Божицата за хибридниот фудбал

14.07.2014 10:48
Божицата за хибридниот фудбал

Ете нè каде што моравме да бидеме. Ова финале не беше зацртан праволиниски пат од точка А во која судијата свири за почеток на натпреварот, до точка Б во која го гледаме Филип Лам со Божицата во рацете, прва која оди во обединета Германија. Не, повеќе личеше на слалом, но репризата од финалето од 1990 донесе и репризен исход, бразилската спарнина, после сечењето на фаворитите во групната рунда, не успеа да ни приреди уште едно изненадување. Би било премногу. Следните денови суперлативите ќе ги полнат насловните страници на весниците, и на вообичаено трезвените Германци сега им е дозволено да претеруваат. Ајде да зборуваме за фудбал пред еуфоријата.

Активно чекање

Што ја разликуваше оваа германска победа од преходните (три, ако ги сметаме и европските првенства) шпански титули? Да речеме, тоа што поседот на топката ги интересира Германците само како средство, никако како цел на играта. Кога тимот на Лев ја имаше топката, тука секогаш имаше и идеја. Кога противникот ја имаше топката, тоа главно беше ѕид, одбрана со барем три природни центархалфи, поради кои го исмеваа Лев. Сепак, тој успеа да направи дефанзива од која, без да се задржува топката, изникнува контра - нешто што Германците порано го немаа. На тоа дојде речиси двоцифрениот број голови од прекини. Да навалат на противничкиот гол бркајќи резултат по секоја цена - не мораа ниту еднаш. Не знам како би се снашле во таа хипотетичка ситуација, ниеден противник не успеа да ги принуди да се снаоѓаат, освен донекаде Гана. А тогаш, по навика, се снајде Клосе.

Елф делуваше како интелигентна машина која дури да трепнеш ги детектира слабостите на противникот и немилосрдно ги користи. Тие активно ја чекаа својата шанса и секогаш ја добиваа - бидејќи Португалија играше како разуздана гусарска банда, бидејќи Гана мораше, бидејќи Американците не знаеја да ја нападнат организираната одбрана, бидејќи Алжир не успеа да даде гол кога требаше, бидејќи Бразилците сакаа да го усреќат народот па тргнаа стихијно како да играат против Јавор од Ивањица - иако не е исклучено такви да ги победеше и Јавор, сепак тоа е стабилен српски прволигаш.

И, на крајот, аргентинската дисциплина не го искористи сето она што го изроди. Повремените блесоци на чудотворството на Меси беа доволни за влез во финале, но таму дури ни најдобриот меч на Аргентина не беше доволен да се победи Германија.

Мора да се зборува за нешто

Хрониката на оваа титула воедно е и хроника на дебатата полна со загриженост, единствениот национален спорт кој може да се мери со фудбалот. Дебатата повремено прераснуваше во вистинска вербална паника, на пример, кога во подготвителниот натпревар Чиле ја демонтираше Германија, која, патем, победи со 1:0. Или кога со Камерун играа само 2:2. Особено кога во генералната проба ја победија велесилата Ерменија со 6:1, но го изгубија Марко Ројс, човекот во најдобра форма кој му даваше такт на нападот.

Медиумите и она што го нарекуваме фудбалска јавност веќе подготвија бланко отказ за Јоаким Лев. Кој ги читал тогаш написите во печатот, би помислил дека германскиот тим некаде кон крајот на јуни ќе слета во Франкфурт.

Следната тема беше Филип Лам. Што бара тој во редот за врска? Лев во неделникот Цајт по победата над Алжир рече дека до крајот ќе го чува Лам на таа позиција која за него ја смислил Пеп Гвардиола. Секако дека тоа беше патка, Лам уште против Французите играше како бек. Потоа се пишуваше за Месут Озил - зошто тој воопшто уште игра фудбал, безмалку пишуваа коментаторите во печатот. Потоа ги загрижуваше тоа што Мануел Ноер против Алжир 21 пат истрчал надвор од шеснаесетникот. Ризично е. Каде е одбраната? Критиките на тој натпревар толку му одеа на нерви на Пер Мертезакер што луто му се обрати на еден репортер: „Какви ви се тие глупави прашања?“

Некои на сила се обидоа да останат трезвени и после полуфиналето. Додека целиот свет ги триеше очите во неверување, гледајќи го бројот 7 во левиот горен агол на екранот, оние највнимателните Германци не дозволија да бидат маѓепсани - сега си го натоваривме бремето на фаворити, пишуваа. Ќе полетаме, прогнозираа. Можеби пропуштија да ја забележат одлучувачката разлика: додека уплаканите Бразилци му се извинуваа на својот народ - како да се тие виновни што половина земја тоне во сиромаштија, што нема училишта, болници и градски превоз - германските фудбалери се радуваа воздржано, знаејќи дека финалето сепак почнува од 0:0. Ако изгубеа тогаш, никој немаше да му се извинува на германскиот народ. Германците знаат дека тоа е само игра, добро платено играње со топка - затоа и можеа така да ја демонтираат растроената домашна екипа.

Во меѓувреме, стигнаа да се запрашаат и за својот патриотизам. Дали тоа што сè е закитено со знамиња и што викаме Sieg, Sieg, е можеби непримерно? Ние сме, сепак, Германци, со историја што не можеме да ја промениме. Да не е ова симптом на расизам? Нам, на ауслендерите, тоа ни беше смешна дилема. Знамињата и пивото симбол на национализам? Навивањето за тимот во кој играат двајца етнички Полјаци, по еден Турчин, полутунижанец, Албанец родум од Македонија и црнец и каде тоа мултикултурно шаренило повеќе не е ни новост? Мене тоа попрво ми личеше на карневал, шарен панаѓур пред големите екрани на кои се прикажува фудбал. И единствена деловна можност за кафанџиите.

И што сега?

Што се однесува до фудбалот, тика-така официјално е мртва, погребана покрај италијанското чекање, тоталниот фудбал (од кој Холанѓаните под Ван Гал кренаа раце), грчкиот бункер и бразилското умирање во убавина. Титулата е кај оние кои знаеја од сите системи да го земат само најефикасното, она што води до победа. За среќа на сите нас кои го сакаме фудбалот, хибридот кој го играа Германците не е ни досаден, ни брутален, ни грд. Играта неминовно се развива во правец на компјутерски прецизно спроведување на тактиката, безмалку шаховски - добро е што потоа победува ваква допадлива варијанта на тој модерен фудбал. И уште нешто: формата (тактиката) мора да биде исполнета со содржина (со играчи кои можат да играат во системот). Таква содржина, секако, се најдобриот голман на светот Ноер, командантот на одбраната Хумелс, капитенот со чудовишна фудбалска интелигенција Лам, најкомплетниот играч за врска Крос или секогаш гладниот Милер.

Што се однесува до граѓаните на Германија, следниве недели ќе бидат уште пољубезни од обично, очекувам во продавниците, поштите и трамваите да слушнам рекорден број на bitte и danke. Тоа е неусилена детска радост. Како што пред почетокот на првенството забележа колумнистот на берлински Моргенпост: „На Германија не и’ треба титула за да верува во себе, не и’ треба златниот пехар за да ја обедини нацијата како што беше во 1990. Германија е самоуверена земја која во најголема мера добро функционира и на која фудбалските успеси не и’ требаат како катализатор - како што му требаат на Бразил. На Германија и’ треба екипа која дава сè од себе, игра добар фудбал и негува вредности како фер-плеј и тимски дух. Тим со кој земјата може да се идентификува.“

Германците добија таков тим.

Дали е доста?

Море, како доста, па за само две години доаѓа европското првенство! А потоа повторно светско.

Може и поинаку да се напише: во 1954 се случило чудо во Берн, Германија во финалето ја добила Унгарија од која во групата примиле осум голови. Се славело и пиело, а во тоа славје предничел голгетерот Ханс Шефер. Легендарниот тренер Сеп Хербергер, најголемиот фудбалски филозоф во историјата, само рекол: „Ханс, немојте да пиете толку. За осум недели имаме важен натпревар во Брисел.“

Извор: Deutsche Welle