1010 hPa
45 %
27 °C
Скопје - Пет, 04.10.2024 12:59
Апсењето на новинарот на весникот Лајм, Бесим Ибрахими, за време на протестите во Скопје е значајно на неколку нивоа. Од практична гледна точка случајот еднаш засекогаш ѝ стави крај на долгогодишната пракса на новинарите, фоторепортерите и снимателите при покривањето на високоризичните настани да се легитимираат усно. И тоа е релативно позитивна придобивка. Не верувам дека која било редакција која држи до себе ќе си дозволи во иднина да испрати новинар на настан без легитимација. Она што му се случи на Ибрахими, а што дознавме преку брзата реакција на неговиот уредник и претседателот на ЗНМ, освен прашањето за новинарска легитимација покажа и нешто друго – директна примена на фамозната дефиниција на новинарот само преку неговиот работно–правен статус содржана во Законот за медиуми. Тоа најдобро го илустрираа текстовите кои го оспоруваа тврдењето на уредникот на Лајм дека Бесим Ибрахими е новинар. Го оспоруваа преку неверојатно лесно добиени (лични) податоци од Агенцијата за вработување и Управата за јавни приходи. Едноставно, не зел пари за својот ангажман, нема склучено договор , ерго – не е новинар.
РЕСТРИКТИВНО ДЕФИНИРАЊЕ НА НОВИНАРОТ
Рестриктивното дефинирање на новинарите само на две групи „вработени“ или „слободни“ ги исклучува сите кои се бават или и припаѓаат на новинарската професија, а кои во моментот немаат склучен договор за ангажман во медиум, па дури и ако тие се долгогодишни новинари, членови на домашни и меѓународни новинарски асоцијации, синдикати, потоа новинари вработени во продуцентските куќи, студенти, пензионери, оние кои пишуваат и информираат без паричен надомест, како што е случајот со практикантот на Лајм. Се разбира, пишувачите на Законот тоа го знаеја, но инсистираа токму на таквата дефиниција која ќе им послужи за елиминирање на сите за кои ќе се укаже потреба да бидат прогласени за „поранешни“ или не-новинари. Она што е содржано во дефиницијата која дозволува статус „слободен новинар“ е мачкање очи на нашите наивци и за меѓународните експерти, кои го следеа донесувањето на Законот. Статусот „слободен новинар“ е непознат за македонското законодавство и не е регулиран во постојниот Закон за работни односи. Ниту во Законот за работни односи, ниту во Законот за медиуми не постои член кој што го дефинира овој статус. Тоа значи дека секој оној што работи како „слободен новинар“ нема да може да ги регулира своите обврски и своите права пред надлежните институции како што се Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување, Фондот за пензиско осигурување, Фондот за здравствено осигурување, туку и понатаму ќе биде воден како “невработен“. Како тоа изгледа во пракса се гледа по текстовите на новинарите „истражувачи“ кои веднаш пронашле дека уапсениот новинар на Лајм не примал хонорар, немал склучено договор, значи „се преправал дека е новинар“.
ОДЗЕМАЊЕ НА ПРОФЕСИОНАЛЕН ИНДЕНТИТЕТ
Рестриктивната дефиниција на новинарот преку работниот статус отвора можност неподобните новинари на кои, под притисок на власта ќе им биде прекинат работниот однос или ќе им биде затворен медиумот, да бидат прогласувани за “поранешни” и да им биде одземен професионалниот идентитет. Впрочем, потребата од такво стигматизирање на новинарите ја видовме по затворањето на медиумите од Перо Наков и третманот особено на проминентните лица од ТВ А1. Кога ќе му одземете професионален идентитет на новинар, како што покажа случајот со новинарите на А1 и последниот на Ибраими, само небото е лимит во пронаоѓањето на „финасиерите“, „странските фондови“ за разни цели. За Ибраими тоа се фондови кои шират радикален ислам, во други случаи тоа се фондови за „национално предавство и менување на името“, во трети за „разнебитување на земјата“.
ОПАСНОСТИТЕ СОДРЖАНИ ВО ЗАКОНИТЕ
Дополнителен сомнеж за злоупотреба на дефиницијата на новинарот како алатката за сегрегација, е и тоа што онлајн медиумите не влегуваат во регистарот на медиуми. Формално правно, доколку сака, некоја институција, може да се повика на тој факт и да одбие да третира и да одговара на прашања, да забрани пристап на прес конференции или настани на новинари од порталите или да не ја признае нивната легитимација. Исфрлањето на порталите од регистарот на медиумите воедно го загатнува прашањето и за примената на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда. Дали за новинарот во интернет медиум, кој не е во регистарот на медиуми, важи ограничувањето на висината на досудената казна од две илјади евра? Што ако тужителот излезе со тврдење дека некој не е новинар заради тоа што не работи во регистриран медиум и побара казна како за другите граѓани, а, како што знаеме, таа не е ограничена. Се разбира, ова се црни сценарија кои се далеку од досегашната пракса. Но, тие се вткаени во законската регулатива. Постојат како можност. Во земја во која контролата на медиумите и пресметката со новинарите од ден на ден добиваат нови „креативни решенија“ навистина е наивно и неверојатно опасно да се преправаме дека не ги гледаме можните алатки на репресијата. Или, како што вели Чехов, ако во првиот чин на драмата гледаме пушка закачена на ѕид, до четвртиот чин таа пушка – мора да пукне.
PS: Во овој текст е намерно игнорирано прашањето за можно учество на Ибрахими во протестите. Прво, затоа што МВР наместо брифирања на свои новинари со аргументите „жими мајка“ никогаш не излезе со доказ за неговото наводно учество во толпа. Второ, затоа што едно друго „учество во толпа“ на новинар на настаните на Кале, кога дојде до судир меѓу Македонците и Албанците, е регистрирано со камерите и објавено на вестите на една наша национална телевизија, но тој новинар не само што не беше уапсен, казнет, дисциплиниран, туку е денес именуван како „иднината на македонското новинарство“. Без ронка цинизам, но со голема горчина, можам само да се согласам, иднината на македонското новинарство е токму „учество во толпа“.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Слики: Dudi Ben Simon