Коруптивната болест на Европа

08.07.2014 07:50
Коруптивната болест на Европа

Како премногу локална, да не речам паланечка земја, чудо е колку многу стручњаци за геополитика можат да се најдат во Македонија на квадратен километар. Тие што ги читаат моите текстови и потоа „експертски“ коментираат за односите помеѓу Америка, Европа и Русија, но и сите поддржувачи на некакви теории на заговор за фашизација на Европа и нова светска војна од која може да нѐ спаси само цврстата рака на Путин, треба да знаат дека и не се толку лоши кремљолози.

Знаете за „кремљологија“, една чудна наука што се појави во поранешниот Советски Сојуз, по блажената смрт на Сталин, која беше вовед во распадот на државата подоцна. Тогаш странските мисии во Москва ги препрочитуваа говорите на советските првенци и набљудуваа - што значи тоа што Маленков му шепнал нешто на увце на маршал Ворошилов на седница на ЦК, или каква улога игра тоа што Андропов му ставил рака на рамо на Брежњев на парадата на Црвениот плоштад. Сите овие игри на телото и фацијални изрази се анализирале и во сооднос со официјалните изјави и соопштенија, дописниците извлекувале заклучоци за тоа што се случува зад херметички затворените ходници и кулиси на Кремљ, и создавале далечни и непотврдени претпоставки за расположението и за идните дејствија на Политбирото.

Токму така ми наликуваат текстовите и изјавите на некои наши автори, новинари и дежурни коментатори. Сите кој од кој поголем кремљолог, не само за политиката на Москва и од неа наметнатиот вооружен конфликт во источна Украина. Си имаме ние кремљолози и за Вашингтон, за Брисел, и за Берлин. Им препорачувам на тие коментатори, пред сѐ на нашите истакнати новинарски пера, геополитички познавачи, дајте прошетајте малку по светов, ако не до Белград, барем до Словенија, и приклучете се на некоја цивилизарана дебата поврзана со браншата, доколку знаете англиски, се разбира. Па 21 век сме, богаму. А не, сте се стокмиле до вашите зомби кутии во боја и ја товите провинцијата со тастатур-демагогија.

Има една вистина од која се црпи издржаноста на западниот врвен журнализам: За да се спознаеш себеси, најпрвин треба да го спознаеш светот. Затоа, големите имиња на американското новинско издаваштво, весниците како „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“ или „Волстрит журнал“, рубриката „Свет“ ја поместуваат на втора, трета и четврта страница. Ударно. Имено, „Свет“ не е зафрлена на некаква таму десетта или петнаесетта страница како кај нас. 

Негување традиција на агенциски дописништва од сите поголеми и најважни светски политички центри, лоцирање известувачи во жешките точки на планетата, во конфликтните зони, кои преку „wire“ службите како оние на АП или Блумберг, испраќаат редовни извештаи од терен, прави западните општества и нивните коментатори да бидат светлосни години подалеку во информираност. Со тоа тамошните аналитичари прават многу побрилијантни анализи и сите носат здрави заклучоци за вистинската слика на состојбите во одредени земји, како Русија и Украина, на пример, кои се моментно во фокусот на светското внимание. Неспоредливо со мизерните препелкања во балканската прашина на нашите  „геополитички пера“ и коментатори-уредници. 

Ми велат дека во моите текстови сум покажувал омраза кон Русија и дека сум го истакнувал „злиот карактер на Русите“. А јас сметам дека таквиот сентимент кај пошироката јавност во Македонија е потхрануван токму од неинформираната и непрошетана градска (скопска) интелигенција и од кремљолошките текстови што таа ги продуцира, обилно консумирани од паланката. Уште повеќе, таканареченото русофилство манифестирано кај голем дел од граѓанството и посебно кај провинциската партиска војска на власта, е реакција токму на антиамериканизмот пројавуван постојано од истите „геополитички пера“ и владини коментатори-уредници. Очигледно, нивните тези се испревртени, да не речам субверзивни и достојни за една радикална левица (а самите се ставаат во кош на некакво десничарско и конзервативно движење).

Драги мои читатели, вистинските патриоти во Русија и нејзините пријатели надвор, а самиот се сметам за голем почитувач на великото слово на Достоевски и Толстој, на Пушкин, Гогољ, Замјатин и Стругацки еднакво, и на вонвременските убавини на руската традиција и култура (впрочем, не би останал да живеам и работам овде веќе шест и кусур години доколку не беше така), се всушност оние што ги почитуваат вредностите на западните демократии. 

А оние, пак, кои ја поддржуваат мегаклептократската власт на Путин, која од земјата со безгранична територија и неисцрпни природни богатства направи економски и социјално лабилен терен со разорен воен конфликт во соседството каде што секојдневно гинат жени и деца, споредливо со некоја африканска мизерија, е тие се најголемите русомрзци и русофоби. 

Верувајте, денешните владетели на земјата, депутати од владејачката Единствена Русија и високи чиновници и олигарси во милост на Кремљ толку ја љубат својата земја и се онолку патриоти до таму до кај што допира нивниот гигантско алчен приватен интерес. Ништо повеќе. Неколку најсвежи примери придружени со илустрации.
Неодамна се дозна дека министерството за одбрана испратило патнички воен авион на чиј борт се наоѓале група мисици и дјевушки со непристојно поведение, повеќе генерали и по некој политичар на чело со министерот Сергеј Шојгу. Авионот слетал на Сејшелските Острови и целата група отишла на приватна журка во егзотичната супервила на олигархот Михаил Прохоров. 

Славната вечеринка се случила во екот на „руската пролет“ и никој од посериозните медиуми досега не реагираше по тој повод, освен неколку блогери и независни новинари. Па и еден Силвио Берлускони падна и беше осуден на општествена работа поради своите гревови и нескротливо либидо. Да не зборуваме каков ќе беше гневот на јавноста доколу нешто слично се случеше во развиените демократии како САД, Германија или Франција. Но, за руските оружени сили и за овдешната јавност што премолча, инцидентот со чартер-летот на воениот ТУ-154М најверојатно се смета за предмет на гордост и слатка награда за генералите заради покажаното херојство при заземањето на Крим. 

Дали власта што има пристап до нуклеарно оружје и управува со земја што претендира на глобално лидерство, а чие министерство за одбрана просто земало да вози девојки (тјолки) на Сејшелите, треба да се смета за сериозна власт што ќе се бори за општите интереси на рускиот народ?

Блогерот и антикорупционер Алексеј Навални беше обвинет за клевета откако објави извештај за недеклариран имот на Игор Руденски, депутат во Думата од редовите на владејачката партија. Навални докажа со уверливи докази дека депутатот не само што на плацот од 15 хектарi си дооградил земја од четири декари (за својата мајка), туку и дека таму има изградено аристократска вила во вредност од неколку милиони долари. Хакерски напади на електронската пошта на Руденски открија какви набавки тој вршел за опремување на својата дача во елитниот дел на Подмосковје. На пример, при официјална плата од 73.000 долари годишно, депутатот си нарачал диван во вредност од 41 илјада долари.

И ова не е прва клевета што разни чиновници и други „единороси“ како Руденски му ја испраќаат на Навални, а чија судска завршница секогаш е во полза на „оштетените“. Ова се повторува од месец во месец. Од година во година се дознава дека руската политичка елита во Русија создава еден феудално-капиталистички систем, каде што мнозинството страда во секојдневните социјални и инфраструктурни проблеми, а грст одбрани живеат како 19-вековни аристократи и неказнето ги трошат неисцрпните богатства на земјата. Навални, пак, е во домашен притвор и со неговиот брат чекаат завршница од нарачаното судење за нивни наводни финансиски малверзации.

Многу западни политичари предупредуваат дека рускиот нечесно стекнат капитал што се шири во форма на таунхауси, монденски вили и хотели во Лондон, на Азурниот брег и на елитните зимувалишта во Швајцарија и Франција, е коруптивна болест од која Европа треба да се лечи. Секој четврти објект на првата линија од Јадранскиот брег на Црна Гора е во сопствеништво на Руси. Сепак, таа беше во првиот бран земји што отворено ги поддржаа санкциите против режимот во Москва. Ја поздравувам трезвеноста на Црногорците.

Извор: Слободен печат