И со Шиповиќ и без него, барокот повеќе не може да се спречи

03.07.2014 08:52
И со Шиповиќ и без него, барокот повеќе не може да се спречи

Новата изградба која требаше да биде спречена од новото раководство на Општина Центар, веќе е надвор од сечија моќ, затоа што работите се веќе почнати. Иако претседавачот на општинскиот Совет е на слобода, повеќе не може ништо да се направи против оние објекти од проектот „Скопје 2014“ на кои им се закануваше блокада.

Од Шиповиќ сега се очекува како претседавач на Советот да ги предложи на разгледување точките за измена на Деталните урбанистички планови, кои беа стопирани минатата година поради насилните протести на неформалната организација „Веритас“. Подоцна се потврди дека протестите имале партиска позадина, но од тогаш седницата континуирано се одложуваше затоа што претседавачот беше притворен поради сомнение дека ја злоупотребил својата службена должност како член на Управниот одбор на фирмата „Машинопромет“. ДУП-овите не беа воопшто отворени пред советниците, а градоначалникот, Андреј Жерновски, изјавуваше дека последните градби од „Скопје 2014“ можат да се спречат само со учество на Шиповиќ во Советот.

Градоначалникот го доби во Советот посакуваното мнозинство на советници и повторно се очекува отворање на спорните ДУП-ови, но напразно, затоа што додека Шиповиќ се наоѓаше во притвор механизацијата на барокната офанзива продолжи да се пробива низ Центар.

Се случија неколку промени додека траеше осуммесечниот притвор на осомничениот претседавач. Тече изградбата на местото на некогашното паркче кај хотелот „Бристол“, а Министерството за транспорт и врски ги раскрчми последните атрактивни парцели во оваа општина. Да не ги спречеа насилните демонстранти донесувањата на новите ДУП-ови пред речиси една година, ќе се спречеше издигнувањето на трите административни висококатници околу хотел Бристол. Доколку се донесеа најавуваните одлуки на Советот, немаше да се дозволи изградбата на овие барокни објекти поради кои беа уништени парковите со повеќедецениски дрва. Изградбата на зградите сега веќе се наоѓа во поодмината фаза.

Да не беше отворен полицискиот случај за „Машинопромет“ во исто време кога се носеа круцијални одлуки во Општина Центар, ќе се спречеше и изградбата на античката колонада пред МОБ, во редот барокни објекти на државната администрација. Колонадата е речиси готова и наскоро меѓу нејзините столбови ќе се постават бронзени скулптури на музи.

Со гласот на Шиповиќ во Советот, Општината веќе одамна ќе можеше да ги побара од Министерството за транспорт и врски ингеренциите за управување со градежното неизградено земјиште. На овој начин Центар ќе одлучуваше за продажбата на двете парцели кај Тетовска трошарина, кои ги купи фирма во која сопственички удел има и бизнисменот Орце Камчев. Општината ќе одлучуваше и за продажбата на просторот на плоштад каде треба да се подигнат шпанските скали во склоп на нов трговски објект, а ќе одлучуваше и за земјиштето кај НБРМ кое Министерството се обиде да го продаде за 71 денар за квадратен метар.

Шиповиќ за сега не сака да ги коментира промените кои се случија во Центар додека беше отсутен. Вели дека сака прво да ужива во слободата која осум месеци му беше попречена и постепено да се информира за новонастанатата ситуација. За точките кои се одложуваа додека не беше присутен на седниците, вели дека зависат од сите советници.

Но и да се донесат, измените на ДУП-овите нема да променат ништо. До сега не почна да се гради единствено катната гаража во „неоромантичарски“ стил пред „Аутомакедонија“. Но земјиштето е купено од приватен инвеститор и Општината би се соочила со големи финансиски последици доколку се обиде да ја спречи.

Со оглед на тоа што веќе секој планиран објект од „Скопје 2014“ е во фаза на изградба, изгледа Шиповиќ беше ослободен во идеално време за власта која ја турка реализацијата на проектот. Индикативно е тоа што Жерновски во Советот го доби своето мнозинство тогаш кога Општината го изгуби секој начин за да ги спречи објектите и да застане на патот на барокната урбанизација. Постапката за преземање на градежното земјиште веќе започна, но предоцна, а за реконструкцијата на ГТЦ и онака ќе може да одлучува Град Скопје со новите измени во Законот за градење.

Извор: Плусинфо, 01.07.2014.

ОкоБоли главаВицФото