Мачката свири клавир

03.07.2014 13:48
Мачката свири клавир

Мачката на забар

Една мачка слатки толку јадела,
ги голтала штом ќе ги видела,
па забите ѝ станале слаби
климави како кај стари баби
и сами од себе ѝ чкртале
и сами од себе ѝ чкрипеле.

Онака од никаде се бушеле,
Онака од никаде се рушеле
бидејќи имале дупната граѓа
и секој заб за себе си паѓал,
па не можела да грицка коски,
ни да се смешка пред гости,
ни да замине на танц во град.

А најголем ја фаќал јад
што не можела глувци да лови!

Секој од нив веднаш ќе се развеселел
и целиот од смеење би се тресел
и како луд пред неа би танцувал,
а нејзиниот полет тогаш би спласнувал,
а нејзиниот полет тогаш би малаксувал,
па би се криела зад ѕидот
румена од образите до тилот.

„Ти многу не си грешела“
- самата себе си се тешела,
би изела пар слатки, во изблик,
главно меки и на глушец налик.
Еден ден мачката решила
да го сопре тој квар,
да го стиша тој јад,
па се упатила на забар,
најдобриот во цел град.

А тој забар да ми ти бил глушец.

Мачката влегла во чекалница
и таму нашла една слоница
и две бледи стрижибуби
стуткани, нежни, никако груби.

Крокодил еден стар и сед
мирно го чекал својот ред
читајќи некое списание;
„сега само трпение“
- се спремала за бдение.

Но кога ја викнале по број
на мачката срцето ѝ се стврднало,
седнала во страв, како пред бој,
а глушецот веднаш го земал сврделот.

Сите заби по ред ѝ ги пипкал
како по клавир да си свирка,
некои ги влечел,
некои ги вадел,
некои ги сечел,
некои ги садел,
некои ги бушел,
некои ги тропал,
некои ги рушел,
некои ги корнел,
некои ги сушел,
некои ги брусел,
некои ги тргал -
секој го тресел
и секој заб така го армирал
што мачката ја шармирал;
толку спретно и среќно работел.

А кога било готово сето тоа
глушецот рекол: хелоу, воал,
слободно сега дозвола би ви дал:
можете да јадете храна секаква,
можете да гризете дури и рдоква,
шпаргла,
шмиргла,
шпер плоча
,
шипки и шипинки
жици од чадорчиња,
пици со шноли и чкорчиња,
шајки, чварки и подварок,
од свињи увци,
па дури и глувци!

И додека мачката веста ја сместила
кутрата речиси се онесвестила.
Глушецот видел дека оплескал
и затоа веднаш клиснал,
фатил магла, во мигот збришал,
од лице место мудро киднал.
Мачката тогаш од голема среќа
смачкала слатки цела вреќа.

Цел месец така славела
и си терала по старо, барабар;
но истата болест пак се јавила
- се нашла пред истиот забар.

Глушецот вратата ѝ ја отворил
и кога видел кој е
веднаш знаел што е;
со насмевка ѝ одговорил
во фацата одма:

-Простете, госпоѓо, не сум дома!


Мачката и клавирот

Една мачка клавир свирела
и секој клавиш го допирала,
напамет нотите ги знаела,
од среќа целата сјаела.

А свирела, умот да ти се смати,
на месечината мачји сонати,
свирела да ти се зашемети,
прелудии и менуети.

Свирела ствари мошне фини,
валцери и сонатини,
и
толку се орасположувала
што од лезет се спружувала
со две, три, четири нозе,
а и со опашот се служела.

Толку прекрасно гудела
што и самата се чудела.

Еден ден така
си свирела цица-маца
кога одеднаш - мака:
цак! - пукнала една жица
бидејќи клавирот бил стар;
а тоа била страшна ствар.

Мачката два дена свенувала,
само клавирот го штимувала
и жицата ја барала насекаде;
се натажила каде каде
и се осеќала за никаде.

Но, се случил интересен настан,
на ум ѝ паднал сјаен план:
имено, кај неа на стан
живеел малецок глушец
по име господин Шец,
а тука (сосема јасна ствар)
тој живеел како потстанар.

Нему сето тоа свирење
и сето тоа прелудирање,
се разбира, му одело на живец,
а мачката била кривец.

Тој за неа воопшто гајле немал,
само за потсмев и шега ја земал:
двојки ѝ давал, не ја рецкал,
само ја боцкал и пецкал.

Но и мачката си имала клише:
седум дена го заведувала,
за господинот да не ѝ збрише,
па го грабнала и го чувала.

Од среќа целата расцветала,
од среќа целата заблескала,
а глушецот паднал во стапица:
мачката опашот му го затегнала
- наместо жица!

И тоа за неа бил спас,
решение во последен час,
се исплател така тој лов,
клавирот пак си бил нов,
клавирот се освежил баш!

И мачката пак како луда свирела
и пак секој клавиш го допирала,
а најубавиот глас
и најубавиот ѕвон
го давал глувчешкиот опаш!

Препев: Пандалф Вулкански
Слики: Garth Williams
Извор: Miševi i mačke naglavačke (1973)

Сродни прилози:

Една мачка многу пиела

Една мачка само се смеела

ОкоБоли главаВицФото