Сексот е најубав начин на изразување љубов

03.07.2014 15:34
Сексот е најубав начин на изразување љубов

Откако аргентинскиот кардинал Хорхе Марио Бергољо е избран за нов папа, за католичката црква започна ново, посветло време. Институцијата, вмешана во скандали до гуша, која во текот минатата деценија изгуби значителен број следбеници, поради корупцијата, морализмот и луксузниот живот на нејзините челници, сега секој ден се приближува до обичните верници, а и неверници.

Во црквата има многу луѓе како папата Франциск, но до неговиот избор немаа посебна видливост. Една од нив е и калуѓерката Кристина, која неодамна победи на италијанското талент шоу „The Voice“, а која во времето на Рацингер не би се чувствувала слободна да учествува во него. И додека во Хрватска од висина нѐ гледа Јосип Бозаниќ, а Жељка Маркиќ од својата луксузна резиденција шири морализми, во шпанските медиуми царува Лусија Карам, калуѓерка-добродетелка, која не суди ниту „паламуди“, туку конкретно им помага на луѓето.

Првпат ја видов во април, во late night show во кое се зборуваше за секс, тема која за католичката црква е незгодна, но сестра Лусија веднаш докажа дека е отворена, образована, исклучително интелигентна, и дека за оваа тема може да се зборува без табуа, но на многу коректен начин. Неколку недели подоцна, кога излегуваше од манастирот за да донира крв, се сретнавме во еден хотел во Барселона. Додека ме чекаше, младите минувачи ја застануваа и бараа да се фотографираат со неа.

Лусија Карам е родена пред 46 години во аргентинскиот град Тукуман, а веќе две децении живее во манастир во каталонскиот град Манреса. Заљубена е во Исус и неговите проповеди, но нема влакна на јазикот, па отворено зборува за корумпираните политичари и нуди решенија преку Твитер и Фејсбук, каде има повеќе од сто илјади фанови.

Калуѓерка сте. Зошто постојано сте надвор од манастирот?

Контемплативна калуѓерка сум, а светот е мој манастир.

За себе велите дека сте немирна и вознемирувачка калуѓерка.

Секое утро се будам во пет часот. Се молам, па одам во банката за храна каде што им делам оброци на оние на кои тоа им е потребно, и ги слушам тие луѓе. Додека сиромашните се невидливи за оние кои се на власт, потребно е некој друг да ја сработи работата која би требало да ѝ припадне на владата. Мојот живот е занимавање со „губитниците“. Ним им се предавам во целост, и од нив научив многу.

На Твитер и Фејсбук имате повеќе од 100 илјади фанови. Вие сте калуѓерка 2.0?

Важно е пораката на Исус да се пренесе едноставно, директно и брзо. Социјалните мрежи се најдобар начин да се допре до младите, а дозволуваат и интеракција. Тоа се денешните проповедалници.

Ако Исус живееше во наше време, дали ќе користеше Твитер?

Без никаков сомнеж! Исус бил првиот твитераш. Неговите пораки за љубов и толеранција секогаш биле силни, но кратки. Би ги собрало во 140 знаци.

Некој сепак тврди дека во социјалните мрежи се крие Злото.

Ако сакаме да го видиме Злото, можеме да го најдеме каде било. Подобро е да се концентрираме на добрите работи. И Доброто е насекаде.

Секојдневно сте присутна во медиумите поради силните критики кон шпанската влада.

Во манастирот во каталонскиот град Манреса, секојдневно прехранувам 1.600 семејства. Тоа се луѓе кои владата ги довела на работ од егзистенцијата. За владата тие се чиста статистика. Во Шпанија на секои 15 минути по едно семејство останува без покрив над главата, па и покрај тоа што се работоспособни, никој на тие луѓе не им дава можност да работат. Постојат манастири како мојот, или организации како што е Каритас, кои им помагаат на тие луѓе. Ние правиме сѐ што е можно за луѓето да живеат пристојно, а владата и понатаму продолжува со „кастрењето“. Во Шпанија никој не сака да даде оставка, па така ни Бог, кој секогаш ќе ни помага!

Од што живее вашиот манастир?

Од донации. Што и да добиеме, веднаш го дистрибуираме. Не ни останува ништо. Мојата прва книга се вика „Молејќи го Бога“, зашто порано го молев Бога да ни даде сѐ што им е потребно на луѓето. Денес не го молам само Бога, ги молам сите да ни помогнат. И тоа навистина функционира.

Откако Франциск е избран за папа, секој ден запознаваме нови луѓе од црквата кои се скромни и им помагаат на луѓето, а кои досега немаа медиумско внимание. Зошто?

Рецитирањето миса на латински, и тоа со супериорност, не е баш најдобар начин да ги приближиш луѓето до црквата. Секогаш имало луѓе како нас. Но денес, за разлика од порано, веќе не добиваме постојани предупредувања, па сме послободни да се однесуваме на начин кој го сметаме за соодветен. Затоа нѐ гледате повеќе и затоа секој ден на црквата ѝ се враќаат верниците кои се оддалечиле.

Сигурен сум дека вие во минатото сте добиле многу предупредувања.

Не им се допаѓаше, на пример, тоа што се приближив до муслиманската заедница во градот Манреса. Им дадов поддршка за реконструкција на нивната џамија. Денес тоа веќе не е проблем.

Јасно е дека папата Франциск не им се допаѓа на лобијата кои не ја споделуваат со него неговата едноставност и блискост со народот. Дали ви е страв да не му се случи нешто?

Искрено, постои ризик. Но она што папата Франциск ѝ го даде на црквата овозможи да направиме огромен чекор напред. Ја приближи црквата до народот и одлучи да го стави својот живот во божји раце.

Аргентинка сте. Како Папата, но и Лео Меси.

Бог е Аргентинец, искрено го тврдам тоа. Некогаш се вика Франциск, а некогаш Лео.

Јасно е дека сте голем фан на ФК Барселона.

Тоа е моја голема страст, ја споделувам со милиони луѓе.

Слушнав дека пред натпреварите се молите за победа на Барселона.

Секогаш го правам тоа. Малку помош никогаш не штети. Освен тоа, Барса е божествена!

Но парите кои се вртат во светот на фудбалот и не се толку божествени...

Милионите кои ги добиваат фудбалерите се грев. Сѐ што се плаќа во милиони е грев!

Го познавате папата Франциск. А Меси?

Со кардиналот Бергољо соработував одамна, во Аргентина. Ми беше од голема помош околу реализацијата на проектот СОС Тукуман, во борбата против гладот и неписменоста во сиромашниот крај каде што сум родена. А Лео го запознав неодамна, во еден ходник.

Зборувавте ли за фудбал?

Хм, искрено, само јас зборував...

Како мислите?

Лео е повлечен, срамежлив. Не зборува. Тоа не е ни потребно. Сѐ што треба да докаже, тој го прави пред фудбалската топка.

Тврдите дека црквата не смее да влијае врз изборот на жената кога станува збор за абортусот.

Ни црквата, ни Бог, кој поради некоја причина нѐ создал како слободни луѓе. Јас сум за животот, ни оддалеку не го поддржувам абортусот. Но сметам дека зачнувањето мора да биде посакувано и промислено. Родителството мора да биде нешто одговорно.

Значи, го поддржувате користењето презервативи?

Сексот е најубав начин на изразување љубов. Зошто да не се практикува? Важно е тоа да биде на одговорен начин. Илјада пати е подобро да се користи кондом, отколку подоцна да се абортира. Повторувам, го поддржувам животот, а ако го забраниме користењето презервативи, ќе има повеќе абортуси. Нека црквата размисли за укинување на целибатот, наместо да го забранува користењето кондоми.

Се противите на целибатот во црквата?

Јас одбрав целибат, но тоа беше мој слободен избор. Ми помага во моето служење, можам да ги отворам рацете и да ги сакам сите. Да се концентрирам само на една личност не ми е доволно. И покрај тоа, сметам дека целибатот не е нешто што треба да се наметнува од високо.

Во 2014 година еден кардинал од Малага на југот на Шпанија тврдеше дека хомосексуалноста може да биде излечена.

Тој кардинал е многу стар човек. Ја претставува конзервативната црква на господин Роуко Варела, но е и старец. Не можам да му судам, а од старците баш и не можеме да очекуваме да се отворат премногу. Она што многу ме загрижува се зборовите на еден млад господин во истата таа бискупија, кој ја спореди хомосексуалноста со сексот со животни и со педофилијата. Освен што тоа се апсурдни изјави, и немаат врска со вистината, загрижена сум бидејќи излегуваат од устата на еден многу млад човек. Тој поп испрати соопштение до јавноста дека неговите зборови се лошо интерпретирани во медиумите, но никогаш не изјави дека не ги изговорил, ниту пак ги повлече. Ете, тоа многу ме загрижува!

А не ве загрижува кардиналот Таркисио Бертоне? Штотуку обнови 700-метарски луксузен апартман во центарот на Рим...

Се надевам дека Бергољо ќе му го одземе. Сакам да разберете дека не сме сите такви. Мојот манастир во Манреса е изграден во средниот век. Голем е и зошто би го користеле само калуѓерките? Секоја просторија што ја имаме ја дадовме некому. Половина од манастирот сега го користи една психијатриска болница и некои здруженија кои немаа простор. Вистина е, црквата и понатаму собира материјални добра, и би било коректно да им ги додели на оние на кои навистина им се потребни. Не зборувам за сите згради, бидејќи некои имаат многу голема уметничка вредност и важно е да бидат заштитени.

На вашата облека ја гледам пораката „9N. Нормално е да се гласа“. Што е тоа?

Тоа ми го залепија на патот додека ве чекав. Во ноември во Каталонија ќе се одржи изјаснување за независност, а оваа порака многу ми се допадна бидејќи не сугерира за кого да се гласа. Не е мое да наговарам некого да гласа за или против, важно е луѓето да се изјаснат.

Вие тврдите дека доколку животот е вечен, значи дека веќе започнал.

Така е. Мораме да бидеме среќни, да го живееме животот во целост. Некои постари луѓе мислат, на егоистичен начин, дека колку повеќе страдаш на Земјата, толку повеќе ќе бидеш награден на небото. Тоа е апсурдно. Ако нѐ создал Бог, го направил тоа бидејќи сака да бидеме среќни. Не подоцна, туку веднаш. Тука сме за да бидеме среќни и за да ги усреќиме другите!

Извор: Križ života

ОкоБоли главаВицФото