Милчин: Власта сака да биде и Давид и Голијат во исто време

11.07.2014 13:36
Милчин: Власта сака да биде и Давид и Голијат во исто време

Извршниот директор на Фондацијата Отворено општество Македонија, во интервју за „Цивил“ говори за изборниот систем, состојбата на демократијата и медиумите, за меѓуетничките тензии и решенијата на проблемите, за хајката која власта ја води против него преку институциите и медиумите.

Тој вели дека ако се направи систематски преглед на македонскиот изборен систем, ќе се констатира една работа, дека вусшност тој систем е сега така склопен што практично ние немаме македонски изборен систем или изборен систем во Македонија, туку имаме систем во кој никако не може да се случи да имаме друг победник освен ВМРО-ДПМНЕ.

- Затоа јас пред два дена во статусот ја нареков Македонија земја Вмровија. Тој систем е така направен, таква комбинација на инструменти и механизми, од поткуп до закана и уцена, што секои избори, редовни или вонредни, всушност служат за тоа да ја потврдат доминацијата на ВМРО-ДПМНЕ, и не само тоа, туку и да ја понижат опозицијата, без разлика дали е партиска или непартиска. Така што мислам дека ние апсолутно можеме да договориме за неслободна демократија. Тоа е она што го имаме во Македонија сега - посочува Милчин.

Тој додава дека не е сигурен дека Илија Димовски си заминал од Центарот за комуникации на владејачката партија.

- Тој можеби формално заминал, меѓутоа не гледам некоја кардинална разлика во нападите, освен тоа што нападите сѐ повеќе личат на дискредитирање на една основа која веќе добива димензии на некаква тајна полициска операција. Ова потсетува, на пример, на времињата во Чехословачка во времето на Повелбата 77, приказната за тајната средба е индикативна во таа смисла. Тајна средба немало, тие тврдат дека имало, ставаат заедно на купче луѓе кои не биле на купче, едниот од учесниците не го соопштуваат, а не кажуваат ни каде се случила ни кога се случила таа божем „тајна средба“, а им сугерираат на граѓаните што на оваа непостоечка тајна средба се договарало, и се разбира, според нив тоа што таму се договарало е еден антидржавен договор. Така што може единствено да се претпостави дека тоа е еден тим кој практично смислува вакви неверојатни приказни, кои во една атмосфера на несигурност, загрозеност, сиромаштија, страв можат дури и да поминат кај некои луѓе како нешто што е уверливо. Значи во случајот, ова што сега се случува, го надминува дури и нивото на производство на внатрешни непријатели кои наводно работат за некакви надворешни интереси - истакнува Милчин.

Запрашан дали е загрижен за неговата и за безбедноста на неговото семејство тој вели:

- Во вакви ситуации се разбира би било глупаво човек да не се плаши по малку. Меѓутоа, стравот е нешто што може да парализира, и целиот проблем е кога живеете во една ваква ситуација како тој страв да го совладате, за да не ве блокира, да не ве пасивизира, да не ве замрзне. Тука не помага стратегијата на нојот, пикање глава в песок. Напротив, мислам дека единствен начин на спротивставување на тој страв, и тоа чувство дека можеби и физичката безбедност ми е загрозена, на тоа можете да му се спротивставите само така што колку што ќе можете гласно ќе укажувате на влошувањето на ситуациите. Инаку и порано сме имале ситуации кога имало директни закани на различни начини, преку мејл, преку довикување на улица, преку смс, чудни телефони, тоа го имало. Знаете дека еднаш во еден процес кој го имавме 12-13 граѓани на Македонија, поврзано со тоа, тоа беше отпишано од судијката без проблем. Едноставно тие за тоа не разговараат, тоа не ги интересира. Јас мислам дека нив ниту леш на улица нема да ги заинтересира. Но тоа е нешто против што мора да се бориме - истакнува Милчин.

Милчин вели дека власта би имала голем проблем да најде покритие за да го уапси.

- Инаку, ако се убедени, зошто да не го направат тоа? Што може ФООМ да направи со буџет кој е една третина од панорамското тркало? Моето прашање е точно во тоа. Тоа со што ФООМ делумно помага на два медиуми на албански и пет медиуми на македонски е трошка. Меѓутоа има една работа, таа трошка изгледа ѝ пречи на врхушката во владејачката партија пречи колку што може да пречи кога нешто ќе ни влезе во око па не можеме да го исчепкаме, а потоа доведува и до солзи. Мислам дека нашава власт е Голијат според моќта што ја има. Контролира извршна власт, законодавна власт, судство, доминира надмоќно во медиумскиот простор, да не говорам за финансиската надмоќ визави сѐ друго во општетсвото. Нашата извршна власт е многу побогата од целиот бизнис сектор, крупен, среден, ситен итн. Тука нема споредби, но многу интересно е дека тој Голијат од нашава власт многу сака да се прикажува и како Давид. Сака да биде и Голијат и Давид едновремено. И затоа мислам дека нему кој било друг кој му се појавува во улога на Давид и го предизвикува, му пречи, ама многу, безгранично. Многу е убаво и многу е лагодно да се биде и Голијат и Давид. За да се биде и Голијат и Давид, другите Давиди треба да исчезнат, да ги нема - вели Милчин.

Тој додава дека институциите на државата треба да престанат да ги уриваат мостовите на соживотот.

- Односно, кога ќе урнат мостови потоа да не се прават недоветни, а се прават недоветни. Погледнете, гледам дека некои се обвинувани за поттикнувачи, поддржувачи, еве како на пример јас, некои се прозивани зошто молчат како на пример СДСМ, никому не му текнува во оваа медимска империја на Голијатот да праша: Абе, претседателот, нели имавме, избравме, ние го доведовме, беше наш кандидат, ние му ја обезбедивме победата, што прави тој? Тој не гледа?! Значи кога ќе дојде работата до точка на вриење, потоа еден дел од нив или ги нема во државата, како премиерот, или ги има во државата ама се невидливи и нечујни, како претседателот Иванов. Мислам дека не очекувам многу од нив, во смисла дека тие ќе направат нешто за да спречат меѓуетнички конфликти. Што можат граѓаните? Мислам дека никој во државата не знае што можат граѓаните, бидејќи досега граѓаните главно веруваа дека сепак државата, односно политичките фактори-партиите, ќе се погрижат за тоа. Сега читав една анкета во која на прашање „Кој друг може да придонесе за намалување на етничките конфликти?“ се споменуваат верските заедници, па се споменуваат меѓународните организации и дипломатите, потоа доаѓаат невладините организации со доста висок процент, 15% од испитаниците. Тоа нешто кажува. Тоа кажува дека граѓаните не се слепи за тоа што се обидуваат невладините организации да го направат токму во градењето мостови. Меѓутоа граѓаните, што се разбира е многу пошироко од невладиниот сектор, мислам дека сѐ уште мислат дека друг ќе ја реши работата. Како што и се случувало и порано, нели, работите се смирувале, тензиите се смирувале по интервенција политичко-дипломатска однадвор, по видлива или поневидлива. Мислам дека и граѓаните треба допрва да осознаат, дека можат да кажат „да“ или „не“, дека мора да кажат јасно и гласно дека ова што се случува не смее да продолжи! Патем речено, овој пат не ни се меѓуетничките тензии во време на предизборна кампања и на денови на гласање, сега тоа е зад нас. Имаме друго нешто, имаме ситуација во која опозицијата одлучи да не влезе во Собрание, не сака да даде легитимитет на исходот од нефер, неслободни и недемократски избори. Тоа е ново. Второ, тоа што е ново е дека економската ситуација, без оглед на целата пропаганда со која нѐ опсипуваат, не е блескава, напротив, станува од лоша полоша. Политичките партии, некои, се толку осоколени во својата самобендисаност, во уживање во моќта што воопшто не кријат дека се корумпирани, никому не даваат отчет итн. Јас мислам дека затоа ним им одговараат во основа ваквите ситуации во кои се свртува вниманието и повторно луѓето се тераат назад во своите огради. Во оградите во кои е полесно да ги контролираат. Очигледно се многу загрижени за тоа да не се случи солидарност која ќе ги пречекори етничките граници - објаснува Милчин.

Запрашан дали ќе има војна во Македонија Милчин вели:

- Војната не мора да биде директно врзана со тоа дали ним ќе им избега контролата од раце. Јас пред воопшто да размислувам дали ќе има војна во Македонија посакувам да размислувам што можеме да направиме за тоа да спречиме да се случи некаков вооружен судир. Мојата загриженост е врзана со тоа дека во вакви масовни протести, какви што ги видовме, е многу лесна инфилтрација на провокатори. Ако некој посака, без оглед дали е од внатре или е од надвор, да направи поголем или помал пожар, тоа може многу лесно да го направи. Видовме на снимки многу чудни ситуации, исти луѓе фрлаат камења од едната и од другата страна, а кој знае колку има што не се регистрирани. Не исклучувам дека може да се случат ситуации во кои ќе има екстремни испади во насилна смисла. И тоа мислам повеќе намерни отколку ненамерни. Затоа прашањето кое е сега клучно е: кој всушност ги менаџира протестите? Знаете како, ние влегуваме во една критична фаза кога веќе вчера видовме на интернет најава за контра протести. Прашањето е ова, ако говориме за власта: Дали Али Ахмети ги контролира протестите? Може ли да ги контролира? Тука имам голем прашалник. Контра прашањето е: Дали Груевски ги контролира контра протестите? Тука имам помалку прашалници - вели Милчин.

Извор: Цивил / Плусинфо
Слики: Свирачиња