1021 hPa
57 %

24 °C
Скопје - Сре, 18.06.2025 06:59
Марин Ле Пен е најсреќната жена на светот. Лидерката на Националниот фронт покрај тоа што ужива огромна поддршка во редовите на сопствената партија, сега може да се потпре и на своите политички противници.
Владејачките социјалисти ги депримираат граѓаните на Франција, претседателот неуспешно се бори против невработеноста, додека граѓанско-деголистичката опозиција тоне во сѐ посилниот вртлог афери. Во вторник првпат во историјата на Републиката е уапсен поранешен претседател. Никола Саркози зад решетки - на ова Марин Ле Пен не се ни надеваше.
„Tous pouriss“, „сѐ е труло“, со овој слоган мадам Ле Пен јуриша на системот на умерените партии во Париз. А изгледа дека тие прават сѐ за да го поткрепат ова опасно тврдење: социјалистичката ѕвезда Доминик Строс-Кан падна поради скандал со силување; за социјалистичкиот министер за буџет Жером Каузак се покажа дека е лажго и затајувач на данок; деголистичкиот поранешен претседател Жак Шриак е осуден на две години условно поради корупција. Тоа се само неколку изводи од книгата на гревови на Петтата Република.
Сега Саркози би можел да настрада поради уште една од бројните афери во кои е вмешан. И тоа баш Саркози. Турбо-мен деголистот ветуваше дека ќе создаде „Беспрекорна република“. Ќе беше подобро да молчеше. Саркози одамна е предмет на разни истраги, така што останува голема непознаница како ќе ја запре Марин Ле Пен на изборите во 2017 и ќе ја придобие довербата на гласачите.
Граѓаните на Франција имаат впечаток дека моралот во Републиката е на најниско можно ниво. Тоа можеби и не е точно, бидејќи во минатото аферите остануваа заклучени во подрумите на париските палати. Денес правосудството ги осветлува сите овие замрачени простори, покажувајќи јасна намера да ги исчисти. Во времето на Шарл де Гол и Франсоа Митеран власта сѐ уште беше недопирлива, додека сега сѐ почесто се повикува на одговорност. Тоа е голем напредок, кој со себе носи и одредена опасност.
Сите валканици, кои сега излегуваат на светлоста на денот, до толкава мера ги вознемирија граѓаните на Франција што тие сега посегнуваат по радикални решенија. Марин Ле Пен се претставува како идеална алтернатива и се надева дека чистењето на Републиката нема да го однесе со себе целиот партиски систем.
Италија веќе помина низ нешто слично. Таму судските истраги, наречени „чисти раце“, спроведувани на почетокот на 90-тите како последица го имаа пропаѓањето на Democrazia Christiana и нејзините помали партнери. Дојде до вакуум во кој влета големиот манипулатор Силвио Берлускони. А сите знаеме какви последици остави неговото владеење.
Франција од тоа би требало да извлече важни поуки и да ѝ се спротивстави на Марин Ле Пен. Претпоставка за тоа е закрепнување на етаблираните партии. Социјалистите ќе избегнат целосна катастрофа на следните избори ако француската економија почне да закрепнува и да создава нови работни места.
Од друга страна, умерената десница мора да се прочисти за да ѝ пружи отпор на крајната десница. Саркози е премногу компромитиран за да означи нов почеток. Дури и сомнежот дека е корумпиран ги намалува неговите шанси на претседателските избори, додека неговата сенка и не е најдобро место за развој на нови кандидати. На сето тоа се радува една личност - Марин Ле Пен, која во моментов е на седмо небо.
Извор: Süddeutsche Zeitung, 02.07.2014.