Распаѓање на непостоечката земја

11.07.2014 09:47
Распаѓање на непостоечката земја

„Минатата зима тројца со калашникови ме запреа на улица во Багдад“, во телефонски разговор за „Време“ кажува Ахмед Н. „Беше ноќ, возев кон дома. Ми ја вперија цевката на чело и прашаа: ’Што си?’ ’Татко ми е сунит, мајка ми шиит, жена ми е христијанка. Ни самиот веќе не знам што сум, одговорив. Ме гледаа, а потоа ги спуштија пушките и рекоа: ’Ајде, бегај!‘“

Трагичната ситуација во Ирак од минатата зима што ја опишува Ахмед стана уште полоша. Откако пред десет дена започнаа офанзива, припадниците на Исламските држави Ирак и Сирија (IdIS), една од екстремистичките сунитски организации создадени под покривот на Ал Каеда, заземаа големи делови од север и западен Ирак, градовите Мосул, Тал Афар, Тикрит. Извештаите зборуваат за егзекуција на луѓе кои работеле за државата, силувања, ослободувања и вооружувања на затвореници од локалнитe затворi. Локалните власти тврдат дека во Мосул се ограбени сите банки и земени се над 400 милиони долари. IdIS објави фотографии на интернет на кои се гледа масовно убивање на заробени припадници на ирачката војска, полицајци и регрути. Се проценува дека само од Мосул избегале 500 000 луѓе.

Иако повеќето вести се однесуваат на ѕверствата кои ги прават борците на IdIS на освоените територии, според шиитите и сите кои имале каква било врска со владата, има информации дека еден дел од сунитското население ја поддржува борбата против „шиитската власт“, која ја симболизира премиерот Нури ал Малики, дека бесот дополнително е поттикнат со напади на воени авиони на бунтовничките позиции во Мосул, Самара и Тикрит, во кои имало и цивилни жртви. Сојузниците на џихадистите во оваа офанзива се и сили составени од борци следбеници на Садам Хусеин, кои веќе со месеци ја контролираат Фалуџа и други места во провинцијата Анбар, каде сунитите се мнозинство.

Иако ирачките власти зборуваат за контраофанзива, IdIS најави дека неговите борци ќе тргнат кон Багдад. Во вторникот, кога овој број на „Време“ оди на печатење, објавено е дека најмалку 44 затвореници загинале во напад на екстремистите во затвор во Бакуба, 50 километри северно од ирачкиот главен град. Претходните денови во Багдад започна мобилизација, а извештаите зборуваат дека како доброволци најмногу се појавуваат шиитите, одговарајќи на повикот на шиитскиот ајатолах Али ал Систани да земат оружје и да се борат против сунитските екстремисти. Бесот на шиитите го предизвика и најавата на IdIS дека по Багдад ќе тргнат кон Карбала, едно од најсветите места во шиитската митологија.

Војната на шиитите и сунитите

Светот е изненаден и шокиран од она што се случува, расте стравот од поделба на Ирак на курдски, шиитски и сунитски дел и сеопшта војна помеѓу сунитите и шиитите во регионот. Сепак, изгледа дека нема толку место за изненадување. Кога станува збор за поделба на земјата, Ирак уште од американско-британската инвазија во 2003 година постои како држава, повеќе или помалку, само на хартија. Со стотина ијлади човечки жртви, раселување на еден милион луѓе, со окупацијата на Ирак практично е создадена независна држава на Курдите на северот, а и во остатокот од државата централната власт постои само формално, иако претходните години се одржани бројни избори кои беа прогласени за успешни од страна на окупациските сили.

Иако случувањата во Ирак со години се во сенка на војната во Сирија, од секојдневните рутински вести за бомбаши самоубијци, автомобили бомби, борби во „сунитскиот“, северен дел од земјата, беше очигледно дека состојбата во оваа земја се влошува. Во крвавата пролет 2013 година само во април животот го загубиле повеќе од 700 луѓе, главно цивили. Тогаш се зборуваше за најлошото верско насилство во Ирак од 2006 и 2007 година, кога во пресметките помеѓу сунитите и шиитите месечно гинеа повеќе од 1 000 луѓе (окупациските власти како голем успех го прогласуваа фактот дека во „подобрите“ години по 2007 година, дневно гинеле „речиси“ по 10-20 цивили). Од почетокот на оваа година, насилството беше уште поинтензивно, отколку минатата година.

Кога станува збор за сунитско-шиитската војна, би можело да се каже дека тој конфликт расте веќе со години, подгреан од многу страни кои сега се „вчудоневидени“ со она што се случува во Ирак. Во пакистанскиот дел на покраината Балучистан, жртвите на терористичките напади во последните две години се бројат во стотици, а најмногу жртви се шиити, Хазари по потекло од Авганистан; во Либан паднаа веќе неколку стотици жртви во конфликтите на противниците и следбениците на Асад, либанските сунити и шиити; заборавената револуција „арапска пролет“ во 2011 година во Бахреин, кога мнозинските шиити бараа рамноправност во ова сунитско кралство, беше загушена во крв со помош на војската на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

Сметката од Сирија

Војната во Сирија ја зголеми хистеријата на секташката омраза ширум регионот која и онака беше голема по конфликтот во Ирак, на уште поголемо ниво. Кога започна востанието против Асад во февруари 2011 година, џихадистите од Ирак масовно одеа да се борат против „неверниот“ режим кој го симболизираат алавитите, шиитска секта на која ѝ припаѓа и Асад. Инаку, џихадистичките групи се размножија во Ирак по 2003 година и падот на Садам Хусеин, кога и Ал Каеда се појави и се вкорени во оваа земја, со изговор дека го брани Ирак од „крстоносците од Западот“ и шиитите кои ја преземаа целата власт.

Во редовите на бунтовниците во Сирија се појавија „борци за вистинската вера“ од различни земји, кои го стекнувале военото искуство во Либија, Авганистан, Чеченија. Не ги криеја своите намери – создавање исламска држава, пресметка со шиитиските еретици, христијаните и сите кои го гледаат исламот поинаку од нив. И методите не им се променети во однос на Ирак, Пакистан, Авганистан, што вклучува самоубиствени и бомбашки напади со многу цивилни жртви, брутални злосторства кои ги снимаат и ги поставуваат на YouTube и социјалните мрежи.

Во моментов, поддршката на некои држави за екстремистите им се одбива од глава. Преку Турција во Сирија влегоа џихадисти од сите земји од светот, како и опрема и оружје за бунтовниците. Припадниците на IdIS го киднапираа турскиот конзул заедно со 48 луѓе вработени во турскиот конзулат во Мосул, па сега, турските медиуми и опозицијата ја обвинуваат владата на Ердоган затоа што „со турско оружје се заробени турски дипломати“. Во Турција расте и стравот од дефинитивен распад на Ирак кој би можел да ги разбранува Курдите во Труција, со кои Ердоган успеа да воспостави каков-таков компромис.

Саудиска Арабија, неофицијален спонзор на многу радикални исламистички групи ширум светот, како оние меѓу сириските бунтовници, не се огласува премногу по повод случувањата во Ирак. Легендарниот дописник од Блискиот исток Роберт Фиск цинично ја опиша ситуацијата во Ирак како најнов придонес на Саудиска Арабија за светската историја, по Саудиецот Осама бин Ладен, петнаесеттемина самоубијци (од Саудиска Арабија) кои на 11 септември 2001 година ги нападнаа Соединетите Американски Држави и талибанците. Фиск не ги спомена талибанците случајно. Кога 1994 година се појавија во Авганистан кој беше разурнат од граѓанската војна, во својот поход ги уништија сите дотогашни господари на војната и воспоставија држава чија драконска верзија на исламот имаше најмногу сличности со саудискиот вахабизам, ги тероризираа шиитите, неистомислениците и сите кои имале каква било врска со претходните влади. Сличностите со IdIS и неговиот поход во Ирак се очигледни. Талибанците беа оружје во рацете на соседен Пакистан, но имаа голема поддршка и од Саудиска Арабија, сè додека не одбија да им го испорачаат својот гостин Осама бин Ладен на Американците 1998 година. Поддршката на Саудијците за противниците на Асад во Сирија и екстремистичките групи во Ирак може да се објасни со желбата да се сузбие влијанието на Иран за кршењето на „шиитската оска“ која е составена од либанскиот Хезболах, алавитите во Сирија, владата на Малики во Ирак и Иран.

Плодовите на гневот

По окупацијата во Ирак, САД и Велика Британија распуштија дел од армијата, полицијата, службите за безбедност и партијата на Садам Хусеин. Без работа останаа стотици илјади следбеници на Хусеин, замавот на сунитите им направи пат на обвиненијата дека шиитите ја преземале целата власт, се ширеа секташка омраза и класни конфликти. Најголем дел од својата војска, Американците ја повлекоа од Ирак 2011 година и им ја „препуштија иднината на Ирак на Ирачаните“. Зад нив земјата остана поделена и уништена, со уништена инфраструктура, многу бегалци, очајни и сиромашни луѓе, слаба војска и полиција, ужасна корупција, идеално тло за понатамошно ширење секаков вид екстремизам. Да се зборува дека „секташтвото на ирачката влада, која не успеа да ги искористи парите од продажбата на нафтата за да ја обнови земјата, е главен виновник за ширење на кризата“, како што тврди поранешниот британски премиер Тони Блер, но и други официјални западни лица, е повеќе од лицемерно. Барем тие знаеја со кого си имаа работа и кого поддржуваа во Ирак.

Тарик Азиз, поранешен ирачки министер за надворешни работи во времето на владеењето на Садам Хусеин, критикувајќи го американскиот претседател Барак Обама заради повлекување на трупите од Ирак, рече дека Обама „им ја остава земјата на волците“. Ирачките безбедносни сили кои беа обучени од страна на Америнакците, на хартија се далеку побројни од 15 000 исламистички борци, колку што се тврди дека има во Ирак, но тие не се мотивирани, а тоа се покажа и во претходните денови.

И покрај тоа, освојувањето на Багдад и создавањето голема исламска држава, како што најавуваат екстремистите, не делуваат реално. Талибанскиот исламски емират во Авганистан се создаде со помош на Пакистан, Саудиска Арабија и премолчената согласност на Америка, а џихадистите во Ирак сега немаат единствена подршка за такво нешто. Светските и регионалните сили премногу се возбудија заради нивното напредување. Освен тоа, ни радикалните исламисти не се единствени, во Сирија, IdIS и Ал Нусра се во конфликт веќе со месеци, заедничката идеологија не е гаранција за долготрајно заедничко дејствување, особено кога со идеологијата се испреплетени ограбувачки и криминални мотиви.

Меѓутоа, долготрајната нестабилност на регионот и продолжувањето на крвавите конфликти, особено секташките, делуваат како извесна иднина. Злобните духови се пуштени од шишето, а либискиот премиер зборува за тоа колку е тешко да се вратат назад. Екстремистите во таа земја одамна ја изгубија странската поддршка што ја имаа за време на војувањето против Гадафи, па повторно никој не може да ги заузда веќе три години. Мирот во Сирија и Ирак не може да се види, а целиот регион трепери од страв заради она што се случува во тие држави.

Стравуваат и оние кои успеаја да отидат далеку. Ахмед Н. сега е со сопругата и децата во Монтреал, пред три месеци, по десетгодишно чекање, успеаја да добијат документи за Канада. „Тука ни е супер, но не можеш да побегнеш од Ирак“, вели тој. „Двете сестри со семејствата сè уште се во Багдад“.

19.06.2014

Извор: http://www.vreme.com/

 

ОкоБоли главаВицФото