Интересите, идеологијата и климата

02.07.2014 11:03
Интересите, идеологијата и климата

Знаеме три работи за глобалното затоплување како последица на човечкото дејствување. Прво, последиците ќе бидат ужасни, ако не преземеме итни мерки за ограничување на емисијата на штетни гасови. Второ, во чисто економска смисла неопходните мерки не би требало да бидат тешко изводливи: правилно спроведената контрола на емисијата веројатно би го намалила економскиот раст, но не многу. Трето, активното дејствување и покрај тоа е многу тешко.

Зошто е толку тешко да се преземе нешто? Дали станува збор за моќта на личните интереси?

Размислував за ова прашање и дојдов до малку изненадувачки заклучок дека главно не станува збор за лични интереси. Секако дека тие постојат и играат значајна улога: парите кои потекнуваат од индустријата на фосилни горива одиграа клучна улога во одржувањето на заблудата дека заклучоците на климатолозите се помалку извесни отколку што навистина се. Но, монетарните влогови не се ни приближно толку големи како што можеби се верува. Рационалното решавање на климатските проблеми е отежнато од нешто друго - отровната мешавина на идеологија и антиинтелектуализам.

Меѓутоа, пред да дојдам до тоа, една економска забелешка.

Како што истакнував и во претходните колумни, сите макар малку сериозни студии за економските последици од намалувањето на нивото на штетните гасови - вклучувајќи ја и неодамна објавената студија која ја плати антиеколошки настроената Американска стопанска комора - доаѓаат до многу скромни трошоци. Практичното искуство дава исти заклучоци. Во осумдесеттите години, конзервативците тврдеа дека секој обид за ограничување на киселите дождови би довел до застрашувачки економски последици; всушност, системот cap-and-trade (тргување со емисиските квоти) за сулфур-диоксид се покажа како многу успешен со минимални трошоци. Североисточните држави имаат cap-and-trade аранжмани за јаглерод од 2009 и досега емисијата е драстично намалена, додека нивната економија растеше побрзо отколку во остатокот од земјата. Заштитата на животната средина не е непријател на економскиот раст.

Но, зарем зачувувањето на животната средина сепак не наметна одредени трошоци на одредени гранки и региони? Секако - но не толкави како што мислите.

Погледнете ја, да речеме, толку фалената „војна против јагленот“. Вистината е дека сериозната борба против глобалното затоплување подразбира, пред сѐ, намалување (и на крајот елиминирање) на енергијата добиена од јаглен, што би им нанело голема штета на оние подрачја кои зависат од рударските работни места. Но ретко се укажува на тоа колку малку такви работни места сѐ уште има.

Некогаш одамна, Кралот на Јагленот бил навистина голем работодавец. Кон крајот на седумдесеттите во Америка работеле повеќе од 250.000 рудари. Меѓутоа, од тогаш вработувањата во рударството се опаднати за две третини, не затоа што опадна производството - тоа порасна, и тоа значително - туку затоа што најголем дел од јагленот сега доаѓа од површинските ископини кои бараат малку работници. Во овој момент, во експлоатацијата на јагленот работи само една шеснаесетина од еден процент од вкупниот број вработени во САД; згаснувањето на целата индустрија би елиминирало помалку работни места отколу што во Америка просечно се губеа за една недела за време на Големата рецесија 2007-2009.

Или да ги поставиме работите вака: вистинската војна против јагленот, или макар против рударите, е завршена со минатата генерација. Не ја водеа либералните еколози туку самата индустрија за јаглен. И рударите изгубија.

Сопствениците на рудниците и термоелектраните имаат финансиски интерес од кочењето на еколошките политики, но дури ни тука приватните интереси изгледа дека не се толку крупни. Зошто тогаш противењето на еколошката политика е толку силно?

Па, размислете за глобалното затоплување од гледна точка на некој што пораснал сфаќајќи ја сериозно Ајн Ренд, верувајќи дека неограниченото остварување на личниот интерес е секогаш добро и дека државата е секогаш проблем, а никогаш решение. Тогаш доаѓаат некои научници и велат дека неограниченото остварување на личниот интерес ќе го уништи светот, и дека државната интервенција е единствено решение. Не е важно колку вашиот предлог е пазарно ориентирн; тој претставуава директен предизвик за либертаријанскиот светоглед.

Природна реакција е порекнувањето - лутото порекнување. Прочитајте ја или погледнете ја која било поопширна расправа за климатската политика и ќе ве запрепасти отровот, чистиот бес на негаторите.

Фактот дека климатската загриженост почива на научен консензус ја прави ситуацијата уште полоша, бидејќи се смета на антиинтелектуализмот кој отсекогаш бил моќна сила во американскиот живот, главно на десницата. Не е толку изненадувачки што многу десничарски политичари и коментатори брзо се свртуваат кон теориите на заговор, кон обвинувањата дека илјадници истражувачи ширум светот работат на огромна измама чијашто вистинска цел е да го оправдаат зајакнувањето на државата. Конечно, десничарите никогаш не ги сакале научниците, ниту им верувале. Значи, вистинската пречка, додека се обидуваме да се соочиме со глобалното затоплување, е економската идеологија втемелена на непријателски став кон науката. На некој начин, задачата е дотолку полесна: не треба да ги натераме луѓето да прифатат големи финансиски загуби. Но мораме да ја победиме ароганцијата и своеволното незнаење, што е навистина тешко.

Извор: The New York Times, 08.06.2014.
Слики: Боб Орсило

ОкоБоли главаВицФото