Не знам за народ кој повеќе го пцуе сонцето

09.07.2014 12:20
Не знам за народ кој повеќе го пцуе сонцето

Што би се случило кога и кај нас би вовеле забрана за „лошите зборови“ во театар и на филм? Во американскиот и европскиот филм пцовката е нормална. Ние ја сакаме пцовката, не само во литературата, туку и во животот.

Кога во Србија би била воведена забрана за пцуење на јавни места и во уметноста, како што тоа е направено во Русија, државната каса би се прелевала од наплатените казни. Сакаме да пцуеме, тоа е!

Казната поради употреба на „непристојни зборови“ кај нас, сосема сигурно, би го извадила народот на улица. Србите би се побуниле ако некој им забрани да пцујат - Тврди Марко Видојковиќ, познат не само по читаните книги туку и по тоа што во нив не се плаши да употреби пцовки. - Нема квалитетна уметност ако е подложена на каква било цензура.

Пцовките во новите руски книги, во филмовите и на театарските сцени ќе имаат статус на забранета стока. Ако нешто слично се воведе и во Србија, авторите би се нашле пред хамлетовска дилема - да се плати казна поради криумчарење или да се остане без публика. За некои српски филмски работници голем успех е ако барем во една сцена никој никому не пцуе мајка или не употреби некој друг погрден и навредлив збор. Понекогаш тој прост збор е вистинскиот, па и оправдан. Често е евтин трик... Но, нашата публика се смее и се опушта само со пцовки.

„Доколку го укинат пцуењето во филмовите, продукцијата би се преполовила“, вели сценаристот Гордан Михиќ. Во сите американски филмови се пцуе, и во европските тоа е нормално. Навистина, некогаш големите писатели не користеле вулгарни зборови во своите дела. Тоа почнало со продирање на уличниот јазик во уметноста. Но, тоа е животот. Веројатно многу ситуации и чувства можат да се доловат без пцовки, но прашање на уметничка слобода е дали авторот сака и колку ќе биде способен да се изрази на друг начин.

Велат дека Србите пцуjат како никој друг - на мало и големо. Го прават тоа почесто отколку што си посакуваат добар ден. Пцујат и кога ќе се налутат, и кога се радуваат. Во драмата „Свети Ѓорѓи ја убива ламјата“, драмскиот писател Душан Ковачевиќ, преку ликот на Алекса, добро го илустрира тоа: „Јас не знам за народ кој повеќе го пцуе сонцето, нека не нѐ грее ни толку. А покрај сонцето го пцуеме и Бог, лебот, мајката...“ Како е кај народот, така е и во уметноста.

„Забраните се интригантни. По нив се раѓа желбата да ги кршиме“, објаснува Душан Ковачевиќ. „Не е проблем пцовката, туку дали е умесна или не. Како војнците во ровот, во игран филм, да зборуваат за непријателот? Замислете да кажат со фин јазик: Оние господа преку патот не се добри, па ќе ни ги запалат куќите. Постојат места каде пцовката не е пцовка, туку средство човек да се ослободи од стресот. Во современите американски филмови, секоја трета реченица е пцовка. Не само во филмовите од Б продукција, туку и во класичните дела. И нашиот славен филм 'Марш на Дрина', завршува со Дрино, да те ебам! Но тоа не е пцовка, туку вресок.“

Ковачевиќ вели дека тој е сепак за да се воведе некој ред, на прво место во медиумите.

„Од друга страна, тоа нема да има ефект врз оние за кои е наменето. Децата не гледаат такви емисии, не читаат весници. Нема начин да го промениме нивниот начин на размислување и говор, кој не е во овој свет, туку е во виртуелниот. Во моето детство пцовките беа испишувани на тарабите. Оградата се префарбува, но денес сѐ се одвива преку интернет. Не можете да го контролирате интернетот.“

Доколу се отстранат пцовките од литературата, би се изгубила една многу важна димензија, смета книжевниот критичар Милета Аќимовиќ Ивков.

„Пцовките во книжевноста не се само нешто попатно, во зависност кое ниво на јазикот се активира во книжевното дело, тие можат да бидет важен фактор на уметничката мотивација. Да сетиме на романот на Драгослав Михајловиќ 'Петријин венац' или некои од неговите раскази, на пример, 'Барабе, коњи и гегуле'. Разбирливо е што во јазикот таквите јунаци од социјалните маргини се наоѓа и по некоја пцовка, како што е логично таа да биде средство за гротескно снижување, или дури и извор на хумор.“

Има многу слични примери. Кај Сава Дамјанов се пцуе толку што од неговите книги може да се изведат цели кола скаредни зборови. Не се јазични пуританци ни јунаците од книгите на Светислав Басара...

„Ама, да го баталиме тоа“, додава Ивков. „Главно пцовката во јазикот на книжевноста нѐ сепнува, скокотка, насмевнува... Ја сакаме! Не само во книжевноста, туку и во животот. Уште како. Познавам некои кои често ги земаат во уста тие работи. Се провлекува некоја сочна пцовка и кај некоја фина дама... Во странство сме препознатливи по пцовките. Во јазикот на пцовките обичниот човек е како дома. Не мириса најдобро секогаш во неа, ама му е топло, познато. Само, треба да се каже дека пцујачкиот јазик во книжевноста им служи на мајсторите на раскажувањето, а тие се ретки, на другите главно им штети и им ја расипува работата. И уште: повеќе пцовки од Србите имаат Англичаните, но таа некогашна империја сака да ги гледа другите, па и нас, од самодопадливата висина на негативните стереотипи, па тогаш сме некултурен народ за нив. Но, нашите пцовки се посочни. И тоа го сметам за важно, често се употребувани за да го понижат другиот. А тоа не е добро. Кога се споменуваат попатно, нека ги - нека траат! Нека слободно живее Црвениот бан на нашиот род и јазик“.

Кога може магичниот писател

Писателот Зоран Ќириќ, познат и по користењето слободен јазик во своите книги, потсетува дека неговите книги се објавени во Русија. „Сигурен сум дека Путин ги чита. Бидејќи во последните две книги не напишав ниту една пцовка, веројатно помислил дека кога може Магичниот Ќиро, можат и сите останати“, се шегува Ќириќ во свој манир. „Забраната за пцуење во книжевните дела е забрана за говорот на авторот и животот на книгите. Може да се пишува без пцуење, го покажав тоа во моите нови книги, јас, кого го нарекуваат српскиот Буковски. Но, прашањето за цензурата, а ова е тоа, задира во органската суштина на книжевноста.“

Измиениот книжевен глушец

Не би се случило ништо ако овде се воведе забрана за користење на пцовки во уметноста, вели Мирјана Ѓурѓевиќ, чии книги вријат од духовитост и сочни сложенки. „Малку ќе се затресе гората од пцујачки протести и ќе се роди измиен книжевен глушец. Овде поминуваат и поидиотски забрани од таа, не секогаш со примена на гола сила. Не сум сигурна дали и спомнувањето на голотијата спаѓа под Путиновиот законик? Автоцензурата го обележува целиот наш општествен живот, што ми е посебно иритантно во сферите кои би требало да бидат носители на слободата на изразувањето. Впрочем, кога разговарав за тоа со една ваша колешка, се согласи со мене со гласна пцовка и забелешка: Токму така, но твојот одговор никој нема да го објави.“

Извор: novosti.rs

Слични содржини

Европа / Балкан / Став / Култура / Историја
Книжевност / Култура / Историја
Балкан / Свет
Фотографија / Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото