Македонските политичари го осудија плачењето на јапонскиот политичар пред тамошната јавност

04.07.2014 09:35
Македонските политичари го осудија плачењето на јапонскиот политичар пред тамошната јавност

Скопје, 4 јули 2014

Здружението на македонски политичари (МА-ФИ-ЈА) во своето соопштение испратено до медиумите искажува чудење и згрозеност од постапката на јапонскиот политичар Рјутаро Нономура кој пред неколку дена доживеа нервен слом на конференција за печатот и заплака притиснат од обвиненијата за проневера на државни пари, кои наводно ги трошел за заминување во бања.

„Сакаме да искажеме голема зачуденост од неговата постапка. Познато е дека политичарите редовно користат државни пари и други средства за лични потреби, и затоа ние не гледаме никаква причина за плачење пред јавноста. Згрозени сме од неговиот чин и го осудуваме неговото кукавичко поведение. Вистинските политичари никогаш не признаваат дека крадат од народот“, се вели во соопштението на здружението МА-ФИ-ЈА.

Понатаму во соопштението се вели дека кога секој политичар би плачел пред јавноста поради своите постапки, државите би биле водени од плачковци, а не од храбри и мажествени арамии.

„Ние политичарите не смееме да им подлегнуваме на емоциите и треба трезвено, свесно и ослободени од сите морални начела да продолжиме да ги црпиме државните средства за постигнување на нашите лични цели и задоволување на потребите. Само така ќе останеме обединети и ќе му го покажеме своето вистинско лице на народот“, се вели на крајот од соопштението.

Здружението на македонски политичари (МА-ФИ-ЈА) постои од 1991 година, а во него членуваат сите македонски политичари, без оглед на партиската, етничката или верската припадност.