Скопје е втор најзагаден град во Европа

14.07.2014 11:43
Скопје е втор најзагаден град во Европа

Скопје е втор најзагаден град во Европа. На ранг листата на магазинот „Технолоџист“ објавена неодамна, нашиот главен град се најде во самиот врв, веднаш зад Сараево, кој се води како најзагаден град во Европа со индекс на загаденост на воздухот од 117. Скопје има индекс на загаденост 80. Зад нас се Софија со индекс 68, Истанбул со 59 и Никозија со индекс на загаденост 53.

На прво место во светот според загадениот воздух е иранскиот град Аваз.

Пред извесно време Институтот за јавно здравје изготви една Студија која покажа дека просечната годишна концентрација на честичките прашина ПМ10 во Скопје изнесува 64 микрограми на кубен метар. Пресметките велат дека доколку концентрациите се намалат за 5 микрограми, тогаш би се избегнале 13 смртни случаи, додека ако намалувањето е за 20 микрограми, ќе се избегнат дури 117 смртни случаи и 420 заболувања.

Според неодамнешната анализа на Светска банка, пак, во Македонија годишно умираат по 1.350 луѓе како резултат на загадувањето на воздухот со ситните честички (ПМ10). Ако се намали загадувањето до препорачаните граничните вредности на ЕУ, би се избегнале над 800 смртни случаи. Анализата покажа дека загадувањето на воздухот ја чини економијата 253 милиони евра годишно, или 3,2 проценти од БДП.

Извор: Утрински весник