1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 03:59
КАКОВ ЦРТЕЖ
Зоран е цртач,
прекрасно црта
од сè по нешто:
желки со чевли,
јаре со самар
и слон што игра
по жица вешто.
На овој цртеж
што сè ли нема:
џипови, коли,
мориња сини
и брод што плови
само по шини.
Можеш да видиш
за мачки плажа.
Секаква птица
со опаш скинат —
чека в гаража.
Кај да се свртиш
сè живо лази,
да нема човек
каде да згази.
Сè му е добро,
сè му е красно,
сал едно нешто
не ми е јасно:
Кучето свое,
кучето Ачи,
зошто го нацртал,
зошто го качил,
еј, таму горе —
високо в крај,
сонцето кај што
трепка во сјај!?
— Ех, така — вели
и чешка нос:
Да не го згази
џип или воз.
ЧУДЕН КАМИОН
Денеска Зоран
нов цртеж еве
ставил в соба на ѕид:
камион голем
што може лесно
да мине планина, рид.
Цртежот често
го земам кришум,
го вртам згора и здола,
но само не знам
тркала зошто
има од волска кола?
А Зоран вели:
— Да врви кроце
крај било која школа.
Да врви кроце
и да пази:
може некое дете да згази!
ЖЕЛБИ
Зоранчо денес прозорци црта,
од секоја куќа по еден зел,
па грижно, грижно од својта желба
на секој става по еден дел:
На оној кај што бабичка седи,
Зоран и нацртал малечко дете
за да има со кого ноќе
приказни топли долго да плете.
На друг пак ставил шарена птица,
птица што има семоќни крила,
на она мало девојче болно
да му донесе здравје и сила.
А пак на оној свирач без нога
што поглед има кроток и убав,
Зоран му нацртал прекрасно цвеќе
за да ја закити својата труба.
НЕ Е ХИГИЕНСКИ
Грицкал Ранко пред куќата
едно парче леб,
гризнал малку, а другото
го засолнил в џеб.
Но парчето паднало
под багремот крив,
а кон него итро летнал
мачорокот сив.
Шеткал, врткал крај лепчето
и се пикал в сенки.
— Нејќам да го јадам, рекол,
не е хигиенски!
КРАДЕЦ
Низ двор трча бабичка
зад грб метла крие,
мачорокот Спанко
сака да го бие.
— Пист, крадачу бесрамен!
Каков е тој ред?!
Имав осум рипчиња
а сега се пет!
МИШО И НЕГОВИОТ АПЕТИТ
Мишо е голем и познат лапач.
Секогаш по нешто грицка и мели:
јаболка, круши, ореви, сливи
и полно ќесе карамели.
А кога ќе седне млеко да јаде,
никогаш не е сит!
Би рекол човек: Мишо е јадач
поголем и од кит.
Без престн само срка и лока
и збивта како воз,
додека не му падне в канче
малечкиот нос.
И тогаш баба полека, кроткум
в скут ќе го земе:
— Милоше, Мишо, за спиење, чинам,
веќе е време.
ДАЛИ ДРВЈАТА СПИЈАТ
Кога зад ридот сонцето уморно
ќе ја потпе сонливо својата глава
и кога децата навечер в креветот ќе се свијат
и секое во сонот на ѕвезда јава —
дали тогаш, хм, дали тогаш
и дрвјата спијат?
Не. Не. Тврдам и велам.
А еве зошто:
пред сто, двесте или триста века
(не можам точно да кажам)
луѓето велат: секое дрво
добило тогаш строга задача:
ноќе да чува стража.
Да чува и да пази:
кој и зошто низ шумата лази.
Да води сметка:
секоја птица грабливка, песнарка или било која
дали се прибрала и дали навреме
ја нашла куќата своја.
А потоа: сите ѕверишта шумски
што не знаат за сон ни за доцно време
треба да ги следи,
па ако некој некого го зграби и земе
та му изгризе уши, нозе или за врат го дави —
секое дрво должно е веднаш
на судот шумски да јави.
А покрај тоа:
секоја рекичка, поточе или извор
што ноќе тихо шушурка, тече,
ако во мракот патот го згреши
и негде настрана пројури, летне —
треба да го запре и да му рече:
„Внимавај! Внимавај, кај ти е патот,
и поздрави надолу сè што ќе сретнеш.“
Но дрво како дрво,
понекогаш сака да здремне
кога во ноќта сè ќе се стиша.
Но, тогаш ветрето тихо
в гранките ќе му влета —
и ќе го сниша.
ТРУБАЧОТ РАНКО
Во зимно време додека надвор
ветерче снежно бездомно вие,
в собичка кај нас тих спокој цари
па секој долго спие ли, спие.
Најпрво Ранко од кревет рипа,
ја зема кришум трубата своја
и брза, брза за да го скорне
малото братче Стојан.
Писнува остро и кусо: Ту-ту!
Станувај Стојане, не биди глув!
Потоа оди кај оној кревет
каде што мама спие,
свирнува кроце, полека, тихо:
„Станувај мамо, чај ми се пие!“
Но кога Ранко баба ја буди
по цел час пишти трубата пуста:
„Ту-ту-ту-ту, дува и свири
додека не го заболи уста.
Татка си шофер најлесно Ранко
го буди рано в зори:
„Ту-ту, ту-ту, станувај тате —
куќата гори!“
ЛИЦЕТО ОД МАРТА
Кога јаде мармалад
малечката Марта
сето лице е шарено
ко некоја карта.
Тато ѝ дава огледало в рака
и ѝ вели:
„Погледни Марто,
погледни злато,
сите места на картата
ги познава твојот тато:
Тоа под носот ти е уста
што личи на... базен,
во својте длабини може да голтне
три оки пекмез на ден.
Едниот образ е, парче од глобус
и другиот таков е, нели...?
А на нив има предели разни:
црни и бели.
А меѓу нив што ли е тоа?
На што ли личи тој црв?
Аха, тоа е носето твое
шилесто како планински врв!
ПРВИ ЧЕКОРИ
Денеска Горан
роден ден слави
и први чекори
низ дворот прави.
Но пусти сламки
препки му стават
па кутри Горан
паѓа на глава.
Но кришум, кришум
добрите мравки
ги збраа сите
сламки и травки.
Се впушти Горан
да скине цвеќе,
а некој викна:
— Не паѓа веќе!
Сродна статија: Шарено огледало
Извор: Шарени песни, 1959 година, „Култура“, Скопје
Слики: Димитар Кондовски