Создавајќи ја празнината

15.07.2014 12:25
Создавајќи ја празнината

Игор ТОШЕВСКИ, „Уметноста како вистина“, 2014, дигитален печат на платно, 200 х 150 см

 

– политичка конфронтација со уметничка имагинација –

 

„Наспрема овој свет стои една флејта на уметноста. Таа, недвојбено, претставува принцип на храброста во самиот потфат на мислењето. Ние мораме да бидеме длабоко вкопани во течението на своето време, а сепак да дејствуваме вон него.“
Осип Мандљштам

 

Осип Мандељштам ни говори дека суштината на поезијата е во трпението, во трпеливото исчекување. Тоа го говори со вперен поглед во насилството на 20 век, на столетието кое го живее, без да знае дека тоа насилство ќе се прелее во 21 век на еден многу поперфиден, биополитички, катадневно еугенички, со легислативи уреден концепт на одземањето на животот, на правото на живот, пред сè на симболичко, но и на фактичко рамниште. Одредувајќи ја поезијата како парадигма на трпението и исчекувањето, всушност, можеме во еден елиотовски манир, да укажеме на тоа дека таа не им припаѓа ниту на ветувањата ниту на иднината ниту на сеќавањата ниту на носталгијата ниту на меланхолијата. Поезијата ја конституира и се конституира од субјективноста на мигот во кој настанува, креирајќи го „времето сегашно, кое ги содржи времето идно и времето минато“, едновремено (Т. С. Елиот). И токму во нејзиното кредо на исчекување е склопчен неразбудениот отпор кон човековото страдање. Поезијата е јадрото во кое се артикулира вриежот на отпорот, преку кој се согледува поетиката на ова време како поетика на трпеливост кон феномените на варваризмот и насилието.

ПРОТИВ МУЗЕОЛОШКИОТ КОНЦЕПТ

Поетиката на ова време е поетика на скаменето чекање и поданичко прифаќање. Никој ништо не презема и покрај привидот на доминантната нарација на непрекина создавање (хипер)текстови, на постојана делотворност, проектност, активност. Секој копнее по комфор, па, така, копнеејќи по она што нема реален објект во стварноста, го оприсутнува симулакрумот на неговото постоење. И така, заробени во исчекувањето на оприсутнетоста на копнежот, се соочуваме со една нова поетика - поетика на прагот. Како во некоја слика на Рене Магрит, во која луѓето, главно без лица, огледално скаменети и мултиплицирани, без моторика и движење, стоиме пред скршениот, трошен камен праг на политичкото, на социо-културното, структурирано општествено дејствување и артикулирање на нашите животи.

Низ тоа исчекување, низ таа скаменетост на политички наметнатиот музеолошки концепт, потребно е да создадеме анти-музеј на отпорот во кој освен што ќе се архивираат и паметат настаните, оперативно и живо ќе се процесуираат нашите мислечки и дејствителни крици. Анти-музеј на мислечкиот отпор во рамките на музеолошкиот политички проект кој ја заробува и врамува мислата. Анти-музеј во кој наместо восочни фигури, кои ќе ја прикажуваат лажната историска дисциплинираност на колективитетот, ќе создаваме територии на слободата, на мислењето и на трансгресијата и ќе ја пречекоруваме скаменетата, меморијална, споменична сегашност.

ШТО СО ИСЧЕЗНАТА ПРИСТОЈНОСТ ИЛИ ЗА УТОПИЈАТА НА ПОЕТСКОТО

Но, кога веќе толку долго чекаме, требаше во тој празен простор едно нешто да согледаме и осознаеме. Ова не е време на поетика на преговори. Потребни се акција и конфронтација во која политичкото ќе добие естетски зрела автономија, креативност и бескомпромисност, својствени за уметничката пенетрација и обликување во/на светот. И, затоа, теориски, речиси епифаниски, но и апликативно, мора да се врати „утопијата на поетското“, кое ќе претставува ревоспоставување, конзервирање и реставрација на трошниот праг помеѓу пречекорувањето и непречекорувањето на исчезнатата пристојност. Ние, насред вулгарноста на социо-културниот контекст, мораме со сите расположливи средства да се бориме не само за новите политики, туку за пристојноста. Бидејќи многу е непристојно. А за таквата непристојност сите сме одговорни. И на крајот од краиштата, не можеме да говориме за слобода доколку сите немо/пасивно исчекуваме да исчезне неугодното во културата.

Инес ЕФРЕМОВА, „Стравот го врти светот“, 2014, дигитален печат, 100 x 200 см

И НЕЗАМИСЛИВОТО МУ ПРИПАЃА НА МИСЛЕЊЕТО

Го потценивме варваризмот, прогласувајќи го за немислечки, презирајќи го, игнорирајќи ја неговата моќ. Со тоа, несакајќи, го прогласивме за неполитички. Секој варваризам е мислење. Во историјата постои ‘рвање околу оваа парадигма. Многумина на варваризмот му ја одземаат мислечката вредност. Ако имаме каков-таков консензус дека ова што ни се случува е некаков кадифен варваризам, кој своите популистичко-фашистички атрибути ги сокрива во некоја прифатлива демократска дискурзивност, тогаш нашата грешка е во тоа што го потценивме мислењето, варварското мислење на владејачката актуелна гарнитура.

Тоа ни се врати, најочебијно, преку сите нивни културни практики и злоупотреби на идејата за културата. Да се мисли дека варваризмот не мисли всушност претставува една подмолна процедура на ослободување од вина. Политиката е мислење, варваризмот не е. Тоа значи дека ниту една политика не е варварска, ниту фашизмот на социјал-демократската партија во Германија, ниту гулазите на Сталин, ниту културната револуција во Кина, ниту колонијалните и пост-колонијалните акции на велесилите. Овој силогизам служи да се затскрие очигледниот враварски парламентаризам, кој всушност претставува капитал на кој ние денес сме му потчинети. Значи, на мислењето треба со мислење, концентрирано критичко промислување да се возврати. Но и со дејствителност. Да се соочиме: повлекувајќи се во резигнација или ароганција, млако дејствувајќи им го (пре)дадовме ним тој простор на слободно мислење и дејствување.

ЗБОР-ДВА ЗА ПРИВИДОТ

Искуството на реалното е искуство на ужасот, кој често се прифаќа како невидлив и како нормалност. Ужасот е само еден од видовите на привидот на реалното и ништо повеќе. А привидот на реалното е она што највешто се воспоставува во искуството на паноптикумската моќ. Клучните прашање, за жал, никогаш не се наоѓаат во доменот на имагинарното ниту му се обраќаат нему. Тие се насочени кон залудниот обид да се открие што е тоа што во радикалниот експеримент наречен живот има улога на реално. Ниту во еден пример тоа, секако, не е вербата во ветувањето за подобро утре. Субјективните, индивидуалните способности за дејствување, храброста, кукавичлукот, акцијата, резигнацијата секогаш се наоѓаат во сегашност.

На сцената е поставена острастеност по реалното кое се воспоставува со монтажата на привидот. Нам ни е потребно да ја вратиме киднапираната сегашност, и да го реартикулираме привидот на реалното. Потребно ни е да создадеме автономна зона на доверба која во мноштвото различни концепти и мислења нема оперативно да се блокира, која ќе ги надмине паланечките, минорни и лични егзистенцијални стравови и ќе зачекори без страв кон хоризонтот кој постојано ќе се поместува.

Виталиј КОМАР, „Алекс живееше, Алекс живее, Алекс ќе живее”, 2012, комбинирана техника, 60 х 110 см

КОНФРОНТАЦИЈА И ПОЛИТИЧКА ИМАГИНАЦИЈА

Време е за едно металакановско уточиште на реалното, кое нема да го монтира привидот. Кое ќе создава постојани стратегии на/за конструктивни конфронтации и политички утопии. Заедницата која се заснова врз политичка култура на критичко дејствување и соочување преку конфронтација, е заедница на слободата, на взаемноста, на храброто пловење кон новите хоризонти на општеството предавајќи им се на искушенијата на креативната конфронтација и политичката имагинација.

Оти ова е време кога сакаме да го избегнеме секое непосредно искушение, секое автентично и длабоко искуство на другоста. Сакаме да бидеме безбедни, конфорни. Ако не ни одговара ќе го напуштиме другиот. Ако другиот страда тоа е негова работа. Треба одново да се измислат ризикот и авантурата против сигурноста и конфорот. А вистинскиот активист, треба да биде посветен љубовник, а тоа значи да влегува во ризик, да експериментира, да нуди нови светови, да се грижи за другиот!

Овие неколку години имаме обиди за конфронтација со опозитот, со лагата, со измамата, со оние кои произведуваат огромни количества насилие врз секојдневието, со крадците на нашето тивко и достоинствено дено-ноќие. Но сето тоа е расплинето, нефокусирано, разлеано, аморфно, конфузно. Ќе имаме ли храброст и одважност да создадеме основа за радикална конфронтација и јасно структурирано поставување во однос на контекстот кој нужно бара радикалност, инсистира на систематизирана политичка култура, која ќе има своја поетика (како што нè учеше Жак Рансиер), и која ќе биде доведена до некои уметнички, ете, нека бидат Брехтијански димензии.

Време е за конфронтација, а не за преговри. Перманентна конфронтација која ќе дестабилизира за да предизвика стабилизација. Бидејќи конфронтацијата секако е облик на преговарање.

Да не се лажеме, ние живееме под опсада, во фингирана реалност. Во таквиот пејзаж софистицираните преговори, договори, разговори, т.н. соработки се само еден бесконечен процес од кафкијански размери. Затоа се застапувам за силна, жестока конфронтација, тактички добро осмислена, која прво јасно ќе нè постави наспрема, а потоа ќе го отвори патот за нашите фокуси и потреби. Не е време на меки отстапувања во име на добивање трошки. Време е за офанзивно заземање на политичкиот и социо-културниот простор. Нашите досегашни културни практики треба да се претворат во нешто што ќе има значење за пошироката општествена битка и треба да водат кон прекин на секаква комуникација со „оние кои го создаваат пустошот, со цел создавање на државата одново“, како што заговараше Роберто Беличанец.

Филип ЈОВАНОВСКИ, „Загинати се бројат само во војна”, 2014, инсталација

Носиме премногу ад хок одлуки во дејствувањето и како муви без глави се обидуваме да го следиме ритамот кој тиранинот ни го поставува. Ни претстои мудро реформулирање на она што значи заедница која ќе биде спремна да најде една тема, една цел која ќе биде поголема од мноштвото бедни и банални теми кои го креираат уште побаналното злосторство во кое живееме.

УЛОГАТА НА СВЕДОКОТ

Дојдени сме во точка на дискурзивност и на дејствителност во кои преовладува чувството дека сè е испразно и дека сè е само дел од општеството на спектаклот - и прифаќањето и протестот. Сега, она што ни преостана е да бидеме добри, посветени и внимателни сведоци, да следиме, да согледуваме, да не игнорираме залегнати во апатичниот конфор, да паметиме и да донесеме заклучоци за некое идно политичко, стратешко манифестно дејствување. Џорџо Агамбен, опишувајќи го искуството на преживеаните во Аушвиц, вели дека единствениот мотив да се преживее холокаустот е преземањето на улогата на активен сведок што е мисија која ја редефинира силната потреба да се замине во смрт, да се опстои непокорно со крената глава пред искуството на болката и стравот. Да се биде одговорен сведок на понижувањето, на насилието, на голиот живот, не е чекор кон злопамтење и реваншизам, туку чекор кон градење конструктивна битка со она што Вирџинија Вулф го нарекува „тиранија на заплетот“. Бидејќи ние се наоѓаме токму во таквата тиранија, која има предвидлив заплет, но непредвидлив расплет. Затоа наша задача е да бидеме автори, уметници, создавачи не само на расплети туку и на заплети. Да не дозволиме некој друг да ни ја создава тиранијата на заплетот. Да бидеме творечки, авторски, концептуален чекор понапред од тиранинот.

УМЕТНИЧКА АВАНТУРА – ПОЛИТИЧКА СИГНАТУРА

Политичката конфронтација треба да има уметничка вредност, да биде техне, вештина. Еди Рама еднаш изјавува: „Да се биде градоначалник на Тирана е највисока форма на концептуална уметност. Тоа е уметност во најчиста форма.“ Дали ние имаме капацитет за такво визионерско проникнување на политичкото и уметничкото, тоа е друго прашање.

За да може да се осветли преплетувањето на уметноста и политичкото низ историјата сè до сегашноста, треба да се артикулира едно современо поимање на она што значи револуција, имајќи на ум дека главната релација на уметноста со политичкото, се воспоставува преку револуционерните парадигми. Но, токму затоа, врската помеѓу уметноста и политичкото би требало да се еманципира од големите нарации, пред сè од Француската и Октомвриската револуција, кои се надоврзуваат едновремено на многу конститутивни и револуционерни практики од 19 и 20 век. Карл Маркс во 1871 година збележува дека „сите револуции само ги усовршуваат државните машинерии наместо да ги отфрлат како смртоносна ноќна мора“. Што значи ова? Зар Маркс е против борба? Против борба за правда, за солидарност, за заедница која ќе обезбеди ненасилен, во една поширока смисла, концепт и контекст? Маркс, всушност, сака да направи разликување на она што го носи со себе како политичка вредност револуцијата и она што го носи како политичка вредност отпорот. Во видното поле доспеваат оние активистички линии кои ја поимаат револуцијата како незавршен, молекуларен процес кој не се доведува нужно во врска со државниот апаратус туку настанува пред државата и речиси вон неа.

Владимир ЛУКАШ, „Делете ја, парчете ја!”, 2014, торта, хартиени чинии, кујнски прибор

Оттаму, акцентот се става не на револуција, туку на побуна, на отпор кој не руши едно поле на моќ за да воспостави ново поле на моќ туку јасно се поставува наспрема лажната стабилност која ја проектира моќта. Отпор базиран врз идејата за која говори Јулија Кристева во своето дело Револт, а тоа е идејата за привременоста и за привидот на стабилноста. Уметникот, граѓанинот, политичарот ќе мораат да прифатат - стабилност не постои. „Стабилноста е привремена, конфликтите се вечни, ако ништо друго затоа што постои задоволство во конфликтноста.“, вели Кристева. Конфликтноста и нестабилноста на состојбите, во овој контекст никако не се сфатени како трепетен деструктивен немир, туку како непрекинато создавање на критички перспективи кои се единствениот начин да се артикулира слободата во концентрични кругови на единството на различностите.

Оттаму ја гледам врската помеѓу политичкото и уметничкото. Отсекогаш најважната страна на уметноста е да изнајде „нестабилни ситуации“. Уметноста има задача да создава „конфликтни ситуации“, во една аристотеловска смисла. Конфликтност која води до ослободување, катарза. Уметникот е одговорен да го прави тоа, инаку не е уметник.

Мораме да развиеме наша сопствена естетика, политичка естетика и политички систем. Мораме да бидеме преведувачи на една во друга стварност, кројачи кои ќе исцртуваат шнитови за постојана мобилност на вредностите, кои ќе создадаваат идеолошко критичко опкружување што ќе биде наспрема владејачкиот вредносен систем, па кој и да е. Политичкиот отпор, налик на уметничкиот, мора да подразбира љубов, лудило, храброст, бескомпромисност, метод, знаење, структура, копнеж по праведен подобар свет. Страст по различните наличја на вистината.

Нам ни се случува нешто што е спротивно на суштината на уметноста – имено владејачката, државна, партиска идеологија насилно ни се наметнува во облик на уметност (се разбира лоша, но, сепак, е вештина и уметност). Тоа наликува на политичките поредоци во 30-тите години во фашистичка Италија, нацистичка Германија и комунистичкиот Советски Сојуз. Никогаш и никаде модерната уметност не била толку подложена на репресија како тогаш. Но, токму, наспрема таквата репресија се развиваат силни слободократски и еманципаторски потенцијали. Загрозена во своето опстојување, уметноста во таквите прилики запловува во оазите на слободното изразување создавајќи јадро/практика/поетика која ги ревитализира загубените критички и субверзивни потенцијали на она што ни е наметнато како преовладувачка, доминантна културна и политичка нарација. Само на тој начин и политичкото ќе добие нова уметничка вредност.

Ѓорѓе ЈОВАНОВИЌ, „Мисија“, 2014, колаж/интервенција, ѕидна инсталација

МИСТЕРИЈАТА НА ОТПОРОТ

Се занимаваме со темата отпор веќе подолго време. Би сакала да дадам една малку поинаква перспектива на оваа тема. Според Фуко, отпор има онаму каде што има моќ. А, сепак, токму заради ова, отпорот не лежи никогаш вон моќта. Фуко, анализирајќи ги односите на моќ ни вели дека отпорот не е само последично дејство и негација на форматот на моќта, а со тоа секогаш на некој начин пасивна позиција која е подредена на една доминантна страна. Хетерогеното разбирање на отпорот е одговор на не веќе единствената претстава за моќта како вкупност на институции кои го организираат и дисциплинираат граѓанското општество и против кои треба да се бориме, туку како мноштвеност на односи на сили кои организираат една те иста територија. Нашата територија на отпор е истата онаа која ú припаѓа и на моќта. Затоа треба да бидеме внимателни. Нашата потреба да се поставиме наспрема, да артикулираме отпор е многу комплексна – таа едновремено ја верификува негативната сфера на моќ, но воедно е на пат да конституира и нова моќ. Затоа често постои неспособност да се пречекори линијата да се премине на другата страна, да се навлезе во сферата на утописко-еманципаторскиот концепт за отпор и протест. Стравот од тоа каква моќ треба да се ревоспостави е блокирачки и голем.

Отпорот не смее да се третира во неговото површно значење на зборот , едноставно како противпозиција, опозиција. Тој мора да претставува не само реактивна туку и проактивна парадигма.

Еден од најинтересните формати на отпор, како тактичка стратегија е оној за кој говори Антонио Негри, а тоа е ефективноста на ширењето на празнината. Мораме да ја шириме структурно-политичката празнина, радикално да одрекуваме, да се опираме да дадеме легитимитет на постоечките содржински политички симулакруми, кои ги создава тиранинот, за да создадеме нов простор за редефинирана политичка содржина. Мораме да покажеме и да докажеме дека станува збор за огромен празен простор во кој нема содржина, туку има само привид на нормалност. Како во концентрационите логори кога има културно-уметнички содржини кои симулираат живот пред да се влезе во коморите на смртта.

Повеќемина од нас сонуваат за антагонистичка и агонистичка форма на креативната моќ. За еманципација на креативната моќ, за радикална анти-моќ, за која говори Антонио Негри. „Доаѓа време да се запрашаме дали постои како теориски така и во практиката една позиција која овозможува отпор во однос на тоа да се западне во мрачното и терористичко битие на државата. Со други зборови, станува збор за тоа да се побара некое стојалиште кое овозможува дистанца од зададената и маѓепсничка моќ, која е доведена до ниво на уставна ултимативност. Тоа стојалиште се конституира како постојан, секојдневен креативен и истраен отпор, како органска, генеричка моќ која стои наспрема наметнатата, псевдо-законодавна моќ, која сакаат да ни ја востоличат како единствена оние кои во мигот имаат шанса да ја практикуваат институционално.“, вели филозофот, парламентарецот и, веројатно, мастермајндот на Црвените бригади, Антонио Негри.

ПОМЕЃУ ОБЕЗНАДЕЖЕНОСТА, МОЛИТВАТА И ДЕЈСТВИТЕЛНОСТА

Многумина од моите пријатели ми велат дека се истоштени, изморени. Велат, истоштени се од обезнадеженоста, од големото ништо, од залудноста на своите акции, од јаловоста, од вртењето во круг. Ме замислија и се запрашав што да се прави во миг на обезнадеженост, на целосно испразнет простор во кој ништавноста на спектаклот е најуспешната алатка на владеење? Што да се прави врз руините на едно општество, на една историска сегашност? Па, речиси, како само молитва да преостанува, некој ми рече. Но, Жак Дерида вели дека молитвата не ја подразбира надежта. Консеквентно на тоа, би рекла дека не треба да нè плаши отсуството на надеж. Треба да нè плаши отсуството на дејствителност.

ЗА КРАЈ УШТЕ ДА ПРАШАМ - ШТО БЕА ТОА МУЗИ?

Вака, скаменети, ќе мораме да се потсетиме какво е значењето на Музата. Музите во своето име кријат корен кој означува жар, жива напнатост, која расне од нестрпливост, копнеж или гнев, напнатост која гори од желба за спознание или дејствување. Музата оживува, поттикнува, буди, покренува. Но таа поттикнувачка сила се раѓа во множината, во мноштвеноста. Во повеќеслојноста на секоја индивидуалност која станува интегрален дел од заедницата, која има капацитет да создава, да антиципира, да менува. Да не се плашиме да ја именуваме нашата Муза. Нашата муза е музата на радикалната конфронтација пред сè со себе и со своето отсуство на дејствување, а потоа и со привидот на дејствителност на другиот. Тоа е таа десетта муза...

Сликите се дел од изложбата „ТОЧКА НА ТОПЕЊЕ: Уметноста како анти-хегемониска пропаганда“ организирана од Кооперација

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Активизам / Култура / Теорија
Општество / Теорија

ОкоБоли главаВицФото