Кога државата е логор

05.07.2014 08:51
Кога државата е логор

Ситуацијата во која навлезе Македонија во овие дваесетина години транзиција кон демократија – е ДЕВОЛУЦИЈА, остар свиок назад кон диктатура (од видот на авторитарен популизам-диктатура кој ја користи изборната фасада за затскривање и за воспоставување систем заснован на самовластие на партиската олигархија која ја укинува правната држава).

Македонската варијанта на авторитарен популизам се конституира преку создавање и јакнење на партијата која има претензија да се претставува како суштествен израз на македонскиот народ кој е под опсада и закана однадвор и однатре. Партијата ДПМНЕ се претвара во некаква „одбранбена формација“ на загрозениот народ и бара од него на избори да добие легитимитет за да го дефинира и администрира однесувањето во државата вон и над уставните ограничувања на власта во демократијата според Уставот од 1991 година.Таа власт со насилните избори успева во добивање таков мандат четврти пат.

Основна алатка на оваа операција за узурпација на власта е постојаната промоција и градењето идеологија околу политичкиот конструкт на ОРГАНСКО ЕДИНСТВО на народот, наместо политичкиот и идеолошкиот плурализам кој се подразбира во демократијата. Суверенот, во нашиот случај Партијата, ги укинува сите други политички антагонизми, сите политички борби, ја укинува политиката како таква и прогласува само една мета-борба со непријателите на Македонија во органски-хомогено устроен политички простор (кон надвор борбата е насочена против соседите „кои сакаат да нè нема“).

Дефиницијата за вонредна состојба која ја утврдува суверенот, во нашиов случај владејачката партија (не граѓаните), е во тоа што правото е укинато и сведено на АДМИНИСТРИРАЊЕ со хаосот. Значи, на парадоксален начин се одржува кулиса на „правен поредок“ преку негова суспензија!

Прашањето за борба со ваквата авторитарна структура е на дневен ред! Како да се борите низ институции кои тоа не се? Како да се борите со право и процедури кои тоа не се, туку ѝ служат на власта, за подигравки и манипулации.

Почеток на стратегијата за таква борба нудат Ален Бадју и Џорџо Агамбен со тезата за ИН-ОПЕРАТИВНОСТ спрема правото и институциите. Во втората етапа (ние би додале), потребно е поврзување на субјектите на таа борба во острови на автономија кои создаваат архипелаг на новоосвоената слобода.

ИН-оперативноста е начело на акција која го оспорува правото на институциите на диктатурата и се обидува да ги еманципира формите на отпор против узурпацијата и диктатурата.

Затоа, кога се зборува за ДИЈАЛОГ со диктатурата, не станува забор за вистински дијалог. Таков не може да постои, со оглед на основите на кои почиваат таа и нејзините субјекти. Постои само ПРЕГОВАРАЊЕ со тие ентитети за да се создадат лостови на притисок однадвор спрема диктатурата, за таа да се ограничи и за да се намали притисокот спрема островите на слободниот дијалог за кои зборуваме. Потребно е нивно ослободување од заканите и од исчезнувањето, кое им се подготвува во перманентната политичка криза на диктатурата, во нејзината постојана вонредна состојба.

Тој процес е секогаш на РАБОТ од институциите – кои тоа не се! Внатре-надвор тие се третираат како вулгарно средство кое можеби може да послужи за проширување на слободата, бидејќи сеуште не се институции на слободата.

Во организација на отпорот мораме да ја избегнеме стапицата која Мишел Фуко ја опиша во „Надзор и казна“ и во првиот дел од „Историја на сексуалноста“, уште во 1979 година; според Фуко, отпорот во форма, па и содржина, е одреден, па и самоодреден, од моделот на репресијата. Моќта и отпорот се во некаква смртоносна прегратка, споени заедно. Во таа смисла, нема репресија без нејзе својствениот отпор како негатив!

Ние не смееме да станеме таков отпор, кој го креира репресијата на нашата примитивна диктатура како своја негација: некаков контра-Грујо отпор, определен со груевистичките примитивни матрици на репресија! Ние не смееме да станеме „чекај малце“ опозиција и „чекај малце“ отпор. Во смисла: чекај малце, па некои споменици се ок , чекај малце, па Грциве се стварно безобразни , чекај малце, па Албанциве види што сè бараат, чекај малце, меѓународнава е безобразна... и така до „чекај малце“ опозиција и „чекај малце“ отпор. Не се работи за РУШЕЊЕ и радикални гестови на нихилизам, туку за радикално оспорување на легитимитетот на процесот на одлучување кој довел до тие одлуки и до градење на тие објекти!

Вмрежување со организации на граѓанскиот сектор и со контракултурните пракси – секако ДА. Партиите на опозицијата не можат сами со ваков режим. Но ние треба да бидеме спремни за она што Лакан го нарекува Pasage a L’acte, прифаќање на консеквенците на сопствените барања, каде и да водат тие. Ако водат во рушење на режимот до последен камен – до таму. Ние треба да имаме безусловна волја за преземање одговорност за тој пат на ново-втемелување на демократијата (претворање на вистината во битие, како што вели Славој Жижек).

Позицијата на левицата, како универзална, е единствено можна со прифаќање на радикално-антагонистичкиот карактер на политичкото (дефинитивно откажување од нарациите за мета-борба и мета-политика). Прифаќање на нужноста од заземање страна, позиција – за оној што се бори – која е единствен начин да се биде вистински УНИВЕРЗАЛЕН.

Бидејќи се судираме со етно-националистичка органскост на лидерството, се судираме со неговата „реторика на нацијата и грижата и одбрана на истата“. Тоа нè става во позиција да се чини како секој напад врз узурпаторот да е напад врз сопствената најсуштествена националност. Тоа создава нервоза и нелагода кај опозицијата, со обвинувањата за „предавства и за а-националност“ како постојана етикета на левицата. Тоа е цената на судирот со овој режим; имено, не треба да се повлечеме пред таа непријатност. Треба да ги урнеме КУЛИСИТЕ на таа узурпаторска нарација без страв и чувство на вина!

За партиите на опозицијата кои имаат постратешка позиција во оваа борба (од оние на граѓанското општество кои можат да си дозволат и порадикални, префигуративни позиции), моите препораки се:

- Цврсто обзорје, т.е. конечен хоризонт на ин-оперативност или ДЕЛЕГИТИМАЦИЈА на постојниве институции и право. Ние сме таму само несакани гости и треба таа состојба да ја направиме предност и основа на акција.

- Без страв од политичка криза (тоа е алатка на демократијата и политичкото).

- Преговарање (без илузија за дијалог) за подобрување на позициите за слобода на секое ниво.

- САМОЖРТВА на партиските олигархии во борбата; тие се на фронтот и етиката на борбата не може да ги заобиколи.

- Поврзување во постојана мрежа на партнерство со граѓанскиот сектор (не нè оставајте сами, да го парафразирам Глигоров).

- Конечно, спремност за либерални, преторијански гести на радикална промена на политичкиот систем, кога до тоа ќе се домогнеме (без комплекси за реториката на сувереност). Имено, може да се промени и начинот на составување влади; на пример, секогаш голема коалиција (Извршниот совет на Швајцарската федерација е пример). А потребен е и процес на целосна домашно-меѓународна операција за реизбор на судиската фела во Македонија.

До следната барикада, поздрави!

Слики: Свирачиња
Извор: Плусинфо

ОкоБоли главаВицФото