Максимум Бомбај

08.07.2014 10:40
Максимум Бомбај

Со либерализицијата на светскиот пазар и брзата експанзија на повеќето градови од третиот свет (ако може сѐ уште така да се наречат), се создадоа многу комплексни урбани ситуации кои излегуваат од секаква перцепција на контрола и урбана политика. Метрополата Мумбај (бившиот Бомбај) е еден таков пример. Најголем град во Индија (главен град на областа Махараша), финансиски центар, седиште на берзата и многубројни мултикомпании, претставува најгусто населена општина во светот со просечна густина од 31.214 жители на километар квадратен.

Овој урбан флуид се развива со неконтролирана мера и брзина и претставува типичен пример на денешната глобализација. Настанува спонтано од неколку острови, првобитно како Португалска колонија кон крајот на 17 век, а потоа и како битна стратешка британска колонија. Јужниот дел од градот (каде се наоѓа легендарната Колаба) и ден денес коегзистира со старите викторијански градби и колонијалниот стил на уредување. Последователно низ годините се развива и централниот дел од градот (познати се населбите Дадар, Матунга, Курла, Санта Круз и славната Бандра), за да ја доживее својата максимална експанзија кон север и исток со перифериите Тхане Нави Мумбај.

Тој е единствен град во Индија кој може да се нарече урбанизиран, иако сѐ уште се присутни руралните навики (без чие шаренило не може да се замисли врелината на овој англомерат). Градот се развива самиот од себе, без планирање, без политика. Во него живеат 21 милион жители кои го карактеризираат неговиот хаос. Инфраструктурата е провизорна и владее тотален делириум, отсутна е секаква функционална поделба на просторот. Сообраќајот е со незамислив интензитет и самостојно се регулира. Изложени сте на 24-часовен стрес од сирени, долги возни редици, отсуство на какво било правило за возење, освен возачкиот инстинкт. Сообраќајната врева која потсетува на хаварија од нуклеарна централа е сплет на разноразни движења, било тоа пешачко, автомобилско, со секаков друг превоз (тука се вбројуваат и црно-жолтите авторикши кои брмчат хаотично во сите правци, стадо од крави кои на моменти го зголемуваат сообраќајниот адреналин. Пешачки премини скоро и да не постојат, а сообраќајните знаци ги има само на пофреквентните улици. И малкуте тротоари што постојат се окупирани во функција на трговската размена, а во ноќните часови на нив и се спие.

Физички градот се простира насекаде, расчленет е, без урбана ориентација и поделба. Високите градби се простираат во континуитет. Карактеристично е што зградите не се од збиен тип, како што сме навикнати да ги перцепираме во западните метрополи. Јавниот простор се живее максимално и е преблокиран, користен од секого и на секаков начин, без притоа да изроди каков било конфликт помеѓу корисниците. Приватниот простор, пак, е под постојан видео надзор и насекаде заштитен со силно обезбедување. Иако има зони кои се доста ексклузивни и скапи, не е никаков проблем нивните станари да го споделат нивното секојдневие во надворешноста со сиромашните маси кои ги има насекаде. Извонредно чувство на коегзистенција. Градот тоне во ѓубриште. Тоа се репродуцира обратнопропорционално од капацитетот на јавните служби за неговото собирање.

Низ Мумбај се забележливи масивните бизнис центри кои никнуваат распространети насекаде низ градот. Новите урбанитети кои се раѓаат со висококатници и нашминкани фасади се обиколени со огромни пространства на сиромашни гета (сламови или сметлишта). 50% од населението живее во такви инстант населби, без минимален стандард и услови за живот. Тие се симбол и причина за западната финансиска криза. Впрочем, овие урбани спотови се издржуваат од тие гета, чие сиромашно и емигрантско население ги поткрепува со својата евтина работна сила. Затоа тие бизнис јадра успеваат да се наметнат со конкуретна цена на странските пазари и со тоа да го привлечат странскиот капитал и да го одржуваат својот економски раскош. И тоа е она изворедното во овој град. Огромните гетоизирани површини на сиромашни граѓани се интегрирани во самата метропола. Тоа е она што овој град го разликува од фавелите во Латинска Америка и сличните сметлишта во Африка и Азија, каде секогаш најранливите и сиромашни маси се протерани од градот и многу често концентрирани на неговите маргини. Во централен Мумбај се наоѓа и најголемиот слам во светот, Дарави, иако последните истражувања укажуваат на други жаришта на такви сламови низ градот кои растат пропорционално и инстинктивно.

Гетата од бараки се физички забележливи во морфологијата на градот, каде покрај регуларното урбано ткиво се гледаат огромни пространства на урбани дамки кои пополнуваат секаква празнина на градот и се распределени низ различни делови од градот. (Морфолошки гледано на мапата изгледаат како тумор на постоечкиот урбан организам). Затоа општинските власти се залагаат да ги сведат на нула (ако тоа е воопшто возможно). Постојат дузина проектни предлози од локалниот архитект Мукеш Мехта каде се предвидува реорганизација на сламовите преку резиденцијални типологии регулирани од пазарниот режим.

Оваа магма од луѓе во Мумбај и моментот на западната криза ни ја олицетворува апокалиптичната визијата на францускиот стрип L'Incal Noir (Моебиус), каде се отсликува со апокалиптични сцени на крајот постлибералниот град. (Она што би останало од светските метрополи откога ке ја изгубат својата самоиздржливост). Во стрипот се забележува големата густина од луѓе и натрупаност со ѓубриште што посочува на такво размислување. Во периодот од 5-19 февруари Иксид (меѓународна асоцијација на дизајнери) и Велингтон институтот за економија и маркетинг, беа организатори на Интердизајн Мумбај (семинар и работилница), на тема како да се хуманизира градот. Оваа работилница беше од посебно значење не само заради тоа што систематски ги опфаќаше клучните прашања за развојот на градот, туку и затоа што беше организиран од центар за економски науки. Тоа е првпат ваков тип на проблематика да се разработува од страна на економски студии и менаџмент, со што би се создале услови за развој на посебна дисциплина на урбаниот маркетинг, потпомогнат од дизајнот и неговото значење. Семинарот броеше 15 странски експерти од секаква област кои заедно со домашните 15 експерти се потрудија конкретно да дебатираат за можните решенија на градот. Семинарот беше поделен на неколку теми, каде учесниците се потрудија да дадат иновативни одговори на критичните прашања.

Причина за овој меѓудизајн беше и моменталниот економски бум кој го доживува Мумбај. Неговиот БДП е во постојан раст (од него државата има приход од над 40% преку данокот и 60% од царината). На градот му се укажува прилика за преродба. Овој период е многу битен за него, затоа што ќе мора да го одбере патот по кој ќе се движи неговиот развој. Тој веќе е под финансиски притисок на либералниот пазар, но на оваа карта нема да може да издржи подолг период. Тој е приморан самиот да го најде својот одржлив процес пред да го доживее својот колапс.

Економскиот пресврт во последните години значително ја подобрува градската инфраструктура. Ланската година беше пуштен во употреба западниот брз автопат кој го карактеризира иконскиот мост Раџив Ганди и помогна да се растовари сообраќајот во тој дел на градот, а со него и да се отвори погледот спрема урбаниот пејзаж. На почетокот на месец февруари се отвори и вториот терминал на меѓународниот аеродром со придружниот надвозник Сахар во должина од 2,2 километри. (Дозволено е движење само на автомобили, без тешкиот сообраќај и јавниот превоз.) Во полн ек се гради брзиот источен автопат а интензивно се напредува и со подземната железница (метрото) кое треба да се заврши до 2021 година. Монореилот почна исто така да функционира кон крајот на јануари, со неколку станици (со дневен капацитет од 30.000 патници), кои сигурно ќе се прошират во наредниот период.

Понови градби кои го привлекуваат внимението секако се арт центарот во Бандра и најскапата недвижност Антилија, луксузна зграда од 27 ката со паркинг за 150 автомобили, во која живее само едно петчлено семејство. (Со тотална цена на изградба од една милијарда долари!) Во тој дел од градот кој важи за еден од најлуксузните – Педар роуд - се наоѓа и ремек делото на модерната архитектура од 70-тите години, kanchanjunga apartments, дело на познатиот архитект Чарлс Кореа, кој исто така е и планер на Нави Мумбај. Овој солитер претставува една вертикална верзија на Унита ди хабитацион во Марсеј.

Кругот на овој прекрасен и луд максимум не би можеле да го заокружиме без населбата Бандра (на западниот дел од градот), која е најкосмополитска и каде се наоѓаат голем број кафулиња, барови, ресторани и продавници. Таму живеат боливудските актери и познатите парси (жители со персиско потекло, дојдени во 20-тите години на 19 век и едни од побогатите). Главната променада која гледа на Индискиот Океан и се протега сѐ до португалските тврдини ни го оживотворува овој прекрасен боливудски филм полн со апсурди.

Слични содржини

Јавни простори
Јавни простори
Општество / Активизам / Јавни простори
Јавни простори / Став
Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори / Европа

ОкоБоли главаВицФото