Тоа што сум параноична не значи дека не ме прогонуваат

04.07.2014 10:33
Тоа што сум параноична не значи дека не ме прогонуваат

Приказ на книгата на Глен Гринвалд – No Place to Hide: Edward Snowden, the NSA and the Surveillance State

За моите врсници, колеги, семејството и пријателите, јас сум своевидна аномалија. Ме нема ни на Фејсбук ни на Твитер. Не користам Инстаграм ниту Пинтерест. ГПС услугата на мобилниот телефон ми е исклучена, па дури одам толку далеку што лепам непроѕирна лента врз камерата на телефонот и ајпадот. Кога ме прашуваат зошто, кажувам дека тоа го правам за некое случајно „селфи“ да не се појави на интернет; но, моите пријатели сигурно се прашуваат зошто сум параноична – или сум убедена дека сум толку важна, па некој ќе ги хакира моите електронски уреди. Но, откритијата на Едвард Сноуден и истражувачкиот труд на новинарот Глен Гринвалд, опишани во книгата No Place to Hide, зборуваат дека не сум доволно параноична.

No Place to Hide зборува за систематскиот и сеопфатен државен надзор што се врши над граѓаните, без налог и основано сомневање. Книгата обработува и како американската Национална безбедноста агенција (НСА) – во спрега со разузнавачките служби во Канада, Британија и Австралија и повеќето од најголемите интернет провајдери и пребарувачи – незаконски ги шпиунира граѓаните, како што изгледа, во целиот свет. Во документите кои Гринвалд ги добил од Сноуден, поранешен систем администратор во приватната фирма Booz Allen Hamilton, е откриено дека НСА може да следи и собира информации од милиони луѓе ширум светот – како во облик на податоци (содржината на вашите СМС пораки, електронската пошта и телефонските повици) така и во облик на метаподатоци (информации за траењето на телефонските разговори, каде и кога е воден телефонскиот разговор или е напишан и испратен мејлот, но не и нивната содржина). НСА ја проби или на друг начин на заобиколи шифрираната заштита која ги штити чувствителните податоци на интернет и според сопствено признание, илјадници пати ги прекршила законите за приватноста. Домашните правни бариери кои забрануваат такви активности – како неопходниот судски налог и основаното сомневање пред прислушкувањето или други видови надзор на личноста – најчесто биле игнорирани или заобиколувани.

Оправдување за таквиот широк и незаконски надзор на населението секогаш била „националната безбедност“. НСА се обидуваше да ги оправда своите активности тврдејќи дека нејзината шпиунска програма спречила терористички напади и го направила светот побезбеден. Навистина, програмата на НСА под назив PRISM беше дел од мерките кои ги донесе администрацијата на Буш по нападите во 2001 година. Меѓутоа, како што открива книгата No Place to Hide, НСА не се потпирала на целно истражување на заканите, поткрепено со убедливи разузнавачки податоци, туку со опфаќање на најшироката популација во голема мрежа – ако прислушкувате доволен број телефонски повици, ако прочитате доволно мејлови, на крајот некој ќе направи нешто противзаконско за да го оправда целиот потфат. И покрај тоа, човекот може да се најде под радарот на НСА на илјадници начини – документите од Сноуден покажаа дека агентите на НСА, на пример, често ги шпиунирале своите партнери или симпатии. Оваа практика станала толку вообичаена што вработените во НСА ѝ дале посебен назив: LOVEINT. Читајќи ја No Place to Hide се стекнува неудобен впечаток дека за да се дојде под удар на државен надзор, едноставно, доволно е да постоите.

Едно прашање кое често се појавува е „па, што?“ Па што ако Gmail ми ја чита поштата а државата ми ги чита СМС пораките? Ќе дознаат само дека доцнам на вечера или дали треба да купам млеко кога ќе се враќам дома. Како што неодамна во Гардијан напиша Ебен Моглен, професор по право и правна историја на Универзитетот Колумбија:

„Имаме две тврдења – ќе ги слушнете на секој чекор – во кои се сумира политиката против која се бориме. Едниот аргумент: „Нема надеж, приватноста исчезна, зошто се противиме?“ Другиот аргумент: „Не се грижам, затоа што не правам ништо лошо“.

И Сноуден замислувал таква можна реакција. Во првите разговори со Гринвалд – дури и пред Гринвалд да го дознае неговото име – Сноуден напишал: „Во сето ова ме плаши само едно нешто... дека луѓето ќе ги погледнат документите и ќе ги спуштат рамениците и ќе речат: ’така и мислевме и баш не ни е грижа‘. Тука има нешто: никој од моите пријатели и роднини не гледа никаков проблем во постојаното поставување слики на интернет, свои приватни податоци, информации за тоа каде биле на ручек, каде патуваат и од каде се враќаат. Никој од мојот круг не се потресе особено кога им зборував дека, по преписките со партнерот преку мејл за една можна конференција во Естонија на која можеби ќе одам, одеднаш во инбокс почнаа да пристигнуваат реклами за евтини летови за Талин. Кога и да излезам на вечера со еден пријател, тој грижливо се пријавува на фејсбук за сите да знаат дека штотуку стигнал во ресторан. Кога еднаш го прашав зошто го прави тоа, рече: „Само сакам луѓето да можат да ме најдат“. Токму така. Во ера на социјални медиуми, секој може да ве најде во секој момент и вие им помагате во тоа. Сатиричниот веб сајт Onion неодамна објави дека ЦИА ги води своите истраги така што ги следи луѓето на твитер и фејсбук – докажувајќи ја пословицата дека ако на луѓето им дадете доволно конци, на крајот самите ќе се обесат. Можеби. Можеби не би требало да споделуваме толку приватни податоци на интернет, а можеби ни тие не треба да нè шпиунираат.

Како што признава Гринвалд, изгледа дека постои изненадувачки недостаток на загриженост заради можноста државата да ги преиспитува нашето однесување и нашите активности:

„Се разбира, совесните, лојални следбеници на претседателот и неговата политика, добри граѓани кои не прават ништо за да го привлечат негативното внимание на моќните, немаат причина да се плашат од државата што врши надзор. Така е во секое општество: оние кои не претставуваат никаков предизвик ретко се наоѓаат на мета на репресивното дејствување и гледајќи од сопствена перспектива, таквите луѓе можат себеси да се убедат дека и нема угнетување“.

Но, не е тешко да се види континуитетот помеѓу надзорот на СМС пораките и мејловите и овластувањата на њујоршката полиција за запирање и претрес (на што несразмерно се изложени афро-американските мажи), односно мерките за превентивен притвор (но само за личностите чии имиња звучат арапски) или други облици расно, социјално или културно профилирање. Сето ова е дел од еден ист пристап: ако планирате нешто што е казниво, на тој начин ќе ве спречиме пред да направите штета. Ако не планирате ништо такво, нема причина да се грижите. Зарем не би сакале да бидете само малку деранжирани, само малку да ви ги ограничиме правата, ако на тој начин некој биде спречен да направи нов единаесетти септември?

Колку и да се убедуваме себеси дека мораме да се жртвуваме за општо добро и побезбедно општество, полесно е да го поднесеме тоа доколку полицијата не упаѓа токму во вашата куќа во три часот наутро и ако не ја држи токму вашата ќерка во затвор без обвинение со денови и ако токму вашето дете не е на погрешната страна од проектилите на беспилотното летало – сите овие се неизбежни крајни резултати на таквиот надзор. Всушност, голем дел од австралиското население (да речеме, домородното население) многу добро знае што значи постојано да се биде под будното око на државата. Ако емпатијата не ви е доволна причина, замислете кога сите би се нашле под контрола на лидерот на кого не му се допаѓа нашата религија (или недостатокот од религија), нашето образовно ниво, нашата сексуална ориентација, нашиот полов идентитет, нашето политичко определување. Како би се чувствувале кога навистина би постоела мисловната полиција на Орвел?

Како што забележува Гринвалд, тоа што едно општество го прави слободно и праведно не е начинот на кој тоа го третира мнозинството, туку како ги третира оние кои немаат никаква моќ против мнозинството:

„Вистинската мерка за слобода во општеството е начинот на кој се третираат дисидентите и другите маргинализирани групи, а не добрите лојалисти... Не треба да бидеме верни поданици на моќниците за да се чувствуваме безбедни од државниот надзор. Ниту цената на имунитетот не треба да значи воздржување од спорно или провокативно несогласување. Не треба да посакуваме општество кое испраќа порака дека ќе бидете оставени на мира само ако го поддржувате примерното однесување и мислењето на некој колумнист од вашингтонскиот естаблишмент“.

Навистина, историјата е полна со примери каде мнозинството преку ноќ се маргинализира или прогонува, или каде владејачката елита ги криминализира вашите ставови или убедувања и почнува да ве прогонува. Граѓаните од државите како Русија, Уганда, Бахреин, Јужна Африка, Руанда и поранешна Југославија многу добро знаат што значи да се биде малцинство, на спротивната страна од законот и мерките кои ги криминализираат вашите ставови, вашето однесување, па и самото ваше постоење.

No Place to Hide е возбудлива книга, напишана на пристапен и интересен начин и, бидејќи авторот е поранешен адвокат, главно е лишена од фалење и наметливост – иако медиумскиот естаблишмент, како што го нарекува авторот, според неа се постави многу критички. Главно, Гринвалд не се грижи за новинарите кои работат за мејнстрим медиумски компании, опишувајќи ги, во најлош случај, како владини послушници и лакеи и во најлош случај како потпикнувачи кои сакаат награда, подготвени да објават големи приказни ако тоа им донесе признание и поголем тираж, но не и да го нарушат статус кво-то.

Книгата открива како Сноуден му се обратил на Гринвалд и што откриле документите, а завршува со рефлексивна анализа на приватноста и сродните права, слободата на мислата и изразувањето. Гринвалд ги контекстуализира откритијата за НСА во политичка и филозофска рамка, тврдејќи дека загрозувањето на овие права не треба да се дочека со спуштање на рамениците и коментари од видот, „па, добро, јас не правам ништо забрането“. Би требало да се сетиме, пишува тој, на онаа позната опомена од Мартин Лутер Кинг, „неправдата каде било е закана за правдата секаде“. Без разлика дали сме загрижени за општиот напад на приватноста или ни е неудобна помислата дека државата знае дека неодамна сме нарачале бокс сет од „Самрак“, No Place to Hide во подеднаква мера е возбудливо, депресивно и застрашувачко четиво кое не остава никаков сомнеж околу тоа дека од нашите лидери мораме да бараме одговорност кога ќе ги загрозат нашите права и дека никогаш не смееме да дозволиме привидната заштита на „националната безбедност“ да биде ставена над нашата лична безбедност и нашите слободи.

Извор: http://inside.org.au

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото