Една мачка ја викале Ица

10.07.2014 11:35
Една мачка ја викале Ица

Една мачка ја викале Ица

Една мачка ја викале Ица.
Била вистинска госпоѓица,
мошне нежна, нималку лажна,
но една работа ѝ била најважна:
секогаш да биде убава
од опаш па до глава,
да има елегантен од
и да живее a la mode.

Непрестајно се пудрирала,
непрестајно се парфирмирала,
го следела секој моден шиз,
го следела секој ТВ-квиз,
го следела секој нов крик,
била мошне, мошне шик.

И така ангажирана без престан
еден ден излегла од својот стан,
со намера пак да си се аранжира,
овојпат фризер да ја изфризира,
за секогаш да биде убава
од опаш па до глава.

А тој фризер да ми ти бил глушец.
Се викал господин Шец,
држел салон за дами „Цак“
во авенијата „Полумрак“;
скоцкан, во склад, црнобрад,
и глушецот бил шик во тој град.

Имал толку многу фантазија,
ниедна муштерија не била зијан;
знаел врз муштериските глави
да прави прави градини.

Толку вешто стрижуцкал,
толку вешто лицкал,
толку вешто мижуцкал,
толку вешто пицкал.

Кога таа мачка стигнала
во овој салон гала
рекла дека би се стригнала
и косата би ја испрала.

Глушецот на работа се ставил
и кога фризурата ѝ ја направил
мачката рекла: - Фала!
- и бакнеж му дала:
- Ох, господин Шец,
иако сте глушец,
ќе ве изедам друг пат!

*a la mode - по мода, француски израз

 


Вештачко дишење

Пред да се случи драма
една мачка си купила банана;
кога посакала да ја лизне,
кога посакала да ја гризне,
кога ја фрлила кората
беља настанала згора
- сретнала еден глушец.

Тој глушец мирно шетал,
тој глушец со главата кимал,
ситуации снимал а поим немал
дека на мачката ѝ пречи.
Што ќе речеш, речи,
но кој знае кој кому пречи?

На мачката свеќичка ѝ светнала,
на мачката свеќичка ѝ блеснала,
само малку се проѕевнала,
само малку се поднаведнала
а потоа фатила залет...

На глушецот кога скокнала
и кога од него се опнала,
врз кората тогаш треснала,
врз кората тогаш љоснала,

толку се плеснала и скршила
како да учи балет.

Работава глушецот го рецнала
и тој бил блокиран,
и тој бил шокиран,
веднаш почнал да согледува
дека мачката треба да се средува
и дека помош ѝ следува;
нема кидање, работава е густа.

Тој глушец бил осетлив,
тој глушец бил досетлив,
подумал, земал пенкало
и тогаш му текнало
да ѝ даде вештачко дишење,
прописно: уста на уста.

Вдишал длабоко,
замижил на око,
потоа почнал да дува и дува,
ја полнел мачката како балон,
ја полнел мачката како галон,
здувувал, раздувувал,
здивот не го зауздувал,
најпосле сосема се издувал,
ја наполнил мачката како гума;

притоа постојано си думал
дека мачката мора да ја освести,
одново меѓу живите да ја смести.

Глушецот се потел цело време,
мокро му било и самото теме,
потта без прекин капела,
потта без прекин течела,
целата става му била отечена,
глушецот бил капнат скапан.

Мачката била страшно бледа,
мачката била како креда,
и лежела издрпана, како крпа,
и видела ѕвездички ситни,
помислила тоа се бакнежи итни
на убав мачор со долга опашка;
и мислела дека танцува, башка,
во својот долг фустан макси.

Глушецот сакал да викне такси
за да ја однесе до Брза помош,
оти работите итни многу се битни
и во теории и во пракси.

Мачката тогаш очи отворила
и со тивок глас проговорила:
- Дали си тоа ти, ох, мил Саша,
молам шампањ, еве ти чаша...

Глушецот тогаш длабоко воздивнал
и од радост со опашот мавнал:
- Госпоѓо мачко, ох, very well,
јас не сум Саша, јас сум Мишел.

Мачката рекла: - Мишел, красно,
ме љубевте мошне ефикасно,
пријателството треба да се закити,
јас и вие, односно јас и ти,
да бидеме заедно, тоа го делиш?
Односно, тоа го делите?
Значи, што на тоа велиш,
то ест, што на тоа велите?

Насмевка иста ко порано имала,
но глушецот беше фатил тркала.

На мачката не ѝ било баш мило.
Утредента едно фино писмо сино
нашла во своето сандаче:

Се надевам дека сега сте здраво,
многу убави поздрави дотаму
праќа Вашиот Мишел
- и така натаму...

Датум, и печат,
и своеножен потпис

Препев: Пандалф Вулкански
Слики: John Burningham, Lydia Monks, June Goldsborough
Извор: Luko Paljetak, Miševi i mačke naglavačke (1973)

ОкоБоли главаВицФото