маркантен, без трошка трага страв на лицето, надвојводата инсистира да не се откажуваат предвидените посети на Народниот музеј и ручекот кој требало да следи во резиденцијата. И не само тоа, туку инсистира во планот да се вметне и посета на болницата каде лежел високиот офицер Мерици, кој добил сериозна повреда на главата од бомбата што ја фрлил Чабриновиќ. Во секој случај, тоа била многу лоша проценка на ситуацијата.

По експлозијата, атентаторите ги напуштиле местата на кои требало да се наоѓаат според претходниот план и разочарани од неуспехот биле деморализирани. Еден од нив, Гаврило Принцип, напуштајќи ја улицата “Брегот бан Кулин”, тргнал низ улицата Фрањо Јосип. Стоел пред дуќанот на Морис Шилер во моментот кога пред него, сосема изненадувачки повторно се појавил автомобилот во кој седеле за него познати лица – Фердинанд и Софија.

Судбината сакала возачот по грешка да тргне по улицата Фрањо Јосип каде, откако генералот Потиорек ја согледал грешката, наредил автомобилот да биде запрен и да се врати во рикверц кон Апеловиот брег.

Во тој момент, на само неколку метри оддалеченост од автомобилот стоел Гаврило Принцип.

Како во вестерн филмовите, очи во очи. Го потегнал револверот и испукал два истрели. Првиот го погодил надвојводата, а другиот, наместо Потиорек, по грешка ја погодил војвотката Софија. Со третиот истрел се обидел да се убие себеси, но побеснетата маса веќе го грабнала така што полицијата го спасила од судбината што ја посакувал. Го проголтал цијанидот, но повторно недостасувал очекуванот ефект.

Посетата на Сараево – подарок за Софија

Историјата го бележи и разговорот кој е соодветен на холивудската филмска продукција помеѓу Франц и Софија. Не се знае дали е точен, но наводно војвотката прво вреснала гледајќи ја крвта што тече од устата на Франц. „Што е со тебе?“, викнала, несвесна за сопствените рани во абдоменот и интензивното внатрешно крварење. Здогледувајќи ја раната на својата сакана, Франц наводно рекол: „Соферл! Соферл! Немој да ми умреш! Остани жива заради нашите деца!“. Пред да стигнат до Конакот, престолонаследничката Софија починала. Набрзо, починал и престолонаследникот.

Следел бран насилство на кој биле изложени сараевските Срби. Антон Васиќ ги снимил улиците на градот откако масата почнала да го уништува имотот на сараевските Срби. Биле демолирани објекти и на оние Срби кои ѝ биле лојални на Монархијата, како хотелот Европа на сопственикот Глигорије Јефтановиќ или кафеаната на Васа Чабриновиќ, татко на еден од атентаторите. Вандалскиот напад на соседите го осудиле католичкиот бискуп Јосип Стадлер и реисот ул-улема Џемалудин Чаушевиќ.

На Гаврило Принцип, како и на останатите атентатори кои биле фатени им било судено во Сараево. Заради тоа што бил малолетен, Гаврило Принцип не бил осуден на смрт, иако умрел за време на издржувањето на казната. На судењето се држеле храбро и не покажувале знаци на каење, а своите налогодавци не ги откриле.

Тајната организација „Црна рака“ не била многу тајна во круговите на српската влада. Напротив, постоела цврста врска. Дури ни идејата за извршување на атентатот не била тотално непозната.

Српскиот премиер Никола Пашиќ имал сознанија за планирањето на атентатот. Навистина, тоа сознание го довело во неблагодарна ситуација затоа што му било јасно дека ако не направи ништо и ако не им го открие планот на Автријците, тоа би можело да доведе до војна.

Од друга страна, откривањето на оваа информација можело да го означи како предавник на српските национални интереси. Неговите обиди да го спречи преминувањето на атентаторите преку границата биле неуспешни и невешти, како и обидот по дипломатски пат да ги информира Австријците.

Многумина се наклонети кон разни конспиративни приказни за атентатот, а една од нив се однесува на несмасната организација за дочек. Сепак, четири години претходно, Сараево го посетил и царот Фрањо Јосип, така што оваа посета не била прва посета на една висока делегација. Очигледно, ризикот од таква посета не бил познат.

Освен маневарот, гостите требало да го видат и сараевскиот трамвај и да го посетат Народниот музеј. Се споменува и тоа дека посетата на Сараево ја замислил самиот Франц Фердинанд како подарок за сопругата Софија по повод нивната 14 годишнина од бракот. Имено, Софија, со оглед на тоа дека не била со „кралска крв“, во Виена немала право да се вози со својот сопруг во ист автомобил.

Тоа правило не важело за провинциските центри каков што бил Сараево. Очигледно, ниту изборот на посетата на Видовден не влијаел силите за безбедност да бидат повнимателни. Очигледно, Сараево било доживувано како пријателска територија и навистина голем број граѓани со воодушевување го поздравиле доаѓањето на престолонаследникот. Силите за безбедност биле релативно скромни, а наводно и самиот Франц Фердинанд бил против идејата меѓу него и народот да стојат кордони војска.

Очигледно, никој ниту знаел, ниту претпоставувал дека меѓу граѓаните кои изглегле на улиците за да го поздрават Фердинанд и речиси вкупно 120 полицајци, се наоѓаат и атентаторите.

„По ѓаволите со Србија!“

Веста за убиството на Франц Фердинанд и неговата сопруга одекнала во светот кој веќе бил на работ на војна. Може да се каже дека атентатот бил добредојден за многумина.

Светскиот печат веднаш го препознал Кралството Србија како главен виновник, вклучувајќи ги и весниците во земјите на идните сојузници на Србија. Британскиот весник „Џон Бул“, на насловна страна објавил текст со наслов „По ѓаволите со Србија!“. Британските весници пишувале дека се работи за српски заговор зад кој стојат Русија и панславизмот на Балканот.

„Манчестер Гардијан“ пишува дека не може да се дозволи целото западно човештво да потоне во море од крв заради еден српски заговор и дека „Србија треба да биде одвлечена на средината од океанот и да биде потопена“. Ситуацијата била слична и со останатиот европски печат, но имало и такви кои чинот на Гаврило Принцип го окарактеризирале како криминален акт на еден романтичар.

Следело затишје кое нималку не ѝ се допаднало на Австро-Унгарија, која во Берлин настојувала да добие германска поддршка за конечна пресметка со Србија. Германија го прифатила овој повик со оглед на тоа дека и самата ја препознала важноста на балканскиот простор, со оглед на Багдадската железница која требало да ја поврзе со изворите на нафта неопходни за понатамошен развој на дизел моторите и индустријата воопшто.

Во договорот со германската влада, австроунгарската влада ѝ упатила текст со ултиматум на Србија кој бил одбиен, не согласувајќи се со барањето австроунгарски полициски органи да учествуваат во истрагата за сараевскиот атентат на нивна територија.

На 28 јули 1914 година, Австро-Унгарија ѝ објавила војна на Србија. Германската влада веќе следниот ден се заканила дека и Германија ќе се мобилизира ако Русија не ги запре воените подготовки. На 30 јули 1914 година Русија одлучила дека на германската закана ќе одговори со објавување општа мобилизација.

Германија веќе следниот ден ѝ упатила ултиматум на Русија да ги запре воените подготовки. Меѓутоа руската влада го одбила тоа и на 1 август Германија ѝ објавила војна на Русија, а на 3 август 1914 година ѝ објавила војна и на Франција. Англија ѝ објавила војна на Германија, ноќта помеѓу 4 и 5 август 1914 година.

Почнала Првата светска војна.

Приказната за виновниците се изгубила некаде патем во жестоките расправи кои биле водени повеќе отколку приказната за последиците од таа луда војна. Национализмот го опустоши светот!

Како непосредно бојно поле, Босна претрпела огромни последици. Во борбите на нејзина територија загинале приближно 300 000 луѓе или 15 проценти од вкупното население. Австроунгарската власт над Босна и Херцеговина престанала во октомври 1918 година, кога тоа подрачје формално го преземала краткотрајната држава СХС која на 1.12.1918 година, по обединувањето со Кралството Србија формално ќе прерасне во Кралство на Србите, Хрватите и Словенците.

Како резултат на Првата светска војна и „Версајскиот договор“, најпосле била реализирана идејата на прогресивните јужнословенски интелектуалци за воспоставување заедничка држава на јужните Словени. За жал, дури по реализацијата на тој долгогодишен сон на светло ќе излезе дека содржината на таа идеја, вусшност била радикално поинаку доживувана.

Извор: Al Jazeera

ОкоБоли главаВицФото