Како граѓаните гледаат на поскапувањата

02.07.2014 13:06
Како граѓаните гледаат на поскапувањата

Новинарите на „Коза ностра“ денес излегоа на терен за да ги прашаат граѓаните како гледаат на поскапувањата на струјата, бензините, цигарите… Иако, генерално, анкетираните ги одобруваат најавените поскапувања, сепак добивме многу интересни и различни одговори.

1. Душанка Вујошевска, претседателка на куќен совет: Мило ми е за Петрета од трети

Од една страна, мислам дека е малку глупаво што јас ќе треба да плаќам поскапа струја, но од друга страна ептен ми се прави ќеф за Петрета од трети, кој никогаш не плаќа за светлото во влезот и за лифтот. Сигурно ќе го ѕиркам низ шпионка за да му ја видам фацата кога ќе плаќа сметки, како што тој ме ѕирка кога не ми отвора за да плати за куќен совет. Сѐ на сѐ, добра одлука на регулаторите.

2. Ристо Утепанов, просјак: Поскапувањето ќе го поттикне штедењето

Јас откако сум на улица, редовно штедам струја. Исклучиво користам бесплатно улично јавно осветлување, а храната не ја чувам во фрижидер, туку во контејнер. Мислам дека кај и да е, ако не сите, тогаш сигурно повеќето, ќе почнат да ги применуваат моите методи на штедење струја. Иако на прва топка изгледа како неповолна мерка, поскапувањата на крајот од денот секогаш се покажуваат како корисни поттикнувачи на културата на штедење.

3. Марко Зврлевски, извршител: Не плаќам струја, чекам да застарат сметките

Согласно Кривичниот законик на Република Македонија, неплаќањето струја не е кривично дело ако се поминати повеќе од десет години. Дури и да има дело, неплатената сметка не е доволен доказ за да се отвори постапка. Дури и да се смета за доказ, станот не е на мое име, така што јас не сум го извршил делото, туку дедото на жена ми, кој е одамна починат. Дури и да се испостави дека е жив, нема начин да се докаже дека тој, а не јас или некое трето лице, ја користело електричната енергија… Или, со неколку зборови: не плаќам струја, ме заболе за поскапувањата…

4. Румена Бошковска, пензионерка: Очекувам бесплатна струја во вторник, петок и сабота

На поскапувањето нека мислат младите, нашето, синко, помина. За нас ќе е доста ако ЦК на КПЈ претставена од ЦК на КПМ, на чело со она детено Никола, многу чесно момче, одобри во вторник, петок и сабота за нас пензионерите струјата да е бесплатна. Автобус, бања, да, ама треба и некоја машина да се пушти. Што има, ние, две-три машини ќе пуштиме, никаков трошок не сме за државата, а гласови носиме, еве јас секои избори уште во седум сум на гласање, пошто имам несоница, синко…

5. Влатко Ѓорчев, студент: Помалку струја, повеќе деца

Познато е дека во дамнешни времиња, во македонските славни села, каде што покрај огнот се раѓаше светата македонската нација, симболот на непокорот во светот, кога Тесла не беше ни роден, а камоли да има струја, се раѓаа и по десетина деца во секое македонско семејство. Мислам дека поскапувањето од 3,5 отсто за жал е премало и според моите математики, ќе доведе до незначителен раст на наталитетот од само 0,35 проценти. Ако сакаме да си ја спасиме нацијата, треба или целосно да се укине струјата по 19 часот или да се воведе вечерна скапа струја, поскапа за 350 отсто од сегашната. Да изградиме иднина, да создадеме семејство.

6. Реџеп Реџепи, по професија Албанец: Малцинствата да плаќаат само 27 отсто од струјата

Чим мерка е предложена од Влада онда мора да је добра. Од кад је ДУИ у Влада, се осеќа знатно подобруање за нас Албанци. Али, мислим да мора да има правична застапеност во плаќање на струја. Не моемо ми као Албанци кои смо по попис нешто више од 27 посто населење да плаќамо сто посто од цена на струја. Мислим да това нема логика и да треба под итно да се мења и да се предлага посебна цена за мањина.

Извор: www.kozanostra.net