Протестите за случајот „Монструм“ - реакции и коментари

08.07.2014 13:46
Протестите за случајот „Монструм“ - реакции и коментари

Ерол Ризаов

Деновиве многумина не можат да се изначудат бидејќи со свои очи и уши на скопските улици виделе и чуле немири, пукотници, толпи и маршеви на повеќе илјади демонстранти, специјални оклопни полициски возила, кордони специјалци, виделе каменување на судот и полицајците, виделе крв и повредени демонстранти и полицајци, виделе уште многу грди слики на улиците на главниот град… но кога ги вклучиле дома теливизорите пријатно се изненадиле дека тоа било само некој кошмар и дека сѐ си е на свое место. Не се случило и не се случува ништо страшно, ни необично. Ударната и најважна вест е дека премиерот Никола Груевски е во Јапонија и Кина во потрага по нови работни места и инвеститори. Ќе се градат нови фабрики, патишта, болници, училишта… и ќе се вработуваат илјадници луѓе. Владата обезбеди милиони евра нови пари за субвенции на земјоделците… наеднаш следи спектакуларната најава за инвазија од странски туристи во државата. Потоа оди истражувањето дека многу лекови пак ќе поевтинат. Следува малку фрустрација оти премиерот на комшиите, Самарас, пак ја навредувал Македонија и Македонците. Човекот за миг од Грк се трансформира во Енглез и вели дека не чул досега за посебен македонски јазик. Галиба, го извадиле од памет некои шарлатани што упорно тврдат дека јазикот на кој зборувал Александар Македонски пред да научи старогрчки од Аристотел бил истиот со кој ние денес зборуваме.

Потоа следува уште една фрустрирачка вест дека домашната опозиција пак направила некој непријателски гест, се собрале неколку грчки платеници и на Сорос и зборувале против власта и државата… Замислете ви се молам, баш кога врие на скопските улици во рајската земја.

И, конечно, во бранови веќе три дена по ред стасува веста која ја видовме со свои очи: хулигани дивееле по скопските улици поради судската пресуда на монструозните убијци на петте момчиња пред две години на десет минути со автомобил од центарот на Скопје. И толку. Колективниот главен уредник мисли дека ако нешто не се објави, не се ни случило, или ако веќе мора нешто да се објави, тогаш тоа мора да биде сосема накусо во продолжетоците по второто полувреме од вестите. Човекот мисли дека така ќе ја разводни ситуацијата како да немало ништо вознемирувачко на скопските улици, а и тоа мало дивеење е под контрола и не треба за тоа никој да се грижи или да се вознемирува. За жал, не знае дека баш таквото премолчување и маргинализирање на опасни блиски средби на полицијата и демонстрантите секогаш лошо завршува и дека така почнаа најголемите трагедии на просторите на поранешна Југославија.
Утрински весник


Арсим Зеколи

Протестите беа многу поненасилни од начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА ја срушија парламентарната демократија на 24 Декември.

За поплаките дека протестите биле насилни:

Протестите беа многу поненасилни од начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА ја срушија парламентарната демократија на 24 Декември. И добија тапкање по грб од оние кои вчера цинично мудруваа за „протести да, ама насилство не“.
Либертас

Арсим Зеколи

Аналитичарот Арсим Зеколи пишува дека барањата да се истражи кој е организаторот е легитимно. „И јас сум заинтересиран да дознам кој е 'јунакот' кој храбро кине туѓа кошула за пукање во туѓи гради. Не знам кои се организаторите на протестите, но убеден сум дека листата на виновници за насилството се совпаѓа со листата на присутните на приемот во Амбасадата на САД, ноќ пред нередите“, зајадливо коментира тој.

Но додава дека исто така го интересира зошто истражувачката фела од „академијата за новинарство при МВР“ е толку запалена за скршени џамови и контејнери, но молчи и не покажува интерес да истражи кои се лицата (пратеник, судија, лидер на политичка партија) посочени како наредбодавачи од страна на родителот на едно од убиените деца?
Глобус

Бранко Тричковски

Делегацијата на ЕУ, Амбасадата на САД, Мисијата на ОБСЕ и Мисијата на НАТО ги повикуваат граѓаните да останат смирени и да се воздржат од насилство.

Убаво, и Високата делегација на мојата маленкост може да се направи фина и да повика на воздржаност, но за разлика од горенаведените мисии и амбасади, јас предупредував дека монструозните деформации на институционалниот, моралниот и културниот корпус што систематски ги произведуваше и ги произведува режимот на чипираните идиоти на нивниот омилен фаворит Надвојводата Шарло, закономерно ќе завршат во такво насилство во однос на кое вчерашните демонстрации можеме да ги сметаме за обична забава!

Тие и денеска, со самата интонација и содржина, со таа одвратна бесчувствителна фразеологија, со апелите за воздржување од насилство, всушност, му даваат поддршка на основниот извор на насилството: режимот на Никола Груевски и апел смирено да го трпиме неподносливото насилство!

Останувам во надеж дека деновиве ќе имаме прилика да прочитаме и некои поинакви соопштенија!
Окно



Мухамед Зекири

Не оправдувам насилно однесување во ниту еден момент. Но полицијата на Груевски со тоа што го направи во петокот уште еднаш демонстрира сила над нејзините граѓани со цел да ги уплаши и да продолжи да сее страв. Оваа држава покажува по којзнае кој пат дек нема капацитет да негува демократско и мултиетничко општество. За едни сѐ уште е мајка, за други маќеа. Јас после тоа што се случи во петокот поставив само едно реторичко прашање: зошто полицијата на Груевски на ист начин не постапи и со демонстрантите во Ѓорче Петров првиот ден кога гледаа сеир како се палат имотите на своите сограѓани Албанци? ...А за куклите на ДУИ, во инстиитуциите исто не сакам да трошам зборови многу. На нивните функционери доволно им е да имаат една службена кола и една добра секретарка и толку.
Либертас

Рамадан Рамадани

Институциите ја прават и поделбата меѓу граѓаните повеќеслојна, до атомизација. Помина 'златното' време на Македонци и Албанци, партизани и балисти, бугарофили и србомани. Сега дури и партиите имаат свои народи.
Фокус / Глобус

Артан Садику

Артан Садику, активист за социјална правда, укажува дека последните протести на граѓани кои се незадоволни од начинот на кој судската власт ја дели правдата во Македонија, се автентичен излив на незадоволство кон државните институции:

„Тие го поставуваат клучното политичко прашање кое се прикриваше за време на транзицијата, а тоа е: за кого постојат институциите? Фактот што досега овие протести се исклучиво моноетнички, не значи дека и нивниот порив е исклучиво етнички. Таа група смета дека институциите во овој случај ним им нaправиле неправда по етнички клуч, кој повеќе од дваесет години им е главен политички оператор на елитите. Но, тоа не е пречка да се мобилизира поголема маса луѓе кои трпат неправда по различни основи, а пред сѐ економски. Отвoрањето на прашањето на неправда која се генерира од страна на институциите кои треба да внесуваат правда во општеството, е политички момент кој може да послужи за проширување на полето на контестација на воспоставениот социо-економски неправеден политички и економски систем. Наследството на институционалната неправда во Македонија е потенцијал за социјален отпор кон тие институции“.
Дојче Веле

ЛДП

Премиерот не беше тука ниту кога беа убиени петте лица на Смиљковското езеро, кога се појави четири дена подоцна за да изрази жалење. Иронично, не е тука ни сега, кога се донесе пресудата. Премиерот е далеку од Македонија, секогаш кога е потребно да биде во државата. Истовремено, го нема ни „таткото на нацијата“. Каде е Иванов по инаугурацијата? Нашиот претседател, не сакајќи да си ја наруши удобноста од претседателската функција, учествува на разни пивтијади и калинкијади, држи пригодни напишани говори, или пак се појавува на по некој концерт.

Премиере и претседателе, охрабрете се и појавете се. Охрабрете го народот да ги смири тензиите кои некој ги потхранува. Кажувањето на вистината, верувајте, е единствен начин да се почне, конечно со решавање на напластените проблеми.
Фокус

Ѓакуш Кабаши

Без судство кое ужива доверба и дели правда, без слободни медиуми кои информираат реално и без авторитети кои имаат влијание и поттикнуваат вистински промени – Македонија ќе се соочува сѐ почесто со вакви експлозии на акумулиран бес.
gjakushkabashi.wordpress.com

 

Катерина Блажевска

Ако не се спроведат темелни реформи во судството и во други сфери и ако не се воспостави ефективна институционална функционалност, протестите за „Монструм“ може да бидат иницијална каписла за сеопшта социјална експолозија на незадоволство, предупредуваат аналитичарите. На сегашното антивладино, особено анти-ДУИ незадоволство, со обвинувања за судска неправда, лесно ќе се налепи незадоволството од корупција, сиромаштија и невработеност. Топката „снег“ која во жешкото политичко лето во Македонија почна да се тркала заради „Монструм“, може да прерасне во лавина, што ќе биде тешко да се запре, ако се има предвид дека постојат и други системски слабости, односно дека дијалогот власт - опозиција е целосно закочен. Има ли власта капацитет да го запре тркалото на незадоволството?
Дојче Веле

Биљана Секуловска

Последниот случај на обвинителката Гордана Гешковска „Монструм“ и нејзините завршни зборови со кои ја крена јавноста на нозе не ја поколебаа да продолжи да го практикува апсолутизмот, онаа апсолутна моќ која смета дека ја поседува и на која никој не смее да се спротивстави, кога станува збор за нејзината професија, пред која дури и боговите мора да молчат.

Така изгледа пораката на нејзината последна изјава дадена за Дојче веле: „Го вклучив телевизорот и видов некои снимки од протестот. Дефинитивно, ова е напад на судот како независна институција. Никој нема право да ги коментира судските одлуки, а камо ли вака да се однесува.
НоваТВ

ВИДЕО: Уфрлен провокатор предизвикува инциденти, прво од кај демонстрантите, после од кај полицијата?!


Shprehja

Бесим Ибрахими

Во саботата известував за мојот весник за тоа што се случува на протестите. Кога демонстрантите почнаа да фрлаат со камења јас бев на 200 метри подалеку. Јас мојата работа како новинар си ја вршев професионално. Од специјалната полициска единица ми наредија: „Легни! Што бараш тука!“. Јас им кажав дека сум новинар. Сепак ме приведоа и потоа ме тепаа, 2-3 пати ме удираа со пендрек, по рацете и нозете. Ме третираа на нечовечен начин, не ми дозволуваа да одам, туку ме влечеа по земја. Нѐ врзаа со лисици, нѐ пикнаа во возило и не знам во кој правец нѐ возеа. Беа страотни моменти. Ни се обраќаа со „умрете Албанци“, „ќе ве убијам“, „шиптарско ѓубре“. Беа застрашувачки моменти, кои врз некого може да остават психички последици.
А1Он

Петар Арсовски и Алберт Муслиу: Немирите на Бит-пазар се последица на политиката на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ

НоваТВ

ФОТО: Протестите за „Монструм“ поддржани и од полицаец во Америка


Плусинфо

Јове Кекеновски

Поминаа пет дена од петочните насилни протести во Скопје, во меѓувреме ни се случија и протести во Тетово, Струга и Кичево, а од претседателот Иванов ниту збор… Дали тој мисли дека стабилноста и мирот во државата, безбедноста и сигурноста на граѓаните на Р. Македонија не се во негова надлежност? Треба ли да се одмолчат вакви настани кои лесно можат да го нарушат и онака кревкото единство? Треба ли да се одмолчи кризата на меѓуетничка недоверба и нетрпеливост која лесно може да излезе од контрола? Во моментов во државата има поприоритетни обврски и задачи отколку присуство на манифестација по повод одбележување на 1000-годишнината од основањето на манастирот Свети Јован Претеча, од смртта на Цар Самоил и од постоење на селото Слепче.
Фејсбук

ДОСИЕ „МОНСТРУМ“ - Еве кои се доказите, еве како се убиени децата, еве како се бранеа обвинетите!

Доцна попладнето на 12 април, спроти големиот христијански празник Велигден, на брегот на Смиљковско Езеро кај Скопје ладнокрвно со куршум во глава и во срце беа убиени Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Накевски, Филип Славковски и Борче Стевковски. Момчињата беа матуранти од скопската населба Радишани, а петтиот убиен беше локален рибар. Убиените биле кај езерото за да се забавуваат и да ловат риба. Ги виделе неколку рибари, кои биле во нивна близина. Петтиот рибар бил 50 метри подалеку од нив. Момчињата биле другари, а со рибарот Стевковски не се познавале. Само што почнала да се наѕира ноќта, вооружени луѓе се појавиле во нивна близина. Им се приближиле од зад грб и им рекле да клекнат на колена. Им пукале во глава и во срце со огнено оружје. Рибарот Стевковски бил сведок на целиот настан и се обидел да побегне. Се стрчал кон автомобилот, кој му бил паркиран во близина. Но вооружените го виделе, успеале да го стигнат и пред возилото го застрелале и него. Пукањето се слушнало во околината. Полицијата била известена дека нешто се случува кај Смиљковско Езеро. Веднаш била испратена патрола, која кога видела што се случило на местото на настанот, алармот за тревога бил кренат на највисоко ниво.

Мактел/Нова Македонија

Фотографии: Сашка Цветковска