Пешаците го поздравија поскапувањето на патарините

12.07.2014 10:43
Пешаците го поздравија поскапувањето на патарините

Скопје, 12 јули 2014

Веста за поскапувањето на патарините ги израдува македонските граѓани чие единствено превозно средство се нивните нозе, а оваа вест ја поздравија и оние што воопшто не патуваат.

Граѓаните кои строго се дефинират како пешаци сметаат дека е добро што поскапуваат работи кои не ги засегаат и сметаат дека е заслуга на владата тоа што голем дел од народот не трпи последици од зголемувањето на цените.

„Неодамна поскапеа и струјата, бензинот, кавијарот, златните рачни часовници и шампањското, но тоа не а важно, затоа што струјата одамна ми е исклучена, превозно средство ми се нозете, се хранам исклучиво со леб и вода, а за луксузирање со некакви часовници не ни помислувам“, вели задоволниот граѓанин Трајко Гревчев (58).

Неговиот сосед Павле Сиротковски (73), кој инаку е страсен пешак-рекреативец, очекува поскапувањето на патарините да влијае позитивно врз здравјето на македонските граѓани, кои почесто ќе патуваат пеш наместо со автомобил.

„Народот ќе биде поздрав, а штом ќе има повеќе пешаци, ќе има и кој да ми прави друштво“, радосно објаснува Сиротковски, нагласувајќи ја важноста на скапите патарини за социјалниот живот во Македонија.

И вработените во патарина се радуваат на новиот ценовник, бидејќи тој им овозможува повисока - како што ја нарекуваат - алтернативна заработка.

„Не е исто пола-пола од 50 и од 100 денари“, рече нашиот соговорник вработен во патарина кој, разбирливо, сакаше да остане анонимен.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека поскапувањето на патарините е ситница, а владата е фокусирана на поважни прашања, како што е изготвување на проект за развој на вселенскиот туризам, кој како релативно нова гранка ќе се развива во светот и во Македонија за околу 530 години.

Слика: Свирачиња