Финале

14.07.2014 11:02
Финале

Веројатно има и такви на кои им се допадна финалниот натпревар на Светското фудбалско првенство во Бразил меѓу Германија и Аргентина, како што ги има и оние на кои не им се допадна. Но, една констатација е неприкосновена – финалето беше неизвесно до самиот крај, како што и доликува на една манифестација од типот на бразилскиот Мундијал.

А тоа е така затоа што финале и не значи ништо друго, туку расплет, завршница, крај... „Финале“ е интернационализам, дојден од италијанскиот јазик, каде што пак е позајмен од латинската придавка „finalis, finale“, која пак во коренот ја има латинската именка „финис“, што истовремено значи и „крај“ и „цел“, но и „меѓа“. Во современиот јазик од овој корен доаѓаат зборовите со слично значење: „финиш“, „дефинитивен“..., но и „фин“, „финеса“, „префинет“, „рафиниран“, „рафинерија“... Според некои толкувања латинскиот „finis“ има потекло од индоевропскиот поим „bhei-ni-s“, односно „bhi-ni-s“, од коренот „bhei“ со значење „удира“. Оттука доаѓаат „бие“, „убие“, но и „да се биде“.

Финале се употребува во музиката и означува завршен став и крајот на завршниот став во некое инструментално дело (соната, симфонија, концерт...) или завршна нумера или завршна слика на поединечен чин во опера. Во останатите области неговата употреба се врзува за натпреварување. Финална вечер на Песната на Евровизија, на пример.

Сепак кога во Македонија ќе се спомене зборот „финале“ речиси исклучиво се мисли на спорт и го означува решавачкиот, завршен натпревар меѓу две екипи или меѓу поединци во елиминаторските натпреварувања. Овие спортски натпревари по дефиниција предизвикуваат возбудување, слично на коцкарското, при што, кога е резултатот неизвесен, има засилено лачење адреналин, а кога тимот за кого се навива победува, тогаш засилено се лачи серотонин. Се разбира, во случај вашата екипа да губи, не се ретки и манифестации на агресивни изливи на бес. За среќа, на глобално ниво има сè помалку вакви ексцеси, па сме сведоци дека спортот, заедно со финалињата, се претвора во она што би требало да биде – семеен празник за забава.

Агресивни навивачи уште има во спортски неизживеаните земји, во кои, јасно, спаѓа и Македонија. И во теоријата и во практиката се смета дека овие групи се лесно подложни на (дневно)политичка манипулација и дека нивната агресија се (зло)употребува за остварување на најразлични, најчесто матни цели. Во Македонија, се добива таков впечаток, има повеќе навивачки групи, отколку што има гледачи на натпреварите, а нивните меѓусебни пресметки најчесто не се од спортски, туку од политички, односно меѓунациоанлни мотиви. Затоа тука зборот „финале“ неретко добива и сосема накарадно значење: Се очекува финалето во „виралниот“ македонски меѓунационален натпревар, на пример.