Како вервериците се мијат

02.07.2014 13:58
Како вервериците се мијат

Како учат желките

Малата желка заспива
штом во класот влегува.

После тоа
ни минута не минува
а друга мала желка
исто така во сон заминува.

И трета.
И четврта.

И по неа петтата.
И последната, шеста.

За толку мали желки толку
токму во класот има места.

Така, по кратко време
сите ученици си спијат
во своите тишини.
А учителката не знае
што да чини.

Но, таа е мудра:
затоа ништо
не се обидува.
Мижи едно време
а потоа
и самата се успива.

После,
кога сите ќе се разбудат,
часот се завршува.


Пинг-понг в шума

Верверицата-мајчица
и верверицата-дете
се натпреваруваат, борат;
тие пинг-понг играат
уште од рана зора.

Имаат рекети
од борова кора.

А топчињата-бобички
шарени и свежи
час воздухот го сечат,
а час пак лежат
крај зачудените мравки
во зелените тревки.

Но пинг-понг без мрежа
не е работа права.
На пајакот му паднало жал
па својата мрежа им ја дал
- само да ја чуваат
ко очи в глава.

Подарокот на верверицата

Верверицата-мајка
купила во градот
за своето дете
едно чоколадо.

-Што, зарем чоколадо?
Па тоа е ужасно!
-Ама, ве молам, слушајте:
чоколадото е со лешник,
јасно!


Како вервериците се мијат

Вервериците
секогаш ја мијат
муцката своја
набрзина.

За миг шепите нивни
- позната е појавата -
сламки и тревки
си вадат од главата.

Со перењето глава
така бива.

Но со опашот
- мака жива,
оти потешко
опаш се измива.

По два часа
трае миењето.

Баш толку
- ни миг помалку.


Краткотрајно училиште

Светулката-прваче,
право пионерче,
во школото учи
како да го пали
своето фенерче.
Само тоа.

Учењево е кратко:
час-два, троа.

Штом ќе научи,
оди дома со петка
и од радост си светка.


Хеликоптер лета

Хеликоптер лета
околу нашата куќа.

Елисата додека павта
пилотот со рака ни мавта.

Можно е да влета
на балкон да ни слета

да намине за кратко
на кафе и слатко.

На фризер

Кој има
најголеми маки
кога се шиша
малиот Перо:
дали Перо
кој во столот
кенка, мрдка,
па се мршти,
па се тувка,
или маките
се кај фризерот
што се шетка
околу Перо
и цигарче пуфка
(од нервоза)
ил за мама
што се бувка
додека ја гледа
работава врвка?


Трага

Млазњак поминал
низ небо без облак.

Зад него
бела памучна лента
го опшила небескиот свод.

Како бела морска пена
неуморно да следи
осамен брод.


Сам на светот

Последниот лист
бакарно жолт
на дрвото стои.

Така издвоен,
тој е сам,
потполно сам
на светот се брои.

И кој знае
дали не му доаѓа
на самиот жал
зошто и тој
со другото лисје
заедно
на тлото не паднал?


Сонце и сон

Утринското сонце
тупка
на прозорецот.

Тивко,
речиси нечујно,
на денот му се буди ѕвонот.

Тупкањето
на сонцето,
толку тихо,
бешумно,
не го слуша никој
освен - сонот.

Слики: Charlotte Gastaut

Други песни од Тартаља на Окно:

Чудесни апарати

Подобро да пеам песна стара, но своја

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото