Господин Миро

14.07.2014 15:19
Господин Миро

Мирослав Клосе го прослави влегувањето во 37-та година од животот со изедначување со рекордот на Роналдо, а потоа и со поставување на свој голгетерски рекорд на светските првенства и сега е на врвот на вечната листа со 16 голови, пред споменатиот претходник, а потоа пред Герд Милер, Жуст Фонтен и Пеле.

Клосе одамна „влезе во историјата“, но не онаа која ги велича фудбалерите-производи и продавачите

Како што гласи фразата, Клосе во Бразил наводно „влезе во историјата“, но за љубителите на фудбалот, а посебно за потписникот на текстот, тој се наоѓа таму веќе некое време. Зашто, за фудбалерот да биде голем, не е доволно само да дава голови, да носи кул фризура и да потпишува рекордни договори, туку и да го има она нешто.

Клосе од масата пребогати, сурови и глупави егоманијаци со кои изобилува врвниот фудбал, а посебно неговата највисока каста, кастата на напаѓачите, се разликува не само по долгото траење на големата сцена, туку и по скромноста, посветеноста на семејството, фер-плејот и меѓунационалната толеранција во средините каде таквото нешто е повеќе од потребно.

Дете од крвавата граница на кое му ги броеле крвните зрнца

Животната приказна на Клосе уште од почеокот е филмски материјал; роден е во Шлезија, регион кој пред војната бил составен дел од Германија, но по втората светска војна е доделен на Полска на штетата на скршениот Рајх на Хитлер и како компензација за источните делови од земјата одземени од Полска и предадени на СССР.

Дете е на Полјачката Барбара Јеж, која на 80 натпревари го чувала голот на ракометната репрезентација на својата земја и шлескиот Германец Јозеф Клосе, инаку професионален фудбалер и еден од ретките Германци чиешто семејство по војната останало во делот од земјата кој и’ припаднал на Полска, или подобро речено, ја преживеало одмаздата на Полјаците за незамисливите злосторства кои Германците ги извршиле над нив шест години за време на големата војна и „хуманото преселување“ во мир.

Растејќи во опкружување кое дури и за нашите простори е обременето со најтешко историско наследство и висока меѓунационална напнатост (всушност, омраза) и тоа како дете од мешан брак, Клосе од најрана возраст научил колку е важна трпеливоста и толеранцијата. Таткото, кој играл во француските нисколигаши за да го издржува семејството, практично не го ни видел до осмата година, кога Јозеф постариот, како етнички Германец од земјите од источниот блок, добил дозвола заедно со семејството да се насели во матицата.

Како момче воопшто не зборувал германски, 15 години подоцна станува германски симбол

По доаѓањето во Кусел, на самиот запад на Западна Германија, Клосе, како што и самиот признава, знаел два збора на германски.

Деценија и пол подоцна, Руди Фелер овој полски Германец и германски Полјак го сместува во репрезентацијата во квалификациите за СП 2002, а по влегувањето од клупа против Албанија и Грција ги постигнува победничките голови на двата натпревара. Така си обезбеди место на поширокиот список за првенството, а со двата хет-трика и подготвителните натпревари против Австрија и Израел и место во нападот на Елф во Јапонија и Јужна Кореја. Сè потоа, како што знаете, е историја.

Клупскиот подем исто така одел „по пе-ес“; од нисколигашот Хомбург, паднатиот великан Кајзерслаутерн, потоа Вердер, каде првпат игра на високо ниво и во успешен клуб, а на највисоко ниво доаѓа во Баерн, но малку предоцна, на 29 години. Како и толку великани пред и по него, Баерн студено го пушти по четири години, а последните две и пол сезони во Лацио, каде и покрај бројните и тешки повреди, во ветеранска доба и со цврстите одбрани, постигна 40 голови.

Фашистичките шминкери му се умилкуваат на човекот на кого нацизмот му ја уништи татковината

Уживањето во Рим и есента на богатата кариера му ја расипаа неофашистичките шминкери, навивачите на Лацио, кои во есента 2011 година неговиот победнички гол во римското дерби го прославија со развивање на знамето „Klose mit uns“, на кое буквata „s“ беше напишана во рунски стил, онака како што се означувале единиците на злогласниот и злосторнички SS.

Клосе им одржа предавање за тоа што и кои биле оние кои лацијалите ги слават додворувајќи му се и објасни дека тие посрамотиле една од неговите две две татковини, а во другата убивале и мачеле, и дека не сака да има никаква врска со нив.

Полски Германец, Европеец, католик...

По врската со Полјачката Силвија, основаше семејство и има два сина. Во домот зборуваат полски, но децата одат во германска градинка. Освен како практичен и посветен католик, Клосе се изјаснува и се смета за Европеец.

Сето тоа е Мирослав Клосе, но пред и над сè, Голем Спортист.

Извор: index.hr