Политиката не е систематско организирање на омразата

04.07.2014 12:22
Политиката не е систематско организирање на омразата

Земјава ја раздираат повеќекратни противречни тенденции - и тоа веројатно е главната причина зошто сме дезориентирани и зошто толку тешко напуштаме еден општествен модел и зошто уште потешко (не) прифаќаме друг модел и систем. Ќе се обидам да спомнам дел од тие тенденции, присутни кај повеќето од нас поединечно, но присутни и во наизглед безличните сплетови или јазли кои ги формираме ние, граѓаните, јазли кои ги нарекуваме институции, служби, организации, држава... Иако ретко кој од нас ја прифаќа дури и личната одговорност во рамките на институциите, а камоли да чувствува барем морална одговорност за можното лошо функционирање - на секој чекор всушност станува збор за нас, поединците во не толку големиот но прилично хаотичен „еко систем“ наречен Република Македонија.

На пример: сите ги мразиме политиката и политичарите; мислиме дека тие се единствените виновници за нашето петнаесетгодишно пропаѓање. Но, дури и да е точно чувството за вината, тоа во суштина е контрапродуктивно. Мој впечаток е дека излезот е во спротивната насока од дигањето раце од политиката: во новата политизираност, но врз поинакви начела и со поинакво сфаќање на политиката. Затоа што, во крајна линија, политиката е вештина на здружување, на стратешко и ефикасно планирање. (Еве и една „класична“ дефиниција: „Политиката е создавање, зачувување и менување на општите општествени правила“.)

Наместо да плукаме по партиите како малигни центри на распаѓањето кое секојдневно го чувствуваме, да се обидеме токму да ги учиме политичките вештини на здружување. Доколку некои граѓани не сакаат директно да се вклучат во политичката борба, постојат многубројни други начини на кои човек може да дејствува политички во општеството. Еден од тие начини се и здруженијата на граѓаните. Културата, екологијата, превентивата во најширока смисла, грижата за малцинствата од секаков тип (вклучувајќи ги и хендикепираните, хомосексуалците, загрозените жени и деца...) - сето тоа се еминентно политички прашања кои имаат голема важност во секое општество.

Да потсетам: политиката не е само вештина на можното, бедна утилитарна практика која манипулира со статистичките средни вредности и шири измамнички медиумски слики; понекогаш политиката може токму да биде вештина на невозможното: да создаде сосема нови претпоставки и контекст, т.е. едноставно да ја преобрази стварноста! Таа улога на политиката (како интервенција која не ја менува состојбата во одредена констелација тука ја менува самата констелација) досега кај нас баш и не ја видовме, но тоа не значи дека смееме да дигнеме раце од можноста самите да создадеме подобро општество...

Следната противречна тенденција за која сакам да проговорам е: дали можат да се помират едновремените императиви за повеќе демократија и за повеќе пазар?! Таа дилема може да биде опишана и вака: како едновремено да имаме и помалку држава (помалку чиновници и трошоци) и повеќе држава (регулација, начела, фер плеј, контролни инстанци, антимонополски институции, грижа за оние кои ја губат пазарната трка итн.). Она што за Хобс порано беше Државата за неолибералите денес е - Пазарот, „смртниот Бог“. А ние имаме потреба да ги развиваме двете!

Ќе потсетам на зборовите на Токвил од славниот увод во „Демократијата во Америка“: „Книгата што се наоѓа пред вас напишана е како последица на еден вид религиозна треска инспирирана од размислувањето за оваа револуција која надира несопирливо, од век во век, преку сите пречки, напредувајќи така и денес - преку урнатините кои самата ги создава.“ Еден современ коментатор на Токвил вели: „Имајќи ги предвид согледувањата на Токвил, процедуралното сфаќање на демократијата ни изгледа како нерешива загатка: како една толку едноставна и пред сè рационална политичка програма можеше да предизвика толку уривачка страст, толку револуции и контрареволуции, борби и отпори? (...) Зошто беше полесно да се срушат авторитарните источноевропски режими отколку да се демократизира источноевропскиот капитализам?“

Денес најголемата опасност за демократијата во неинтегрираниот дел од Европа (па делумно и во оној што веќе е во ЕУ) е губењето доверба во демократијата. Ако демократијата е сведена на збир од апстрактни правила кои служат да се заштитат моќните и нивниот капитал, тогаш таа наликува на измама, бидејќи голем дел од граѓаните не го гледаат сопствениот интерес во рамките на „демократскиот поредок“.

Има ли решенија за овие противречности и напнатости? Дефинитивни решенија, се разбира, нема, бидејќи живееме во свет што постојано се менува и кој сè помалку може да се фиксира... Сепак би предложил неколку насоки.

Најпрвин, наместо политиката да ја разбираме како „систематско организирање на омразата“ (како што велеше Хенри Адамс во 19 век), би можеле да прифатиме некои посовремени сфаќања, како она на Дејвид Истон: „Политиката е авторитативна алокација на вредностите“.

Но, пред сè треба да почнеме да разбираме дека задачата да се управува со сложените општества веќе не ја извршува само владата туку дека се вклучуваат многубројни други тела од јавниот и приватниот сектор. Ова се гледа и во идејата владеењето да се замени со „управување“. Како што вели Ендру Хејвуд во книгата „Политика“, управувањето е поширок поим од владеењето, а негови основни форми се пазарите, хиерархиите и мрежите. „Сè пошироката употреба на овој поим сведочи за бришењето на разликата помеѓу државата и општеството, до коешто доаѓа заради промените какви што се развојот на новите форми на јавното управување, порастот на соработката помеѓу јавниот и приватниот сектор, растечкото значење на политичката мрежа и сè поголемото влијание како на наднационалните така и на локалните организации (управување на повеќе нивоа).“

Да резимираме: презирот спрема политиката, некритичкото прогласување на Пазарот за „смртен Бог“, очекувањето државата да биде единствениот одговорен, непреземањето ризици и сопствени одговорности, неспособноста за здружување и договарање... - се некои од рецептите за пропаст.

Рецептите, пак, за успех, за жал не се толку јасни, но сакам да повторам нешто што еднаш веќе беше речено во рубрикава и што го сметам за важно: нашата ситуација бара сложена, повеќекратна борба, интелектуална, духовна и политичка, во која полемиките во јавната арена се врзуваат за полемиките во институционалните опкружувања...

Слики: Cesar Santos
Утрински весник, декември 2004

ОкоБоли главаВицФото