1003 hPa
81 %
8 °C
Скопје - Сре, 17.04.2024 22:03
На почетокот од 19 век светот броел околу една милијарда луѓе. Во 20 век влеговме со малку помалку од две милијарди. Пред точно една година, во март 2012, во некое катче од планетата, роден е членот со кого населението изнесува седум милијарди. Ако се остварат прогнозите на Обединетите нации (ОН) за глобалните демографски движења, планетата ќе влезе во наредниот век со поголема пренаселеност, поопустошена, посиромашна и погладна од кога било.
Во моментов, планетава ја населуваат околу три милијарди луѓе помлади од 25 години. Од нив, 12 милијарди се адолесценти, кои полека влегуваат во фертилниот период од својот живот. Иднината на планетата во голема мера зависи од нивното репродуктивно однесување. Доколку ја задржат стапката на репродукција од генерацијата на своите родители – 2,5 деца по жена – во 2050 година, светот ќе го населуваат 11 милијарди луѓе. Ако, пак, на што упатуваат некои трендови, стапката на раѓање падне на 2,1 дете по жена, светската популација на средината од векот ќе брои 9,3 милијарди жители.
Оптимистичкото и конзервативното сценарио не се разликуваат значително според последиците. Во двата случаи, условите за живот за поголемиот дел од човештвото ќе бидат влошени: недостатокот од храна, вода и обработливо земјиште ќе биде поизразен отколку денес; хроничниот глад незапаметено ќе погоди голем број луѓе; пренаселените градови ќе станат уште понатрупани и заради тоа ќе бидат помалку пријатни за живеење.
Катастрофата наречена „демографски моментум“
Предвидувањата на ОН може да изгледаат нереално, имајќи предвид дека во развиениот дел од светот, па и во земјите во развој, стапката на природен прираст опаѓа веќе со децении. Стручниот назив за овој парадокс гласи демографски моментум.
Демографскиот моментум – континуиран раст на бројноста на популацијата наспроти опаѓање на стапката на репродукција – е последица на бавноста на промените од демографските трендови и долгиот временски период кој неопходно треба да помине за тие да станат ефективни. Имено, пред да почне да опаѓа, стапката на репродукција во огромен дел од континентот, континуирано била изразено ниска. Последично, огромен број луѓе истовремено влегуваат во репродуктивен период од животот, така што и ниската стапка на раѓање генерира многу висок пораст на населението. Затоа, од седумдесеттите години на минатиот век до денес, светската популација се зголемува за околу 70 милиони луѓе годишно.
На пример, во Индија, земја со 1,2 милијарди жители, демографскиот моментум ја генерира следната слика: Стапката на раѓања во Индија моментално изнесува 2,5 деца по жена. До 2030 година, со оглед на опаѓачкиот тренд, таа ќе падне на 2,1. И покрај тоа, популацијата на Индија ќе продолжи да расте; експертите од ОН проценуваат дека ќе го достигне врвот околу 2060 година, кога ќе брои 1,7 милијарди жители.
Демографскиот моментум не е единствениот фактор кој придонесува за раст на населението. Во најсиромашните делови од светот, природниот прираст не се намалува, а во земјите во кои и опаѓа, паѓа побавно отколку што е очекувано.
Културните специфичности, религиските норми и неможноста жената да управува со своето репродуктивно однесување (вклучувајќи ја и недостапноста на контрацепцијата) во овие земји ќе продолжат да генерираат висок наталитет. Како што се наведува во цитираниот извештај на ОН, најбрз и најголем популациски раст, во изминатите децении, се очекува во земјите кои се инфраструктурно и логистички најмалку подготвени да го следат. Притисокот врз планетата ќе биде огромен:
• Во моментов, секој осми жител на Земјата живее во сламови – неурбанизирани, нехигиенски населби на перифериите од мегалополисите. Да претпоставиме дека стапките на сиромаштија и миграција кон големите градови ќе останат на денешното ниво, кон средината на векот, кога на планетата ќе живеат повеќе од девет милијарди луѓе, тоа ќе биде случај со секој трет жител.
• Според податоците на ООН за храна и земјоделство, во моментов, една милијарда луѓе на планетата се погодени од хронично гладување, а осум милиони луѓе дневно умираат од глад или болести поврзани со недохранетост. До средината на векот ќе се појават две милијарди нови усти кои треба да се нахранат, заради што во моментов никој не е во состојба да прогнозира од каде ќе се појават толкави нови извори на храна.
Меѓутоа, не се работи само за тоа дека ќе се зголеми популацијата. Ќе се појават стотици милиони луѓе, првенствено во Азија, на кои приходите ќе им дозволат во секојдневната исхрана да воведат млечни производи, како и месо од животни за чија исхрана се користат житарици – пред сè говедско и свинско месо. Во ОН проценуваат дека во наредните 40 години, во светот ќе биде неопходно да се произведе повеќе храна отколку во претходните 10 000 кумулативно.
Сериозноста на проблемите за производство на храна ќе придонесе и за климатски промени. ОН прогнозираат дека заради глобалното затоплување, сушите, поплавите и други непогоди кои ќе се случат – до средината на векот ќе се појават околу 200 милиони „климатски бегалци“.
Остварување на корпоративниот сон
Истите демографски трендови и прогнози, набљудувани од специфичен агол, изгледаат сосема поинаку. Една од последиците на глобалниот популациски раст ќе биде и незапаметеното зголемување на светската средна класа – потенцијал за незапаметен раст на профитот на мултинационалните корпорации и нивните глобални брендови.
До 2030 година, според прогнозата на Организацијата за европска соработка и развој (OECD), глобалната средна класа ќе се зголеми од денешните две – на пет милијарди луѓе. Најголем дел од тој раст, приближно 85 проценти, отпаѓа на азиската растечка економија; до 2020 година, Индија и Кина ќе имаат средна класа од една милијарда луѓе.
Освен што ќе доведе до промена на начинот на исхрана, преминувањето во средна класа со себе носи и поинаква потрошувачка; се очекува дека новите милијарда Кинези и Индијци ќе купуваат џинс, мобилни телефони, козметика... Светската банка и OECD пресметале дека вкупната потрошувачка на средната класа ќе порасне на 51 илјада милијарди долари годишно;во моментов, таа изнесува 21 илјада милијарди.
Додуша, глобалниот пораст на бројот припадници на средната класа не мора поволно да дејствува само на партикуларните интереси на корпорациите. Ако може да им се верува на економските историчари, причина за оптимизам имаат и земјите во кои се случува овој бум на средната класа; средната класа се смета за предуслов за стабилен економски раст.
Лекот поопасен од болеста – Малтус е жив
Извештајот на Обединетите нации за очекуваниот глобален популациски раст повторно ја актуелизираше дебатата која со пократки или подолги прекини трае од почетокот на 19 век и се сведува на прашањето: Дали пренаселеноста станува толку голема што му се заканува на опстанокот на човечкиот вид?
Алан Вајсман, автор на популарната книга за еколошката катастрофа во која сме втурнати, „Светот без нас“, верува дека ова прашање може да се одговори само потврдно. Во својата нова книга, „Одбројување“, како единствен спас на човештвото од изумирање, Вајсман предложува сведување на светот на две милијарди жители, значи, демографски скок во минатото од деведесетина години. Помагајќи му во маркетиншка промоција на книгата, глумицата Александра Пол неодамна објасни дека таа цел може да се постигне со имплементација на „политиката за едно или ниедно дете“, стратегија која може да се примени единствено со принуда и сериозно навлегување во човечките права и слободи.
Вајсман е само последниот во низата катастрофални прогнозери за последиците од зголемувањето на светската популација и предложувачи на радикални „лекови“. Уште во зората на 19 век, тонот на оваа тема го зададе британскиот економист Томас Малтус. Неговиот познат текст „Essay on the Principle of Population“, претставува прво образложено залагање за контрола на растот на населението. Без контрола, пишува Малтус, популацијата се зголемува експоненцијално, а изворите на средства за живот линеарно. Таквиот расчекор резултира со сиромаштија, глад, болести, војни, кои потоа дејствуваат како контролни механизми на прирастот.
За модерната формулација на идеите на Малтус е заслужен американскиот еколог Вилијам Вогт. Во својата книга „Road to Survival“, од 1948 година, тој сепак излегува со малку поумерени предлози. Како и Малтус, гладта и болестите ги смета за „природни“ механизми за контрола на стапката на раѓања, но за разлика од својата муза не ѝ се противи на контрацепцијата. Образованието на населението за начините на контрола и планирање на родителството ги кандидира како еден од главните лостови за избегнување на катастрофата која му се заканува на светот заради неограничениот раст на населението.
Во времето кога Вогт ја објавил својата книга, бихејвиористот Џон Калхун започнал серија експерименти со глувци, со цел да испита што се случува доколку популацијата се размножува неконтролирано, а притоа располага со ограничен простор. Изградил низа „глувчешки утопии“ – живеалишта за своите лабораториски животни, кои се состоеле од цела низа „соби“, „ходници“ и „шпајзови“ кои Калхун редовно ги полнел со храна.
Според извештаите на Калхун, по популациската експлозија, меѓу глувците завладеале канибализам, насилство, промискуитет (стратегија на некои глувци била доброволен целибат), за на крајот целосно да ја изгубат способноста за соживот. Неконтролираното размножување, пишуваше тој, ја претвора утопијата во дистопија. (Неговите експерименти, т.е нивните резултати, послужија како инспирација за филмската дистопија Soylent Green).
Неомалтусијанците: Сиромашните се слободни да умрат
Кон крајот на шеесеттите, на сцена стапија полнокрвни неомалтусијанците, предвидувајќи дека на човечката популација ќе ѝ се случи токму она што им се случило на глувците во експериментите на Калхун. Браќата Вилијам и Пол Педок, во својот бестселер од 1967 година, со сликовит наслов „Famine 1975! America’s decision: Who will survive?“, сугерираат дека веќе кон средината на седумдесеттите, пренаселените земји во развој ќе се соочат со немири предизвикани од недостаток од храна и глад.
За разлика од своите претходници, браќата Педок на владите од развиените земји им даваат предлог конкретна политика која треба да ја заземат по повод овој проблем: Мора да изберете на која неразвиена земја ќе ѝ помогнете, а која ќе ја оставите да умре од глад. Накратко, препорачуваат дел од сиромашните земји да бидат пуштени низ вода; да не им помагаат на оние кои можат да се одржат на работ на преживување и да ги остават да се грчат во положба „ранети кои одат“; да им помогнат само на оние земји чие население може да преживее со мала надворешна помош.
Книгата на браќата Педок и предложените решенија во неа, го воодушевија биологот од Стенфорд, Пол Ерлих. Во бестселерот „Популациска бомба“, објавен 1968 година, Ерлих ја задржува мрачната слика за иднината на планетата, која една година претходно ја скицираа браќата Педок, како и нивната идеја за тријажата сиромашни земји, но предложува и низа нови политики за демографски менаџмент: масовна стерилизација, данок на деца, формирање државно тело како Агенцијата за храна и лекови, која би го одобрувала раѓањето.
Сиромаштијата – мерка на економските политики на богатите
Освен мрачните предвидувања и промоцијата на етички неприфатливи политики за предупредување или разрешување на „популациската криза“, на Малтус и неговите следбеници заедничка им е и кратковидоста (на пример, Ерлих ја означи Индија како една од земјите кои не можат да опстанат ниту со дарежливата помош од развиениот свет). Светот, наспроти сиромаштијата и гладта кои погаѓаат добар дел од планетата, во реалноста никогаш не се ни приближил до нивните дистописки прогнози.
Во моментот кога Ерлих ја објави Популациска бомба, во светот се ширеше таканаречената зелена револуција – сет технолошки иновации во земјоделството и прехранбената индустрија, кој во последните три децении од минатиот век генерираше незапаметен раст во производството на храна. Во последната деценија од минатиот век, земјите во развој почнаа значително побрзо, полесно и поуспешно да увезуваат или да копираат технолошки новости, забрзувајќи и поевтинувајќи го производството, генерирајќи нови работни места.
Не негирајќи го глобалниот популациски раст и предизвикот што тој го претставува во поглед на одржливиот развој, сè поголем број истражувачи веруваат дека „популациската криза“ е димна завеса која треба да нè спречи да го согледаме вистинскиот проблем. Така, професорката по развојни студии на Универзитетот во Хемпшир, Бетси Хартман смета дека „кризата нè оддалечува од солуциите за одржливо задоволување на потребите за храна, енергија, медицинска заштита и образование.
Во почетокот на осумдесеттите, во моментот кога неомалтусијанците стануваа сè попроминентни во јавниот дискурс, индискиот филозоф и економист Амартија Сен ги нападна темелните премиси на нивните теории. Со серија трудови, кои во 1998 година му ја донесоа Нобеловата награда за економија, покажа дека сиромаштијата и гладот не се „природни“ контролори на раѓањето, туку последица на економска политика – политика која на луѓето плански и систематски им го скратува пристапот до храна. Владите и корпорациите со своите одлуки произведуваат економска нееднаквост, која потоа генерира сиромаштија и недостаток од основни средства за живот на луѓето.
Лекот постои и знаеме дека дејствува
Според прогнозите на ОН, најголем раст на бројот на жители се очекува во земјите во развој и сиромашните нации од Африка и Азија. Од друга страна, природниот прираст на европските земји одамна е на ниво под самообновувачката стапка од 2,1 дете по жена: Германките во просек раѓаат 1,36 деца додека во Шпанија и Италија стапката на раѓања изнесува 1,46, односно 1,4. Доколку се одржи ваквиот тренд, кон крајот на векот, Европа наместо сегашните 460 милиони ќе брои 350 милиони жители. Драстичен пад на бројот на жителите се очекува и во Русија и во Кина.
Според демографските движења, САД долго време се разликуваа од европските земји со слично ниво на економски развој. Причина за тоа е константниот прилив емигранти, доминантно по потекло од земјите со репродуктивна култура која генерира висок наталитет. Тоа сега почнува да се менува: стапката на раѓања меѓу американските имигранти падна од 102 деца на 1 000 жени, колку што изнесуваше во 2007 година, на минатогодишните 87,8.
И земјите во развој бележат пад на природниот прираст: помеѓу 1960 и 2009 година, фертилитетот во Мексико опадна од 7,3 на 2,5; стапката на раѓања во Индија од 6 на 2,5; Бразил бележи пад на фертилитетот од 6,15 на 1,9.
Освен пад на природниот прираст, земјите во развој ги поврзува уште еден демографски тренд: Сè поголем број жени од тие земји добиваат пристап до образование, вклучувајќи го универзитетското. Истовремено, сè поголем број жени активно се вклучуваат во пазарот на работна сила. Ваквите демографски движења потврдуваат нешто што одамна го знаеме од примерот на Европа, САД, Јапонија, Јужна Кореја: кога ќе им се овозможат образование, вработување и контрацепција, жените раѓаат помалку деца. Од една страна, продолженото образование го одложува стапувањето во брак и моментот на добивање прво дете; од друга, оној момент кога почнуваат да работат, гласот на жените се слуша повеќе, односно имаат повеќе можности да влијаат на донесувањето семејни одлуки.
Проблемот на евентуалната пренаселеност, грубо гледано, долгорочно може да се реши на два начини: (1) со неомалтусијански методи на изгладнување, присилна стерилизација, наметнување данок на деца; (2) вложување во образование и вработување на жените и слободен пристап до контрацепција.
Дилемата помеѓу едниот или другиот пат, за жал, не е фикција. Изгладнувањето веќе се случува, наспроти тоа што постојат сериозни проценки дека светот веќе сега располага со доволно ресурси за да ја победи гладта. Паралелно, корпоративните донатори се повлекуваат од финансирањето програми за образование на жените и планирање на родителството.
05.03.2013
Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com/