Фудбалските чуда не треба да се објаснуваат

09.07.2014 11:35
Фудбалските чуда не треба да се објаснуваат

Шпигел онлајн комплетната насловна страница на својот интернет портал ја посвети на победата на Германците. Меѓу текстовите со карактеристични наслови „Тага во Бразил“ (за состојбата на јужноамериканската нација), „О, боже мој!“ (во пренесените реакции од странство), се поставува и прашањето за противник во финалето: „И сега? Против Меси или против Робен?“; детално се анализира играта на германскиот тим (со заклучок: „Просто кростастично!“ поради извонредната партија на Тони Крос), детално се анализира играта на бразилскиот тим („чиста катастрофа“), се потсетува на „историските порази“ на славните репрезентации на мундијалите, а главниот коментар уште во насловот ја опишува играта на германскиот тим со зборовите: „Цак, цак, цак!“ и продолжува вака: „На германските репрезентативци, кои во текот на 90 минути со својата ефикасност, прецизност, точност и непопустливост ги остварија речиси сите можни клишеа за Германија, им беше речиси жал поради начинот на кој Бразилците испаднаа од натпреварувањето. Томас Милер (...) го тешеше Данте; Тони Крос, Пер Мертезакер, Филип Лам - сите тие разговараа со бразилските противници кои по натпреварот лежеа на тревата и мораа да ги трпат свирежите од својата публика.“

„Како да се објаснат фудбалските чуда“ - се прашува коментаторот на весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг, и одговара: „Најдобро - никако“. Во нив треба само да се ужива. Бразил еден, Германија - седум: ако некој пред натпреварот во Бело Хоризонте предвидеше таков резултат, сите ќе го прогласеа за луд. (...) Овој натпревар мора да биде утеха за секој очаен аматер кој во својата фудбалска кариера бил понижен. Види - и големите екипи можеле да доживеат вакви грандиозни удари од судбината... Отсуството на Неимар и Тијаго Силва го најави настапувањето на големото чудо, но ни оддалеку не е причина за тоа. Бразилците во првите минути се нафрлија на Германците и се обидоа да ја демонстрираат силата која - ја немаат. Кога, дванаесет минути по првиот гол на Германците, падна и вториот, дивите напади на домаќините се покажаа како чаламење без смисла (...) Селекторот Лев повторно ја покажа силата во подготовките за турнирот и во поединечни натпревари. Тој и неговиот штаб ги доведоа играчите во одлична состојба - и физички и тактички. Тој инспиративен тимски дух можеше да се почувствува и на теренот и надвор од него. Лев зрачеше со мир и сугурност и покажа рафиниран тренерски пристап...

Дневниот весник Франкфуртер рундшау на својот портал забележува дека е „несфатлив начинот на кој домаќините му овозможија на германскиот тим со хируршка прецизност и најголем мир да ракува со скалпел и да остава длабоки резови и отворени рани во одбраната на Бразилците. Беше речиси нестварно да се гледа како паѓаа головите и како расте очајот на Бразилците. Некои гледачи горко плачеа. Уште пред почетокот на натпреварот беше јасно дека Германија по мундијалот ќе ја потисне Шпанија од првото место на светската ранг-листа, но тоа за селекторот Лев воопшто не беше важно...“

„Победа за вечност“ - гласи насловот кој го објави таблоидот Билд, за да се запраша во придружниот текст: „Зошто сме толку добри?“ - и да ги понуди следните одговори: затоа што Тони Крос и Сами Кедира, како што одминуваше турнирот, играа сѐ подобро; затоа што Миро Клосе и на 36 години дава голови и сега (со 16 погодоци) е најдобар стрелец во историјата на Светското првенство; затоа што Ноер е сјаен - кога Бразилците на почетокот на второто полувреме јуришаа диво, го одбрани секој шут кон голот.“ Секако, Билд забележа и дека патот (вклучувајќи го и чартер-летот) на германските репрезентативци од Порто Сегура до Бело Хоризонте траел повеќе од 24 часа - иако тие два града не ги дели растојание од повеќе од 700 километри: „Залудно Фудбалската федерација на Германија во контакт со бразилските власти се обидуваше да се избори за поповолни термини за полетување и слетување, тие не мрднаа ни со прст - не ни одговорија на молбите. Одмаздата за тоа падна на тревата во Бело Хоризонте“ - заклучува Билд, повикувајќи го уште во насловот на следниот текст противникот во финалето со зборовите: „Дајте ги тие Холанѓани!“

„Сите емоции кои ги ветија Бразилците, сакаа да ги покажат уште во првите секунди од полуфиналето“, пишува Зидојче цајтунг. „Трчаа. Јуришаа. И полни со енергија се одбиваа од германскиот ѕид кој им се испречи. На средината на теренот играчите на Јоаким Лев го стеснија просторот формирајќи две збиени линии. А кога топката остануваше заглавена во тој ѕид, германскиот тим изведуваше контранапади: ладнокрвно, трезвено, ефикасно. (...) Секој обид за објаснување на овој резултат е пукање во празно. Резултатот е сума на безброј фактори: секако дека Бразилците беа шокирани од неиграњето на Неимар. Нормално дека на Германците им одговараше и тоа што не мораа да играат на попладневната жештина. Секако дека при првиот гол кој го примија по изведениот корнер сите Бразилци стоеја погрешно - а потоа сите брани пукнаа. Нормално дека беше исправна постапката на селекторот Лев кој се определи за состав на тимот кој ниту на горештината во Рио де Жанеиро против Французите не се стопи. Ова беше ремек-дело на Јоаким Лев. Во недела тој може само уште да се надмине себеси.“

Извор: Deutsche Welle