Макстил бара ДОМ да престане со работа

08.07.2014 14:12
Макстил бара ДОМ да престане со работа

Скопје, 8 јули 2014

Управата на фабриката Макстил побара политичката партија ДОМ да престане со работа. Оваа реакција ја предизвика претходното барање на ДОМ за прекин на работата на Макстил.

„Ние сме познати загадувачи и активноста на ревносните зелени партии како ДОМ ни влева страв во коските. Затоа, ги замолуваме да престанат со својата политичка активност водена од безрезервната љубов кон околината во Македонија и кон планетата Земја“, велат од Макстил.

Менаџерите од фабриката додаваат дека многу ги плаши тоа што ДОМ е дел од власта и може да го искористи своето политичко влијание за да го намали рокот за вградување филтри на оџаците од фабриката од неодредено, на само илјада години.

„Не знаеме како ова ќе се одрази на угледот на нашата компанија. Прашање е како двете реакции годишно на оваа еко-партија ќе влијаат врз расположението на нашите бизнис партнери и пласманот на нашите производи“, стои во соопштението на Макстил.

Од управата на фабриката ја потсетуваат Лилјана Поповска дека неколку илјади вработени зависат од Макстил и дека ако не престане со еко-активизмот, може да ги носи на душа.

Сродна статија: ДОМ се избори за зелена површина на плоштадот